Daily news
25 години посветеност на УСАИД за почитување на човековите права во Македонија
Од својот почеток во 1993 УСАИД го поддржува владеењето на правото во Македонија. Првичната поддршка беше насочена кон градење капацитети на професионалните здруженија на правници (Здружението на судии, Адвокатската комора и Здружението на јавни обвинители), обезбедување клиничка едукација на студентите по право и поддршка на континуирана едукација за судиите. Помеѓу 2002 и 2015 УСАИД соработуваше со судството и Министерството за правда во создавањето на законската регулатива за реформирање на судскиот систем, на зголемувањето на ефикасноста на судовите во решавањето на предметите, на автоматизирањето на судските постапки и на професионализацијата на судскиот персонал. Во последните неколку години фокусот на поддршката на УСАИД во областа на владеењето на правото се помести на промоцијата и заштитата на човековите права.
Во денешно време многу се зборува за човекови права, но не сите го разбираат концептот и значењето на овие права. Човековите права се стандарди што овозможуваат секој човек да живее достоинствено, слободно и да биде еднаков со другите. Секој поединец се стекнува со овие неотуѓиви права од раѓање. Човековите права се темелат на вредности како достоинство, правичност, еднаквост, почитување и независност. Тие не се само апстрактни концепти туку права дефинирани и заштитени со меѓународни декларации и конвенции, како и со националното законодавство во најголем број држави во светот. Во Македонија владеењето на правото и човековите права се темелни вредности на уставниот поредок.
Преку неколку проекти УСАИД се вклучи во заштитата и промовирањето на уставно загарантираните човекови права во Македонија и ја поддржа имплементацијата на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација.
Во моментот УСАИД има два активни проекти во областа на човековите права. Првиот има за цел да ја намали дискриминацијата на припадниците на ЛГБТИ заедницата во Македонија и да поттикне нивно рамноправно вклучување во општеството. Со овој проект за првпат во Македонија се отвори сигурна куќа која обезбедува сместување и психо-социјална поддршка на ранливи ЛГБТИ лица кои се отфрлени и изложени на насилство во своите семејства и заедници. Вториот проект го поддржува градењето капацитети на државните институции и граѓанските организации за почитување и заштита на човековите права на бегалците во склад со меѓународно усвоените стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.