Daily news
Jанева: Нема стражарно да ги приведуваме Груевски, Мијалков, Протоѓер и Божиновски
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/06/montaza-janeva-i-4-kauboja.jpg)
Експремиерот Никола Груевски, неговиот поранешен шеф на кабинет, Мартин Протоѓер, донеодамнешниот генерален секретар на Владата,Кирил Божиновски, како и поранешниот прв разузнувач во државата, Сашо Мијалков, на сите можни начини одбиваат да ги подигнат поканите за распит во Специјалното јавно обвинителство. Ова за Макфакс го тврди специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која, сепак, вели дека нема да бараат тие да бидат спроведени стражарно со полиција. Првите тројца се повикани да дадат исказ околу финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“, а Мијалков за други истраги.
„Нема да правиме жртви од четворицата. И во нивен интерес беше да се појават во СЈО и да дадат исказ, како и да направат увид во доказниот материјал или да достават нови докази. До истекот на законскиот рок ние ќе покренеме обвиненија за сите постапки за коишто веќе ги завршивме истрагите, а во кои како осомничени се јавуваа и споменатите поранешни високи функционери.
Експремиерот Груевски вчера требаше да даде исказ пред СЈО, а во СЈО добиле информации дека заминал неколку денови во странство. Неговото обезбедување, како што објаснуваат од СЈО, со денови добива да ги прими поканите. Поранешниот прв човек на Владата досега само еднаш дал исказ, кога во исто време дал изјава за случаите „Титаник“ околу изборните манипулации, како и за „ТНТ“ околу рушењето на објектот „Космос“ на Фијат Цановски.
Мартин Протоѓер, исто така, само еднаш се појавил да даде исказ пред истражителите за случајот „Титаник“, кога се пожалил на здравствени проблеми. Од тогаш одбива да ги прими поканите. На одредениот термин за давање исказ вчера во СЈО не се појавил ниту генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, чие отсуство било „оправдано“ со неодложни обврски од неговиот адвокат по е-пошта, но неколку часа подоцна.
Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, еднаш веќе се појави во СЈО во април, кога даваше исказ за случајот „Тортура“ поврзан со апсењето на Љубе Бошковски. Неодамна го примил известувањето дека е завршена истрагата за овој случај, но не ги прима поканите за други случаи.
Поради проблемите со доставата, од СЈО велат дека ангажирале и една доставна служба, но и тоа не ги подобрило работите.
Паралелно со повикувањето на распит на осомничени, оштетени лица или сведоци, од СЈО работат на докомлетирање на сите отворени случаи и се надеваат дека речиси сите ќе завршат со обвиненија до 30 јуни. И покрај тоа што уште во април е покренато обвинението за случајот „Транспортер“, во СЈО сé уште немаат никаква повратна информација од Кривичниот суд кога ќе биде закажано рочиште.
Сепак, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева сé уште се надева дека политичките партии ќе најдат начин и ќе се договорат околу продолжување на рокот од 18 месеци за поднесување обвиненија.
„Нашиот мандат продолжува со ист интензитет и од први септември ќе продолжиме со преслушување на незаконски снимените материјали. Досега се преслушани 45 отсто од материјалите, но не се обработени и анализирани“, вели Јанева.
Јанева е категорична дека летово нема да се отвораат нови предистражни постапки бидејќи се целосно ангажирани на досегашните истраги и предистражни постапки, кои се во фаза на финализирање.
Г. Дувњак
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/thumbnail_The_Business_of_Pleasure_2.jpg)
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/1-1-3.jpg)
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/gruevski-sud.jpg)
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.