Daily news
Флавоноидите од плодовите го спречуваат дебелеењето

Секојдневното консумирање околу 80 грама овошје и зеленчук богати со флавоноиди, кои се среќаваат во грозјето, јаболката, крушките, јагодите…, може да го спречат дебелеењето и да ја подобрат општата здравствена состојба на поединецот, тврдат американските и британските научници од универзитетите Харвард и Источна Англија.
Флавоноидите се фитохемикалии или растителни пигменти кои се наоѓаат во овошјето и зеленчукот, а присутни се и во некои видови чаеви, виното и во чоколадата. На научниците им се познати меѓу 4.000 и 5.000. Се однесуваат како антиоксиданси, бидејќи ги прифаќаат слободните радикали на кислородот кои може да ја оштетат ДНК-та. Едно од главните својства и функции на овие пигменти е да се апсорбираат во организмот, и потоа многу брзо да се излачуваат од телото придонесувајќи за детоксикација на ензимите во црниот дроб.
Покрај сите досега познати благотворни ефекти на флавоноидите врз организмот, американските и британските научници неодамна утврдиле дека овошјето и зеленчукот со високо ниво на овие фитохемикалии помага во одржувањето на стабилната телесна тежина, и тврдат дека половина шолја, или околу 80 грама од одредено овошје или зеленчук дневно, може да ја подобри општата здравствена состојба.
Со студијата се опфатени податоците за 124.086 мажи и жени во САД во текот на 24-годишен период. Утврдиле дека секојдневното консумирање и многу мали количества овошје и зеленчук богати со флавонодиди било поврзано со одржувањето на соодветна стабилна тежина, а кај поединци и со постепено губење на килограмите.
„Познато е дека повеќето луѓе со годините добиваат на телесната тежина, а дури и во најмалиот процент дебелината може значително да влијае на ризикот од појава на висок крвен притисок, развој на болести на срцето, рак или дијабетес, поради што на поединци мораме да им помогнеме во одржувањето на здрава телесна тежина во нивните средни години. Секојдневното консумирање на околу 80 грама храна богата со флавоноиди придонела за одржување на соодветна тежина кај жените и кај мажите во различни возрасти“, вели професорката Ејдин Кесиди од Медицинскиот факултет Норич при Универзитетот Источна Англија.
„Се знаеме дека исхраната богата со овошје и зеленчук има многу добри страни за здравјето, потсетува нутриционистката и портпаролка на Британското нутриционистичко здружение, Хелен Бонд, која истакнува дека резултатот од споменатото истражување покажува дека за тоа се заслужни флавоноидите.
„Од неодамна знаеме и дека флавоноидите влијаат врз одржувањето на стабилната тежина, така што во организмот го намалуваат нивото на мастите коишто организмот ги апсорбира од храната. Флавоноидите го забрзуваат метаболизмот и влијаат врз намалувањето на апетитот“, вели водителката на студијата, Моника Бертоан од Харвардската школа за јавно здравје.
Најмногу флавоноиди има во малини, боровинки, капини, јагоди, црни рибизли, грозје, цреши, ротквици, некои видови чаеви, какао, крушки, јаболка, како портокали и грејпфрут, кромид и пиперки./крај/мф/сн
Извор: BBC News
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.