Daily news
15 вработени во Министерството за земјоделство се осомничени за незаконско делење субвенции
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција сомничи 24 лица дека ја злоупотребиле служебната положба со што нанаеле штета на Буџетот на РМ во износ од околу 200 илјади евра. Меѓу осомничените има 15 лица вработени во министертсвото за кои постои сомневање дека незаконски делеле субвенции на физички и правни лица. За седум лица, Обвинителството побарало притвор.
„Во текот на денешниот ден Основното јавно обвинителство за гонењеа организиран криминал и корупција спроведе координирана акција со МВР на РМ Оддел за сузбивање организиран и сериозен криминал. Акцијата за сузбивање кривични дела против службената должност и овластувања сторени на штета на Буџетот на Република Македонија е спроведена во повеќе населени места на подрачјето на Скопје, Тетово, Гевгелија и Валандово.
Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 24 лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик. Со своето незаконско работење нанеле штета на Буџетот на Република Македонија во износ од околу 220.000 евра. Меѓу осомничените се 15 службени лица вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подрачните единици на ова министерство, а останатите осомничени се физички лица и одговорни лица во правни лица во приватна сопственост.
Основаното сомнение е дека во периодот од 2011 година до 2016 година осомничените службени лица ја искористиле својата службена положба или овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања при склучување и раскинување договори за закуп на земјоделско земјиште. При преземањето на незаконитите дејствија биле помогнати од други осомничени лица. Во исто време, одобрувале исплата по Програмата за финансиска подршка во земјоделството – субвенции, на кој начин прибавиле корист за повеќе правни и физички лица на штета на Буџетот на Република Македонија.
Надлежниот јавен обвинител до Судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор против седум осомничени лица“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.