Економија
МТСП: Подржани 1.223 нови вработувања со над 236 милиони денари грантови и субвенции за плати
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека со финансиска помош за вработување невработени лица во висина од над 236 милиони денари подржани се 1.223 нови вработувања. Како што се наведува од Министерството, денеска се врши првата исплата во износ од 28,5 милиони денари за веќе склучените договори за мерката вработување и раст на правни субјекти.
„Досега за оваа мерка потпишани се договори со 186 фирми, кои вработиле 268 лица, а грантот го добиваат за набавка на нова опрема или репроматеријали. Меѓу нововработените 128 се жени, а структурата на работните места покажува дека 147 лица имаат до 29 години и за нив компаниите добиваат неповратни 153.750 денари за лице. Една компанија може да аплицира за поддршка до 5 вработувања. Обврска на компанијата е младите лица да ги задржи на работа најмалку една година.
И за втората активна мерка за вработување субвенционирање плати компаниите покажаа исклучителен интерес. Агенцијата за вработување го распиша јавниот оглас за мерката на почетокот на март и досега се потпишани договори со 722 компании за вработување вкупно 955 лица. Меѓу нив има 461 лице до 29-годишна возраст и 491 жена. За новоотворените работни места исплатени се средства во износ од 207,7 милиони денари кон 702 правни субјекти за вработување 926 лица. За неколку дена ќе бидат исплатени дополнителни 6,6 милиони денари кон уште 20 правни субјекти за вработување 29 лица.
Кај субвенционирањето плати поддршката може да биде 3, 6 или 12-месечна. Се субвенционира бруто-плата од 19.000 денари за лице. Со најголемата поддршка фирмата добива неповратни 228.000 денари за вработување едно лице, кое работодавецот има обврска да го задржи на работа вкупно 30 месеци“, појаснува МТСП.
Според Министерството, компаниите пројавиле голем интерес за објавување втор оглас и за двете мерки.
„За мерката практиканство, потпишани се договори со 476 правни субјекти за ангажирање вкупно 544 невработени лица. Од нив, 476 се до 29-годишна возраст, а 325 се жени. Практикантството трае 3 месеци, а исплатата се врши на крајот на секој месец на сметка на практикантите по претходен извештај од фирмата за редовност во износ од 9.000,00 денари за лице за еден месец. Интересот на компаниите покажува дека ја препознаа можноста да обучат кадар во согласност со своите потреби, а младите луѓе го прифаќаат практикантството затоа што им обезбедува добро работно искуство и им ги подобрува шансите за квалитетна работа“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.