Daily news
Се враќаат ли заборавените болести?
Танјуг – Белград
Заборавените заразни болести, од кои порано во епидемии умирале илјадници луѓе, а кои беа речиси искоренети, се закануваат повторно да се вратат, бидејќи во последните години се намали вакцинацијата на децата.
Во епидемија на мали сипаници во Романија, која се уште трае, заразени се над 3.500 луѓе, а умреле 17 лица.
Слични епидемии се случуваа и во Република Српска, Федерацијата БиХ, а во Србија досега се регистрирани само неколку случаи.
Слично е и со рубеолата, заушките, детската парализа, голема кашлица, тетанус, големи сипаници.
Тие болести беа пред елиминирање, а некои и искоренети, но поради се помалиот опфат на вакцинацијата, се закануваат да се вратат во епидемии.
Светската здравствена организација вели дека за да се држат под контрола заразните болести, мора да се вакцинираат минимум 95 отсто деца и само толкав опфат гарантира дека вирусот нема да има плодно тло да се развие.
Во Србија опфатот со MMR вакцината (мали сипаници, рубеола, заушки), која се дава во втората и седмата година од животот, е 81 отсто, т.е. во седмата 91,1 отсто, додека во Белград опфатот со вакцинацијата во втората година паднал на 65 отсто.
„Факт е дека немавме вакви епидемии и дека долго не се појавуваа. Тоа придонесе да престанеме да мислиме на нив и да мислиме дека некој друг ќе ја заврши работата на заштитата, пред се нашата и на нашите деца, а потоа и на целата популација, а тоа е вакцинацијата” – вели инфектологот Горан Стевановиќ.
Тој објаснува дека заразните болести сега бараат свој простор, а тоа се луѓе кои не се вакцинирани и не се заштитени, па во земји кои немаат добар опфат со вакцинацијата, веќе се јавуваат епидемии.
Епидемиолозите и вирусолозите предупредуваат дека некои заразни болести, кои благодарение на вакцинацијата не се појавува во последните децении, кога би се појавиле, многу лекари не би знаеле да ги препознаат бидејќи никогаш не ги виделе во пракса, туку ги виделе само во книги.
Вирусологот Ана Глигиќ вели дека тоа било причината за големата епидемија на вариола вера (големи сипаници) во 1972 година, која не била препозната од старт.
Болеста ја виделе и знаеле како изгледа само инфектолозите проф. Миомир Кецмановиќ и доцент Војислав Шуваковиќ, кои биле на специјализација во Индија, каде имало вариола, останатите за болеста знаеле само од книгите.
„Меѓутоа, додека ги повикале нив, вариолата се раширила” – вели Глигиќ, кој како шеф на лабораторијата за опасни вируси во Торлак го потврдила првиот случај на вариола вера во Србија, но и прва го видела и потврдила уште поопасниот вирус Марбург, но колегите од Марбург го потврдиле пред неа, бидејќи раководството на Торлак се одлучиле да почекаат ден два тоа да се објави.
Глигиќ вели дека со вакцинацијата против големите сипаници се престанало кога болеста била искоренета, но тврди дека вирусот и понатаму се чува во две лаборатории во Русија и САД, како и дека најголема опасност се заканува ако некој се одлучи големите сипаници да ги искористи како биолошко оружје.
Светската здравствена организација, како што вели, наредила на сите лаборатории во земјите каде имало заразени, да го уништита вирусот на големи сипаници и дека таа лично тоа го направила на Торлак.
„За разлика од многу други, вирусот е многу долго одрлжив и надвор од човечкиот организам, на пример на чаршавите на пациентите, на облеката” – објаснува Глигиќ и додава дека луѓето кои умирале во текот на епидемијата во Србија биле погребувани во лимени сандаци и дека теоретска опасност постои ако би дошло до некој одрон на земјиштето.
„Теоретска опасност постои, но не верувам дека вирусот може по толку години да биде жив, но никогаш не се знае. Најголема опасност се заканува ако вирусот од некоја лабораторија се искористи како биолошко оружје” – објаснува Глигиќ за Танјуг.
Една од причините што дошло до опаѓање на опфатот со вакцинацијата е и тоа што дојде до компромитирање на вакцината против пандемскиот грип H1N1 пред неколку години, кога се увезе голема количина на вакцината, а научниците почнаа да зборуваат дека тоа е повеќе комерцијала отколку превентива, како што вели таа.
Инфектологот Стевановиќ објаснува дека вакцинацијата пред се е мерка со која се штити поединецот кој се вакцинира, но дека на тој начин јакне и колективниот имунитет.
„Значи, ако го вакцинирате своето дете пред се го заштитувате него, но исто така се штитат и сите други деца, бидејќи многу е важен и колективниот имунитет. Едно гранче лесно ќе се скрши, но ако имате сноп од 10-15 гранчиња, тоа оди потешко” – вели Стевановиќ.
Како што вели, ако во детскиот колектив има 95 отсто вакцинирани деца, преостанатите пет отсто кои не се вакцинирани, бидејќи не смеат да примаат вакцина, исто така ќе бидат заштитени.
„Практично правите еден широк и исклучително силен фронт кој го спречува предизвикувачот воопшто да влезе во чувствителната популација и на тој начин се штитиме сите заедно” – заклучува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.