Daily news
По 15 години во подрум, 5200 наслови и 2000 магазини осветлени во библиотеката на МСУ
Правливи и заборавени една и пол деценија, 5200 наслови на антологиски стручни изданија, енциклопедии, монографии, каталози и 2000 магазини од областа на уметноста, собирани од далечната 1969 година, се вратени на полиците во адаптираната библиотека на Музејот на современа уметност, и од денеска се на располагање на студентите и сите други љубители на уметноста. Освен што тие 15 години биле во подрумот на институцијата, пред шест години се избришани од регистарот, како воопшто да не постоеле.
Причините зошто биле запоставени и дали некој едноставно не сакал да води сметка за нив, директорот на Музејот на современа уметност, Лазе Трипков, не ги знае, но вели дека еден од приоритетите му бил библиотеката и сите изданија да бидат повторно достапни за јавноста. Тој се надева дека фондот на изданијата наскоро ќе биде збогатен.
„Не знам зошто овие скапоцени изданија досега биле заборавени како непостоечки кога се вистинска истражувачка ризница. Побаравме помош од ресорното министерство, кое ни помогна во дел од активностите, но, за среќа, во пресрет ни излезе ‘Еуролинк’ и работата се заврши. Се надевам дека во иднина ќе успееме да прошириме повеќе вакви сродни дејности, освен примарната изложбена активност“, изјави Трипков на денешното отворање на библиотечниот оддел.
Оваа дата база е воедно најголемата за модерна и современа уметност во Македонија.
За Олга Костовска, претседател на Надзорниот одбор на „Еуролинк осигурување“, оваа донација на МСУ е прв чекор во долгорочната соработка на компанијата со оваа реномирана културна институција и е само најава за бројни активности кои ќе се реализираат годинава. Компанијата ќе вложи дополнителни 1.100.000 денари како генерален покровител на сите активности на МСУ за годинава. Инаку, донацијата е во рамки на платформата за корпоративна општествена одговорност на оваа компанија и е насочена кон образованието, културата и уметноста.
„Нашата компанија слави 15 години постоење и продолжува да дава придонес во зачувувањето на уметничкиот израз и прогресивниот дух на нашата заедница. Сакаме да придонесе во зачувување на трајни уметнички вредности како насока за идните генерации“, рече Костовска.
На отворањето присуствуваше и Елизабета Канчевска Милевска, која смета дека изложувањето на овие публикации и изданија е многу значајно заради едукативниот карактер. Таа нагласи дека во завршна фаза е доведен и издавачкиот проект за преводите на многу монографии и дела од областа на уметноста.
Музејот на современа уметност кон крајот на месецов (26 април) почнува со серија изложби насловена „Заборавени“, која ќе вклучи македонски ликовни уметници што живеат и творат во странство. Првата изложба од овој циклус е на Михајло Арсовски, дизајнер што работи во Хрватска. крај/мф/ав
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.