Daily news
Цингел: Нема да биде дозволено менување на границите на Балканот
Западниот Балкан, за жал, повторно се појави на „европската мапа со проблеми“ откако извесен период не беше толку присутен во безбедносна смисла. Ова се должи пред сè на последните случувања во Македонија и на Косово, како и на настаните во Црна Гора минатата година.
Со овие предизвици ЕУ ќе мора да се зафати и ќе мора да најде начин да им помогне на балканските земји да надминат барем дел од своите проблеми. Јан Цингел, експерт за Западен Балкан, Јужен Кавказ и процесите на евроинтеграција за „Еуропиан Вестерн Балкан“ (European Western Balkans) ја коментира актуелната безбедносна и политичка ситуација во регионот при што се осврнува и на состојбите во Македонија. Вели дека членството на Црна Гора во НАТО, секако, ќе има позитивно влијание бидејќи е сигнал дека вратата на алијансата и натаму е отворена за нови членки. Ова особено е важно за Македонија, која со години чека пред вратите на НАТО поради грчката блокада, иако ги исполнува сите предвидени стандарди.
– Македонија е добро подготвена од воен аспект, проблем е само спорот за името со Грција. Ова прашање мора да биде затворено, решение мора да се пронајде. Ќе видиме дали новата влада ќе има доволно силен мандат за да направи компромис. Доколку успеат тогаш реално е можно да се забрза процесот на интеграција. Пролемот со Грција е камен на патот и за несреќа, тој е надворешен а не внатрешен. Но, тоа не значи дека Македонија нема внатрешни проблеми, напротив, има многу и новата влада ќе мора да се соочи со големите очекувања и на граѓаните и на меѓународната заедница – смета Цингел.
Коментирајќи ги односите меѓу Албанците од Косово и Србија и повторното активирање на темата „Голема Албанија“ Цингел вели дека по негово мислење не е возможно а не е ниту паметно да се менуваат границите на Балканот.
– Би било катастрофа доколку дојде до такво нешто бидејќи ќе се отворат вратите на Пандорината кутија, а тоа е поголема работа од српско-алабанските односи. Има и други земји кои ќе бидат вмешани. Промената на границите на Балканот е нешто кое меѓународната заедница нема да го дозволи. Сите декларации и најави ги толкувам како предизборна реторика, типична за Балканот. Најголем дел од таа реторика има само една цел, а тоа е привлекување гласови. Србија е особено чувствителна, што е нормално поради неодамнешната историја и случувањата околу Косово. Тоа е разбирливо, но пак ќе повторам, промената на гранците ќе влијае и ќе предизвика проблем во целиот регион. Верувам дека, сепак, сè ќе остане само на зборови – вели Цингел.
Експертот за Западен Балкан одговара и на „филозофското прашање“ дали за ЕУ кога е во прашање Балканот стабилноста секогаш има предност во однос на демократијата. Вели дека унијата на почетокот погрешно ги прочитала сигналите кои доаѓаат од Македонија и дури по настаните во Куманово во средината на 2015 година, плашејќи се дека ќе дојде до ново крвопролевање, ги притснала двете страни во политичкиот конфликт да го потпишат Договорот од Пржино.
– Замешувањето беше нужно и потоа, за да се имплементира договорот и да се организираат предвремените парламентарни избори. Се чини дека инволвирањето на меѓународната заедница е неопходно на Блканот. Можеби требаше да се вклучи порано со што ќе беше ногу полесно да се менаџира кризата. Но сметам дека иако треба стабилноста и демократијата да одат рака под рака, понекогаш тоа не е можно. Особено што на Балканот има многу проблеми и конфликти. Затоа мислам дека меѓународната заедница ја преферира стабиланоста пред демократските механизми – закучува во интервјуто за ЕВБ Јан Цингел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.