Економија
(Видео) Анѓушев во Вашингтон: Силна поддршка од Светска банка и ИФЦ за развој на економијата
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамки на учеството на Конференцијата на Југоисточна Европа и Источен медитеран „Нови стратегии – нови перспективи“, која се одржува во Вашингтон, во организација на Делфи форумот и весникот „Катимерини“, имаше средби со Сирил Милер, потпретседателот на групацијата Светска банка, задолжен за Европа и Централна Азија, и со Џорџина Бејкер, потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ задолжена за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите.), со кои разговараше за тековните и идни проекти во Северна Македонија со поддршка на овие две организации.
На средбите во Светска банка, покрај средбата со потпретседателот Милер, реализиран е и работен состанок со работната група за најдобри светски практики во финансирањето и подигнувањето на конкурентноста, пред сè во насока на имплементација на Програмата за иновативност и конкурентност за наредните четири години, а која ќе биде поддржана од Светска банка.
„Во следните четири години Светска банка ќе го поддржи економскиот развој во Северна Македонија со повеќе програми во вкупна вредност од околу 420 милиони евра. Една од тие програми е подобрувањето на бизнис-околината. Активностите ќе опфатат подобрување на транспортните капацитети, патиштата, модернизација на земјоделството, подобрување на животната средина, а како особено важен сегмент би го издвоил подобрувањето на капацитетот за воведување иновации и подигнување на конкурентноста на македонските компании. Иновациите и подигнувањето на конкуретноста се особено важни за индустријализацијата на нашата земја и се обидуваме програмата на Светска банка да ја усогласиме со мерките кои веќе се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Програмата за поддршка на микро, малите и средни претријатија на Фондот за иновации и технолошки развој. Светска банка во декември ќе реализира мисија во Северна Македонија, каде ќе ги финализираме разговорите за усогласување на програмите“, изјави вицепремиерот Анѓушев.
Тој додаде дека на состанокот со потпретседателот на СБ е отворена и тема за учество на оваа организација во Фондот за енергетска ефикасност, кој би се формирал по усвојување на Законот за енергетска ефикасност. Преку овој фонд би се овозможил пристап до финансиски средства на македонските компании за енергетски ефикасно да ги унапредат своите производствени процеси.
На средбата со потпретседателката на ИФЦ, Џорџина Бејкер, е разговарано за реализација на два значајни проекти: проектот за хидроелектраната „Чебрен“ и проектот за поврзување на странските компании со домашни добавувачи.
„Со ИФЦ постигнавме договор и согласност до крајот на декември да се распише тендерска постапка под променети и пазарни услови. ИФЦ веќе долги години има сознанија за овој проект, а очекувам со измените кои заедно со ИФЦ ги работиме изминатите 6 месеци, конечно, по 9 неуспешни тендери да имаме успешен тендер за реализација на овој значаен енергетски проект. Шансите тоа да се случи се големи, оптимизмот постои и кај Владата на Република Северна Македонија и кај ИФЦ “, нагласи вицепремиерот Анѓушев по средбите во Светска банка и ИФЦ.
На маргините на Конференцијата во Вашингтон, вицепремиерот имаше средби со повеќе видни личности од политичкиот и економски живот на САД, помеѓу кои и со поранешниот амбасадор во Северна Македонија и сегашен помошник-секретар за европски и евроазиски прашања Филип Рикер, со когоразговараа за актуелните политички и економски состојби во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.