Поранешниот државен секретар на САД, Џон Кери, оцени дека говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на седницата на Генералното собрание на ОН може да претставува опасност и да ги воведе САД на патот на изолација. Тој ги критикуваше отворените закани на Трамп за потполно уништување на Северна Кореја при што истакна дека претседателот води политика „прво Америка, па потоа другите“. Трамп изјави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е човек-ракета на самоубиствена мисија и оти САД, ако бидат принудени, во потполност ќе ја уништат Северна Кореја.
„Мора сите да се запрашате дали Америка е побезбедна поради човекот-ракета’“, изјави Кери критикувајќи ја грубата реторика на Трамп.
Кери изјави дека реториката на Трамп многу ќе ѝ отежни на американската дипломатија кога е во прашање решавањето на проблемот со Северна Кореја, но и во другите околности. Според него, Трамп вчера пред Генералното собрание ја истакнал мантрата „прво Америка“, и рече дека целта на таа порака било задоволување на поддржувачите, но оти така е занемарена светската јавност.
„Во ОН држите говор со кој ќе ги доведе луѓето на преговарачка маса“, порача Кери.