Daily news
„Фич“ го потврди постојниот кредитен рејтинг на Македонија ББ
Aгенцијата „Фич“ го потврдува постојниот кредитен рејтинг на Македонија – ББ, со негативен изглед, соопшти денеска Министерството за финансии (МФ).
Според МФ, на потврдата на рејтингот влијаеја кредибилната, монетарна и макропрудентна политика, кои овозможија долготрајна стабилност на девизниот курс, ниска инфлација и стабилен економски раст.
– Економскиот раст за 2017 година е ревидиран на 2,3 отсто, но се оценува дека формирањето на Владата ќе резултира со подобрување на економските очекувања и активност и следствено ќе овозможи просечен раст од 3,2 отсто во 2018-2019 година. Иако буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз веќе растечкиот тренд на државниот долг, со 39,9 проценти во 2017 година тој е проектиран значително под просекот на 49,5 отсто од БДП на земјите со сличен кредитен рејтинг – наведува Министерството.
„Фич“ во извештајот нотира дека пролонгираната политичка криза е надмината со формирањето на новата Влада. Притоа, се оценува дека планот 3-6-9 на Владата за политики ориентирани кон членство во НАТО и ЕУ и враќањето на довербата во независноста и транспарентноста на јавните институции се соочува со значајни предизвици во имплементацијата. Тие се првенствено поврзани со ризици од можни несогласувања во владиното мнозинство, како и со ризици од опструкции од опозицијата, а локалните избори ќе бидат првичен тест за напредокот на Владата.
– Потврдата на негативниот изглед ги одразува оценките на „Фич“ дека и покрај формирањето на новата Влада, сè уште постојат политички ризици за ефективно водење и имплементирање на економските политики, повисок раст и напредок кон ЕУ – стои во соопштението на МФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.