Daily news
Трајкови се вселија во новиот дом во Дедино, изграден од Фондацијата Чифлиганец
Ивана и Јован Трајкови од Дедино, Општина Конче, денес се вратија на семејното огниште, вселувајќи се во нов дом кој на место на старата куќа што целосно изгоре во пожар минатиот декември, им го изгради и подари Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец. Донаторот, д-р Чифлиганец, генерален директор на Адора инженеринг, по традиционалното православно осветување на новиот дом, на Трајкови им порача дека како човек од радовишкиот крај, секогаш близок и отворен за проблемите на граѓаните, за оваа хумана мисија бил поттикнат од древната традиција на македонскиот народ да биде солидарен со луѓето во невоља, што им помогнало да опстанат и на неговите дамнешни претци.
„Новиот дом за Трајкови во Дедино, го изградивме со многу љубов и желба да им помогнеме на Ивана и Јован, да издржат во најтешките моменти и пет месеци по пожарот да го продолжат животот во нов, убав, квалитетен и современ дом, што го подигнавме над пепелот на старото семејно огниште. Секој може да биде погоден од несреќа, но човечки е да си помагаме, а Трајкови во нивната деветта деценија заслужуваат да живеат достоинствено, сигурно и спокојно, во дом изграден со врвна стабилност и цврстина, со највисок квалитет, како прв енергетски ефикасен станбен објект од високата А класа во општините Конче и Радовиш. На брачниот пар Трајкови им посакувам во новиот дом безгрижно да ги минат пензионерските години со бериќетен благослов за нив и нивните потомци“, порача проф. д-р Ванчо Чифлиганец предавајќи им го новиот дом на Трајкови.
„Немам зборови да ја искажам нашата благодарност до Чифлиганец, човек од нашиот крај, кој дојде и не посети веднаш по пожарот, ги слушна нашите маки и ни подаде рака со помош. Огромна е нашата среќа што благодарение на неговата хуманост и човечност, за брзо време се подигна нова куќа над пепелот од старата и по зимата што ја минавме кај соседите, летото ќе го дочекаме во нашиот нов прекрасен и опремен дом“.-порача Ивана Трајкова.
За обновата на опожарениот дом на Трајкови, Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец вложи 25 илјади евра, а во изведбата беше вклучена фирмата Градба од Радовиш. Проектот во Дедино е дел од бројните хумани акции, донации за заедницата, доделени стипендии за образование, поддршка на науката, културата, спортот, уметноста и поединци за што Адора инженеринг во изминатата деценија има издвоено околу 2,5 милиони евра, оданочени пари.
На осветувањето на новиот дом на Ивана и Јован Трајкови во Дедино, присуствуваше градоначалникот на Општина Конче Благој Јованов кој истакна дека хуманата донација на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец и Адора инженеринг е од огромно значење за жителите на општина Конче./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.