Daily news
(Видео) Љубе се соочи во судницата со „алфите“ што го апсеа
Денешното рочиште за случајот „Тортура“, кој се однесува за апсењето на Љубе Бошкоски, е одложено бидејќи нема правосилен обвинителен акт за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Предметот по жалба на СЈО е во Апелациониот суд.
На судењето пристигнаа Љубе Бошкоски и шестемина „алфи“: командантот Ивица Антевски – Пуки, Новица Станковски, Јован Боцевски, Петар Милошевски, Филип Атанасов и Метуш Шабани, а Сашо Мијалков не се појави.
Според обвинението, на 6 јуни 2011 година, ден по изборите, Сашо Мијалков како директор на УБК, поради дискриминација по основа на поинаква политичка определба, ги навел обвинетите „алфи“ при лишувањето од слобода на Љубе Бошкоски да предизвикаат кај него душевно страдање. Во времето на апсењето меѓу 14.30 до 16 часот на паркингот пред ресторанот „Воденица“, без да постои каков било отпор од Љубе Бошкоски, употребиле прекумерна сила и закана и спротивно на уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје ги пречекориле законските овластувања за употреба на средства за присилба.
Командантот Ивица Антевски – Пуки издал наредба кон другите обвинети полициски службеници со зборовите: „Легнете ги долу, долу, долу да се апсат на земја, на земја да се апси!“, „Легни го долу, легни го долу!“, по што „алфите“ со употреба на прекумерна физичка сила насилно го легнале на земја удирајќи го Бошкоски по нозете и држејќи го за рацете, го малтретирале, застрашувале и го навредувале со зборовите: „Шефот ми рече, шефот ми рече, осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето!“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна!“, „Предавник!“, „Ти дојде моментот!“, „Дојде моментот да се реванширам!“, „Да ти ја ебам жената!“ и други вулгарни зборови и пцости кон мајка му, сопругата и децата.
Обвинетиот полициски службеник Новица Станковски, според обвинителниот акт, на Бошкоски му го ставил и пиштолот на левиот образ упатувајќи му ги зборовите: „Бел ден да не видиш“. „Алфите“ потоа го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот и во таква положба непотребно го држеле повеќе од половина час за да биде снимен од медиумите што претходно биле известени за настанот и за кои снимки, како и други, обвинетиот Сашо Мијалков влијаел кај медиумите да бидат често емитувани на ударните вести.
Жалбата до Апелација стигнала дури на почетокот на месецот. Следното рочиште за „Тортура“ е закажано за 23 март.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.