Daily news
Јанева: Идната недела нови обвинителни акти на СЈО
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска од Охрид порача дека очекува да завршат со обвиненија, поголем дел од веќе спроведените истраги на СЈО. За некои, како што рече, ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обинителен акт, но во секој случај наредната седмица ќе бидат донесени јавни обвинителни одлуки.
Јанева, која ќе држи предавање пред учесниците на Школата за природно право во Охрид, изрази уверување дека Судот ќе обрне доволно внимание на доказите на СЈО и основите врз кои тие ги поднесуваат обвиненијата, со очекување дека Судот ќе ги поддржи и потврди обвиненијата, со цел истите да најдат судска разрешница.
– Местото каде треба се вкрстат нашите аргументи со оние на одбраната е судницата, истакна Јанева.
За обвинителните акти, чие објавување е најавено пред истекот на рокот на СЈО на крајот на овој месец, Јанева појасни дека со нив се опфатени граѓани на Република Македонија, меѓу кои има и високи функционери и за други лица, добро познати на јавноста од 2008 до 2015 година.
Таа појасни дека мандатот на СЈО е четири години со право на продолжување една година за обвинителите, најавувајќи дека ќе продолжи нивната работа за обработка на сите доставени разговори од незаконското прислушување.
– Што се однесува на рокот за поднесување обвиненија, тоа е дискутабилно, се разговара на таа тема, се надевам дека ќе биде изнајдено решение во најбрз можен рок, а очекувајте дека и во наредниот период ќе отвораме истраги за други прислушувани разговори што имаат криминални материјали, рече Јанева.
За тоа колку од доставените материјали се обработени, таа појасни дека само 12 проценти од нив се напишани, некаде околу 45 отсто вкупно преслушани, додека останатиот дел од нив воопшто не се обработувани.
– Мора да разберете дека тука има прислушувани разговори на многу новинари, разговори на повеќе јазици, тоа е дел што воопшто не е започнат да се работи, на нив ќе се работи по 15 септември, рече Јанева.
Учесници на еднонеделната Школа на природно право, која во организација на Македонската академија на науки и уметности и на Амбасадата на САД во Македонија се одржува во Охрид, се 25 магистранти и пет докторанти на правни и политички студии од сите универзитети во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.