Daily news
Свечено предадена во употреба новата пешачко-рекреативна патека од Студенчички мост до просторот на некогашен хотел „Парк”
Иако охриѓани и гостите, чиј број е сè поголем во Охрид особено од странство, ја користат со месеци, од денеска и официјално, со пригодна свеченост, пуштена во употреба современата пешачко-рекреативна патека, од каналот Студенчишта до пред станбениот комплекс кај некогашниот хотел “Парк”.
Патеката е долга 1.300 метри и широка 10 метри, со две пешачки зони, две патеки за ролери и велосипеди, а во средината е хортикултурно уредена и осветлена.
Во рамки на патеката има и посебна фитнес зона, подарок од Република Турција, преку Агенцијата за спорт и млади.
Градоначалникот Никола Бакрачески најави изградба и на ново детско игралиште, а обраќајќи им се на присутните, рече:
– Oваа рекреативна зона на граѓаните им нуди одмор, рекреација и задоволство. Природата во Охрид многу дала, Бог не штедел кога давал тука и секако дал и разум оваа природа адекватно да ја искористиме и да можеме да уживаме во задоволствата кои ги овозможува. Еден од начините да уживаме во природата е и градбата на вакви рекреативни зони. рече Бакрачески.
Општина Охрид забрзано гради уште една пешачка патека, на потегот од ресторанот „Котва“ , пред Студенчишкиот канал, па покрај него, до Билјанините Извори.
Тендерот го доби охридската фирма „Бифора инженеринг“ со понуда од 19.846.559 денари (околу 323 илјади евра).
Беше најавено дека ќе биде готова до средината на летово.
Изградбата, најверојатно, ќе доцни, но, сепак, кога ќе биде готова, ќе биде една од досега најатрактивните во Охрид.
Ќе има патека за поминување на кајчарите, ќе има една рекреативна пешачка патека поголема, една велосипедска зона, просторот ќе биде хортикултурно уреден, ќе се постави ново осветлување во рустичен стил и, секако, ќе има една помала патека која ќе го опслужува малиот канал.
Практично, патеката ќе минува меѓу две води, со многу содржини за одмор и рекреација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.