Daily news
Села: Нема да му бидам министер на Заев
Лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, негира дека ќе го замени својот сопартиец Арбен Таравари на министерското столче во Министерството за здравство. По пишувањата во некои од медиумите дека ексградоначалникот на Струга е можен кандидат за прв човек во здравството, Села за „Макфакс“ вели дека нема намера да му биде министер на Заев.
– Јас министер на Заев!? Па, ве молам, се сметам за човек што има самопочит и интегритет – изјави Села за „Макфакс“, без да прецизира дали ова значи дека „Алијансата за Албанците“ ќе ја напушти владината коалиција.
Зијадин Села ја изгуби битката за градоначалник на Струга од кандидатот на ДУИ – Рамиз Мерко, кој досега ја извршуваше функцијата министер без ресор за привлекување странски инвестиции. Села изјави дека не ги признава изборните резултати бидејќи, според него, имало поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата. Тој го обвини Заев дека успеал да ја продлабочи поделбата меѓу етничките заедници, а Ахмети го повика да се пресметаат на парламентарни избори.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, се очекува да ја преземе градоначалничката функција во Гостивар, а за негов наследник веќе се шпекулираат имињата на офталмологот Беким Татеши, кој моментно е директор на Универзитетската клиника за очни болести во Скопје и д-р Фатмир Џафери, кој исто така е специјалист за очни болести.
Дали Министерството за здравство ќе остане резервирано за „Алијансата за Албанците“ нема официјална потврда, иако Таравари кога ја најави својата кандидатура за градоначалник уверуваше дека неговата партија има доволно лекари што ќе може да го заменат во Министерството за здравство. Владата треба да најде и нов човек на местото заменик-министер за образование бидејќи Висар Ганиу поднесе оставка и беше избран за градоначалник на Чаир.
Г.Н.Р
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.