Daily news
Целиот тим на Русија од СП во 2014 бил допингуван!?
Рускиот спорт изминатите неколку години ги чувствува последиците од организираниот допинг, а досега најмногу беа засегнати атлетичарите на кои им беше забрането учеството на Олимписките игри во 2016 година. Но според британскиот „Мејл он Сандеј“ скандалот добива друга димензија, објавувајќи дека ФИФА води истрага дали целиот руски тим кој учествуваше на светското првенство во Бразил во 2014 година бил позитивен на допинг.
Русија во моментов е домаќин на Купот на Конфедерации, а по вчерашниот пораз од Мексико (1:2) не успеа да се пласира во полуфиналето. Неколку играчи кои беа во тимот на СП во Бразил се дел и од репрезентацијата која настапи на Купот на Конфедерации (Игор Акинфеев, Денис Глушаков, Максим Кунаников, Александар Семедов, Јуруј Жирков).
Наводно, ФИФА располагала со податоци дека 23-цата кои играа на СП во 2014 година и уште 11 други кои биле тестирани во разни други околности биле позитивни. Според „Мејл он Сандеј“ се работи за „неправилности во примероците од урина“.
Сомнежите се дека и фудбалерите биле дел од наводната „национална допинг програма“, според која стотици елитни руски спортисти користеле разни шеми за измама, со асистенција и знаење на руските спортски институции.
Целиот случај стигнал и до претседателот Владимир Путин, а Русите според англискиот весник уништиле добар дел од доказите.
Весникот оди толку далеку во својот текст дури пишува дека двајца истакнати антидопинг чиновници Вјачеслав Синев и Никита Камаев „мистериозно починале“ во текот на минатата година.
„ФИФА конечно мора да заземе сериозен став кон допингот, бидејќи долго време се негираше дека постои допинг кај професионалните фудбалери. Оваа работа мора да биде решена пред почетокот на Светското првенство. Кредибилитетот на ФИФА не е висок и челниците на организација не смеат да дозволат да игнорираат вакви случаи“, рекол адвокатот Дик Поунд, поранешен шеф на Светската антидопинг агенција, а сега член на Меѓународниот олимписки комитет.
Инаку Русија на СП во Бразил не се прослави бидејќи по првата фаза ги заврши натпреварите. Русите играа нерешено 1:1 против Алжир и Јужна Кореја, а загубија 1:0 од Белгија. н.ц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.