Daily news
Јавна дискусија: Правдата и економскиот напредок клучни во процесот на градење мир и помирување
Во рамки на регионалниот ИПА-проект „Поделено минато – заедничка иднина“ минатата недела се одржа јавната дискусија на тема „Помирување и градење мир – предизвици и решенија“, организирана од Прогрес-институт и Младинскиот културен центар – Битола.
На дискусијата во контекст на самиот наслов, помирување и градење мир, со фокус на етничките односи, (заедничката) историја и намалување на етничката дистанца, свои излагања имаа проф. д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски, пратеникот и универзитетски професор Стево Пендаровски и аналитичарот Алберт Муслиу.
„Основа на мирот е правдата. За да отпочне и да тече процесот на помирување, клучен е моментот на изнаоѓањето правда или она што се нарекува транзициона правда во пост-конфликтните општества. Потоа следи обидот да се создаде официјална вистина за конфликтните настани. Може дури и да се создаде паралелна вистина за секоја од страните. Тие две вистини не мора да се поклопуваат, но поентата за да се изгради мирот е да се прифаќа туѓата вистина и да се почитува истата“, истакна во своето излагање професорот Фрчкоски.
Помирувањето во смисла пронаоѓање заеднички консензус е невозможно, рече професорот Пендаровски.
„Клучно е да се договориме за сегашните и идните стратешки приоритети и врз основа на заедничките интереси да го градиме соживотот. Правдата е важен момент во процесот на помирување и градење мир“, нагласи Пендаровски.
Соживотот на повеќе етнички заедници во една држава треба да се гради врз основа на заедничка вистина и заеднички интереси, истакна политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
„Она што е заедничко за сите граѓани на Република Македонија, што значи и за Македонците и за Албанците и за сите други, е желбата за подобар живот, мир и правда. Имено, во нашата земја покрај политичките и етничките промени, треба да има развојни промени кои ќе бидат двигател на подобриот живот. Во многу историски случаи економскиот напредок и развој доведува до премостување на архаични проблеми“, рече Муслиу на јавната дискусија на тема „Помирување и градење мир – предизвици и решенија“.
Оваа јавна дискусија е дел од серијата активности во рамки на проектот „Поделено минато – Заедничка
иднина“ кој има за цел зголемување на капацитетите за градење мир и помирување. „Поделено минато – Заедничка иднина“ е четиригодишен регионален проект кој е финансиран од Европската Унија и кој има за цел премостување на разликите помеѓу различните заедници во земјите од Западен Балкан и Турција.
Во спроведувањето на Проектот се вклучени 18 организации од 7 земји, заедно со партнер организации од Словенија, Хрватска и Австрија. Тие заеднички работат на создавање силна одржлива меѓусекторска платформа за соработка во областа на спроведување на политиките за градење мир и помирување преку иновативни механизми.
Главна цел на проектот „Поделено минато – Заедничка иднина“ е граѓанските организации да бидат препознаени од владите во регионот како важен општествен фактор со силен капацитет за градење мир и помирување. Партнерски организации од нашата земја вклучени во проектот се Прогрес-институт за социјална демократија и Младински културен центар – Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.