Daily news
Предмети кои се извор на зараза
Многу од предметите кои би требало да го подобрат квалитетот на нашиот живот можат да имаат целосно спротивен ефект. За да го избегнете тоа, обрнете внимание на тоа како правилно да ги користите тие предмети и на тој начин намалете ја можноста за штетно влијание врз вашето здравје.
Сунѓер за капење
Сунѓерите се идеална средина за развој на бактерии и габички кои лесно можат да предизвикаат инфекција. Поради тоа, изберете сунѓери направени од природни влакна бидејќи тие содржат ензими кои го контролираат развојот на бактерии. После секоја употреба убаво измијте го сунѓерот, исцедете ја водата од него, а кога ќе се исуши чувајте го на суво место. После 30 дена употреба, сменете го сунѓерот со нов.
Освежувач на воздух
Кога од сувиот воздух ќе почнат да ви се сушат кожата и дишните патишта, освежувачот на воздух ви носи големо олеснување. Но, доколку не го одржувате правилно, тој станува лежиште на разни патогени габи кои ги распрскува во воздухот. Задолжително менувајте ги филтерите и водата и не ја оставајте отстоената вода во освежувачот после употреба бидејќи во неа се акумулира мувла. Испразнете го апаратот целосно и наполнете го со вода непосредно пред употребата. На секои три дена чистете го и со четка, за да го отстраните евентуално собраниот талог.
Стапчиња за уши
Восокот кој се собира во ушите ги штити чувствителните внатрешни делови на увото од нечистотии, прашина и бактерии. Докторите советуваат да не го ставате стапчето во ушниот канал бидејќи на тој начин можете да го турнете восокот уште подлабоко во увото. Наместо стапче, користете малку памук и чистете го исклучиво делот на самиот влез од ушниот канал.
Блендер
Сигурно и вие после употреба го миете својот блендер, но повеќето луѓе забораваат да го измијат најважниот дел од гумениот прстен кој го држи ножот на место. Според многу истражувања, токму тој дел од блендерот е еден од највалканите предмети во кујната и вистински извор на бактерии како салмонела и Ешерихија коли. После секоја употреба морате до крај да го расклопите блендерот и добро да го измиете ножот и „прстенот“.
Гумени или силиконски кујнски шпатули
Повеќето шпатули кои ги користиме при подготовка на колачи имаат „глава“ која може да се одвои од рачката. Во текот на подготовката во неа навлегува храна, се таложи и се создава одличен извор за развој на бактериски слој. Поради тоа, после правењето колачи не заборавајте да ја одвоите рачката од главата и посебно убаво да ги измиете.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.