Економија
ЕУ: Украина мора да го плати рускиот гас
Украина мора да го плати испорачаниот руски гас, а Москва за возврат мора да понуди чесна цена за идните испораки, изјави во петокот европскиот комесар за енергетика Гинтер Итингер, пред денешниот прв круг од преговорите меѓу рускиот и украинскиот министер за енергетика за проблемот со (не)плаќањето за гасот, во кои Итингер е посредник.
Русија и Украина се согласија да го разгледаат предлогот на еврокомесарот Гинтер Итингер Киев на Москва да и’ плати две милијарди долари долг до четврток и уште половина милијарда долари до 7-ми април.
Итингер во петокот во разговор за германското државно радио изјави дека сега е јасно колку Русија и’ испорачала природен гас на Украина од ноември минатата година до мај годинава. „Украина денеска мора да објасни дали ќе уплати или веќе ја уплатиле првата рата, во значителен износ, висок троцифрен милиони износ.. Така што ќе биде јасно дали е подготвена да ги плати своите обврски: оној кој ќе добие гас мора да плати”, истакна еврокомесарот за енергетика.
Од друга страна цената од 485 долари за 1.000 кубни метри гас која Русија ја бара за испорака на гас за Украина е неприфатлива, односно не е во согласност пазарот туку ја диктира политиката, вели Итингер. „Откако Украина ќе ги плати долговите, очекуваме Русија да гарантира чесна цена за иднина.”, во согласност со она што го плаќаат другите европски земји.
Привремениот украински премиер Арсениј Јаценјук повеќепати изјави дека „Газпром” ја зголемил цената на гас за Украина за 80 отсто до 485 американски долари за 1.000 кубни метри, што ја смета за неприфатлива и политичка уцена, но руската компанија одговори дека Европејците плаќаат 370 до 380 долари, и дека неговата компанијата всушност не ги зголемила цените, туку дека ги одредува според формула.
Русија кон средината на април објави дека го повлекува намалувањето на цената на својот гас за Украина постигнат во договор со сега соборениот украински претседател Виктор Јанукович, ланскиот декември. Според тој договор, цената беше намалена за повеќе од третина и се симна на 268 долари за 1.000 кубни метри гас. Покрај тоа, Украина уживаше и попуст од дополнителни 100 долари за во цената на гасот, според договорот потпишан за користење на базата на руската Црноморска флота на полуостровот Крим кој во меѓувреме, со референдум се присоедини кон Русија. Така сега со укинувањето на сите договори и попусти, цената на рускиот гас за украинските потрошувачи се зголемува на 485 долари за илјада кубни метри.
Русија повеќепати предупреди дека ќе ја сопре испораката на гас за Украина, доколку таа земја не ги исплати своите огромни долгови, кои пред еден месец изнесуваа 3,2 милијарди долари. Тоа , неизбежно ќе ја погоди и Европа, бидејќи таа околу 30 отсто од своите потреби ги снабдува со руски гас кој доаѓа преку украинските гасоводни системи, како во двете “гасни војни” од 2004 и 2009 година, кога Русија ја обвини Украина дека ги поткраднува испораките на руски гас за европските потрошувачи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.