Daily news
Романските актери без маски ја забавуваа публиката на Охридско лето
Националниот театар „И.Л. Карагијале“ од Букурешт синоќа во предворјето на црквата „Света Софија“ го приреди концертното шоу „Меџик нешнл“ за публиката на фестивалот Охридско лето, а во режија на познатиот романски актер и режисер Јон Карамитру.
Наместо со маски, актерите од овој театар, со песна, музика и танц, речиси два часа ја забавуваа публиката одделувајќи ја од секојдневието и носејќи ѝ една уметничка одисеја со ретро провејување, но во современ ритам. Хемијата помеѓу главните на сцената и тие што ракоплескаа особено дојде до израз во втората половина од концертното шоу кое донесе брз и ведар ритам.
Медеа Маринеску е една од актерките што синоќа остави силен впечаток. Таа беше задоволна од настапот пред охридската публика, но и воодушевена од амбиентот во кој се одржа шоуто.
– Овој вид перформанс магично се вклопи во амбиентот каде што настапивме. Првпат играме на отворен простор, па, така, пред да настапиме се прашувавме како ќе изгледа сето тоа на сцената. Кога го изведуваме ова шоу во Романија, публиката пее и рецитира со нас. Овде публиката не го разбира романскиот јазик, но затоа таа тргна кога тргна и музиката и ритамот. Иако имавме многу текст на романски, сепак мислам дека публиката разбираше по нешто – изјави Маринеску.
Актерката Ајлин Кадир на сцената долови нишки од букурешките романси, пренесени на нејзин автентичен и мистериозен начин.
– Местото каде што настапивме е најсоодветно за ова концертно шоу. Многу е поинакво шоуто кога го играме во нашиот театар. Едноставно атмосферата овде е прекрасна поради архитектурата и самата местоположба на црквата. Иако проектот го играме веќе две години, настапот во Охрид беше поинаков. Инаку, првпат сум во Охрид и на Охридско лето, но слушнав за градот и фестивалот минатата година од моите пријатели од „Арт оркестра“. Ми раскажуваа многу убави нешта за Охрид во кои сега и самата се уверив – рече Кадир.
На синоќешното концертно шоу актерите Едуард Адам и Лари Гиоргеску раскажуваа приказни за животот и уметноста, но не со зборови, туку со пантомима, импровизација и интересна кореографија.
– Местото каде што настапивме, црквата „Света Софија“, ни даде силна енергија, но и нешто ново во нашата игра. Многу ми е жал што немаме многу време да останеме и да бидеме дел од публиката на фестивалот, па да размениме и мислења со колегите од други земји – рече Адам.
Музичко изненадување на концертното шоу „Меџик нешнл“ на Националниот театар „И.Л. Карагијале“ од Букурешт беа и најмладите членови кои придружени од дузина инструменти на сцената го доловија највеселиот и најритмичен дел од концертот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.