Daily news
(ВИДЕО) Јовановски: Говорот на Стевчо Јакимовски е говор на уличар
Претседателот на Меѓународниот сојуз, Бојан Јовановски, ја осуди изјавата на актуелниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, каде што својот противкандидат од СДСМ, Стефан Богоев, го нарече хомосексуалец и го обвини дека носи хомосексуалци во општината.
– Тоа не е изјава, тоа е брутален говор на омраза и говор на еден обичен уличар, дури ни тие не користат такви зборови какви што користеше Стевчо Јакимовски. Јас како жител на општина Карпош се чувствувам одвратно бидејќи бев сведок на мојот градоначалник каде што јавно атакува и навредува. Што останува за другите што треба да го следат неговиот пример – вели Јовановски.
Тој рече дека актуелниот градоначалник на Карпош својата потреба за насилство ја покажал на повеќе начини во неколку наврати.
– Ова е работа на Основното јавно обвинителство, каде што треба да поведе постапка за говор на омраза и дискриминација зад која застанаа сериозен број луѓе, вклучувајќи го и целиот дипломатски кор. Срамота е да имаме такви примери во политиката каде што ќе излегуваат и како неандерталци изговараат такви грозоморни реченици – рече Јовановски.
Во врска со изгорениот автомобил на таткото на Јовановски, тој изјави дека нарачателот е повеќе од јасен, но не сакаше да даде точни и прецизни информации поради истрагата што ја води МВР.
– Пораката што ние ја добивме со тој чин е порака на заплашување, но јас сум познат по тоа дека не се плашам. Ниту сум убил некого, ниту сум му направил некому нешто лошо, ниту имам некаква криминогена заднина ниту, пак, сум се занимавал со недозволени работи во мојот живот, така што јас сум со чиста совест, а оние што се занимаваат со такви вандалистички чинови, тие треба да се замислат и кога-тогаш ќе ја добијат својата казна бидејќи таков чин не може да остане неказнет – рече Јовановски.
Јовановски денеска го искористи своето право на глас за избор на градоначалник на општината во која живее и градоначалник на град Скопје. Тој рече дека очекува промени по овие избори како во Карпош така и во главниот град бидејќи, како што кажа, тие промени се неопходни и мора да се случат.
– Очекувам промени по овие локални избори и во мојата општина поради тоа што тие промени се неопходни и мора да се случат. За Скопје долго време посакувам промена бидејќи му е потребна нова енергија, бидејќи оваа го отру градот во повеќе аспекти – вели Јовановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.