Daily news
Шун: За високото реноме на Охридско лето се знае и во Кина

Неверојатен спој со публиката на Охридско лето имаа кинеските музичари од камерниот оркестар ЕЛК, кои одржаа концерт синоќа во црквата „Света Софија“.
Громогласниот аплауз и бурните овации беа награда за нивниот извонреден настап. Насмеани лица заминуваа по едночасовниот концерт разменувајќи ги меѓу себе возбудата и позитивните коментари за она што го видоа и слушнаа на овој музички настан.
– Не е првпат со моите студенти да настапуваме во странство. Ни студентите не знаат како би реагирала публиката која не е од Кина затоа што, сепак, станува збор за специфична традиционална музика и традиционални инструменти. На крајот испадна дека поради аплаузот што го добивме од македонската публика, нашите земји воопшто не се далечни. Иако сме илјадници и илјадници километри физички оддалечени, сепак, ние сме толку блиски. Од друга страна, прекрасната организација на фестивалот Охридско лето им овозможи на студентите да свират многу опуштено и да се чувствуваат како дома – вели професорот Лиу Шун.
Кинеските студенти додека музицираа на своите инструменти, истовремено играа и со своите тела на подиумот покажувајќи дека го доживуваат ритамот.
– Овие не се какви било студенти, тие се професионалци затоа што ги свират своите инструменти од три-четиригодишна возраст, што значи дека најмладите од нив веќе имаат најмалку 10-годишно искуство и затоа систематски се научени да уживаат во ритамот и во она што го свират – додава Шун.
Кинеските учесници на Охридско лето приредија вистинско изненадување со македонските композиции „Македонско сирто“ и „Чамче“. Иако, според нивниот професор Шун, им било потешко да влезат во шема со македонската музика бидејќи не се научени на ваков ритам, сепак, тие со задоволство ги отсвиреа избраните дела.
Некои од студентите, како што појаснува професорот, до доаѓањето во Охрид немале претстава за високото реноме на Охридско лето, но Министерството за култура на Кина и професорите по музика биле добро запознаени со фестивалот.
– Бевме поканети од Охридско лето и од Министерството за култура на Република Македонија да одржиме концерт на фестивалот и ова беше извонредна шанса младите студенти од нашата земја да се дружат со младите студенти и идни професионалци од Македонија. Повеќето од нив можеби не слушнале за овој реномиран фестивал сѐ до настапот, но професорите, а исто така и нашето Министерство за култура, добро се запознаени со високото реноме на Охридско лето. Овој фестивал е точно во согласност со она што ние го промовираме во областа на културата во нашата земја – истакна професорот Лиу Шун.
Камерниот оркестар ЕЛК е еден од најквалитетните музички ансамбли и токму затоа е избран од страна на Министерството за култура на Кина да ја промовира кинеската култура во светот.
Copyright 2017 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax. Во спротивно makfax го задржува правото да го фактурира преземениот текст согласно својот ценовник и правил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.