Daily news
ПОПГМ: Сега е веќе јасно кој стои зад протестите

Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ) упатува јавна благодарност до граѓаните во земјата, кои останаа мирни и со висока свест и одговорност за иднината на државата, во моментите кога ситуацијата лесно можеше да кулминира и да излезе од контрола.
„Само граѓаните, со мудроста и цврстата определност – на насилството да не одговорат со уште поголемо насилство, спречија да дојде и до меѓуетнички судири, по што немаше враќање назад.
Сега е веќе јасно кој стои зад протестите на т.н. Иницијатива за заедничка Македонија.Врхушката на ВМРО ДПМНЕ, спасувајќи ја сопствената кожа за сторените злосторства и невиден криминал, во највисокиот законодавен дом – храмот на демократијата, ги инспирираше и ги поттикна заблудените поддржувачи да направат крвав пир, со јасна намера да убијат неколкумина пратеници.
Со индигнација и неверување упатуваме најостра осуда до институциите и поединците, кои беа дел од толпата, особено Министерството за внатрешни работи. – Дел од униформираните лица и специјалци не само што ѝ дозволија на толпата да влезе внатре туку нескриено ги одобруваа нивните постапки. Полицијата, платена и задолжена да нè чува сите – до најобичните смртници, најнапред ги пушти насилниците да тепаат новинари и пратеници, а потоа покажа дека, сепак, ако сака, има сили и средства да ги отстрани, а повредените да ги евакуира! Со тоа покажа чии наредби извршува и во чија заштита се ставила.
За среќа, народот уште еднаш победи. Оној народ што остана дома, покажа мир и возврати со трпение! Уште еднаш ја покажа мудроста, пред лудоста на одредени политичари, кои, штитејќи се себе, земјата ја туркаат во пропаст, пред очите на домашната и меѓународната јавност, која се солидаризира со граѓанството кое застана на вистинската страна на историјата, поддржувајќи ја одлуката на јасно оформеното мнозинство, за деблокада на Собранието и избор на нов претседател. Со истата мудрост и трпеливост и со поддршката на пријателите од меѓународната заедница, ќе продолжиме со следните чекори на избор на нова влада“, се вели во соопштението на ПОПГМ крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.