Daily news
Шекеринска: Со СИАРС до помал ризик на бојното поле
„Проектот СИАРС, кој влијае на подобрување на борбената готовност, но и можноста за спасување животи во екстремни околности, покажува дека Република Македонија има што да и му понуди на НАТО и може да соработува со неговите земји членки на исто ниво“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното отворање на работилницата за проектот СИАРС во Скопје.
Проектот е реализиран од Воената академија и академските институции, како факултетите за електротехника и за медицина од Љубљана и ФИНКИ од скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а поддржан од НАТО-програмата за наука и мир. Неговата цел е развој на технологии за пренесување на виталните знаци за живот на војниците на бојното поле до медицинските тимови во реално време.
На отворањето министерката Шекеринска посочи дека со овој систем за трансфер на витални физиолошки информации, без сомнение, ќе се намалат ризиците за војниците и ќе се зголеми бројот на спасени животи. „Целта е навистина благородна. Оние што го ризикуваат својот живот за нашата безбедност заслужуваат да се потрудиме и да направиме сè за да го намалиме ризикот што е можно повеќе, ја заслужуваат нашата посветеност да создадеме услови својата работа да ја извршат брзо, ефикасно и што е можно побезбедно“, рече Шекеринска. Додаде дека со овој проект кој обединува поголем број институции се покажува дека Македонија работи напорно на својата стратешка цел – членството во НАТО, зашто членството во алијансата не е само воена цел на Република Македонија, туку тоа е голем плус и за академиските институции, за нашите истражувачи и експерти и голема предност за унапредување на македонската технологија и иновативните решенија“.
Директорот на проектот, Јанез Тротељ, им се заблагодари на организаторите и на истражувачкиот тим од словенечките и македонските факултети. „Учесниците на овој проект се одлични научници. Сите бевте целосно посветени во заедничката работа и достигнавте одлични резултати“, рече тој. Посочи дека бил позитивно изненаден од посветеноста и ентузијазмот на младите македонски истражувачи за кои рече дека завршиле одлична работа.
Амбасадорите на Хрватска и на Словенија, Данијела Баришиќ и Милан Јазбец, истакнаа дека овие земји даваат недвосмислена поддршка за членството на Македонија во алијансата. Амбасадорот Јазбец рече дека ова е интердисциплинарен проект со повеќедимензионална порака, пример дека Македонијаима што да ѝ понуди на алијансатa. Амбасадорката Баришиќ посочи дека НАТО значи и демократија, владеење на правото, технологија и наука. „Владата на Македонија има волја и сила да ги спроведе реформите за стратешката цел – членство во НАТО и Хрватска ќе ви помогне да ги достигнете целите, што е добро за вас, за регионот, за НАТО и за Европската Унија“ рече Баришиќ.
Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, порача дека Академијата има богата историја во проектите базирани на истражувања, кои ја обликуваат нашата визија за подобрување на образовниот процес и изнаоѓање платформи за нови идеи и иновации. Тој рече дека Воената академија е дел од четири научни проекти финансиски поддржани од НАТО – програмата за мир и безбедност и ова е еден од тие проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.