Daily news
Јохан Тарчуловски ветува интернет за пензионерите и сензорски соби за децата со пречки во развојот
Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, ветува дека ќе ја направи Кисела Вода модерна и мултифункционална општина.
„Нудиме програма што носи просперитет и развој. Програма со која секоја педа од Кисела Вода е опфатена. Програма со која и руралниот и урбаниот дел од општината ќе блеснат во полн сјај, кој го заслужуваат. Со чесна работа, искрена мисла и чисто срце, заеднички и сложно Кисела Вода ќе ја внесеме во новата ера“, порача Тарчуловски набројувајќи ги потоа најважните проекти од програмата.
Меѓу нив се изградба на две нови детски грaдинки во населбите Расадник и Драчево, комплетно опремени со најсовремена опрема и специјализирани сензорски соби за децата со пречки во развојот.
Изградба на нова училишна спортска сала во ООУ „Рајко Жинзифов“.
Бесплатни градинки и дневен престој за децата од еднородителски семејства, со цел заштита на оваа кревка и ранлива категорија.
Изградба на спортско-рекреативниот комплекс „Славија“ на местото на сегашното фудбалско игралиште, во населеното место Пржино. Комплекс што ќе содржи фудбалски, кошаркарски, ракометни, тениски терени, како и патека за трчање.
Финансиска помош на спортските клубови за поттик на нивниот развој.
Со проектот „Спортуваме и другаруваме“ активно ќе ги вклучиме во спортот и децата со посебни потреби преку приспособени спортски содржини.
Изградба на три тениски терени, пет кошаркарски игралишта, како и фитнес-терени на отворено на неколку локации на територијата на општина Кисела Вода.
Изградба на велосипедска патека и субвенции до 3.000 денари за велосипеди.
Изградба на монтажна катна гаража во населбата Расадник, како и нов детски парк.
Изградба на повеќе мини детски паркови во урбаните делови на општината.
Деловно-технолошки инкубатор преку кој ќе им се обезбеди помош на лицата до 29 години за започнување и развој на својот бизнис и поттик и финансиска поддршка за нивните иновативни проекти.
Со воведување регистар за компании и невработени ќе го зајакнеме економскиот стандард на нашите граѓани и општината на тој начин што ќе посредуваме за вработување на жителите од Кисела Вода во компаниите што гравитираат на нашата територија.
Активирање на пензионерските клубови со воведување бесплатен интернет во нив. Ќе изградиме пензионерски катчиња во парковите со поставување шаховски ѕидани маси и пинг-понг маси.
Бесплатни екскурзии за пензионерите на Кисела Вода, како и натпревари помеѓу пензионерските клубови.
Изградба на третата фаза од најфреквентниот булевар Борис Трајковски, на потегот од Пинтија до Маркова Река во соработка со Градот Скопје.
Донесување неколку клучни детаљни урбанистички планови и финализирање на легализацијата на дивоградбите.
Реконструкција и асфалтирање на речиси сите улици, улички и локални патишта во општина Кисела Вода.
Зазеленување на општината преку хортикултурно уредување на старите и градење нови паркови.
Изградба на парк за домашни миленици.
Изградба на нови водоводни мрежи, атмосферски и фекални канализации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.