Компании
„Европа АД“ ја доби битката со „Пионир“ пред српските судови

Стопанскиот суд во Белград ги отфрли сите обвинувања на српски „Пионир“ според кои „Европа“ АД – Скопје наводно фалсификувала нивни бонбони, соопшти македонската компанија во четвртокот.
Македонската компанија со 132-годишно искуство, чии количини од производот„Бонбон ноар“ пред неколку месеци беа запленети од властите кај северниот сосед, доби и правна потврда на тоа што од самиот почеток јавно го тврдеше – дека овие слатки се оригинални, односно дека воопшто не го повредуваат жигот на српскиот конкурент.
Следна постапка на „Европа“ АД – Скопје ќе биде поднесување тужба против „Пионир“ за изгубена добивка и за нарушен углед.
„Обвинувањата за фалсификат, запленувањето на стоката, како и поднесената пријава, беа настани во чие развивање „Европа АД“ немаше никаква улога. Нашата компанија со децении работи на српскиот пазар, каде што има долгогодишни, докажано лојални, купувачи. Тие самите знаат да го изберат вистинскиот квалитет, а со тоа што верно ги следат нашите производи истакнуваат дека и самите ја препознаваат разликата помеѓу плагијат и фалсификат“,вели Сава Димитрова, претседател на управниот одбор на „Европа“ АД – Скопје.
„Пионир“ поднесе тужба пред српските судови и во неа бараше: да се утврди дека „Европа“ АД – Скопје го повредила жигот на компанијата и да се забрани производството, испораката, извозот, понудата и ставањето во промет на „Бонбон ноар“. За секоја од овие точки познатиот македонски бренд доби правна потврда дека се неосновани и целосно отфрлени. Тоа значи дека македонското претпријатие ќе може слободно и во иднина да го продава овој продукт во Србија затоа што сега има и судска одлука дека тој не е плагијат на „Негро“ на „Пионир“.
„Ова решение и правно го потврди тоа што ние пред неколку месеци го нагласивме – дека е во прашање крајно несериозно обвинување што нема издржаност во реалноста. „Европа“ АД – Скопје секогаш ги има предвид потребите, почитта и ставовите на своите потрошувачи и знаејќи го тоа на ум, ние никогаш не би си дозволиле да направиме нешто со кое би ја нарушиле таа доверба. Сосема спротивно, понатаму посветено ќе продолжиме да ги подобруваме веќе долго популарните производи, но и да креираме нови“,- истакнува Димитрова.
„Европа“ АД – Скопје уште еднаш потсетува дека во поглед на содржината, „Бонбон ноар“ е непроменет продукт којшто се создава повеќе од половина век. Тој за првпат е внесен во каталогот на компанијата пред повеќе од три децении, односно во 1982 година. Под актуелната амбалажа, пак, бонбоната се продава од 2003 и оттогаш е присутна и на пазарот во Србија, значи безмалку цели 11 години. Македонската компанија нагласува дека „Бонбон ноар“ и „Негро“ имаат различен состав.
Слично е што обете се базирани на лакрицот како состојка, меѓутоа, процентот на масното полнење, филувањето и изгледот на самата бонбона немаат допирни точки. Лакрицот во светот на бонбоните е применет од неколку стотини производители. Амбалажата на најголем дел од нив е комбинација од црна, бела и црвена боја. Причина за тоа е токму лакрицот чијшто изглед најчесто се комуницира со овој колорит. И глобални марки како „Харибо“, „Салос“, „Јанки“ и „Клене“ за своите бонбони базирани на лакриц со години се придржуваат до истиот пристап, се појаснува во соопштението на скопксата компанија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Еуроникел“: „Фени“ не се затвора, ниту работниците ќе останат без работа, почнува планиран ремонт

Нема отпуштања од работа, ниту затворање на фабриката за преработка на руда „Фени“, со која од 2018 година стопанисува „Еуроникел“, домашен претставник на швајцарскиот фонд ГСОЛ. На социјалните мрежи, но и во неколку медиуми, од синоќа се шират вести дека е сопрено производството, дека печките се ставени на неопходниот минимум, дека фабриката ќе се затвори поради продажба на Бугари и работниците ќе останат на улица, а како една од причините се наведува поскапувањето на струјата. Од „Еуроникел“ за „А1он“ објаснуваат дека почнуваат планиран ремонт, кој некој го искористил за ширење лаги за да им наштети на фабриката и на вработените.
„Лажни се наводите дека се затвора ‘Еуроникел’. Напротив, влегуваме во плански ремонт во периодот што следува, со цел да се надмине временската рамка на диспаритет меѓу цената на електрична енергија, која е огромна, и цената на никелот, која е во надолна линија. Сите вработени се на работа, ниту некој останува без работа ниту, пак, фабриката се продава. Ваквите малициозни дезинформации имаат намера само да им наштетат на фабриката и на вработените, а со тоа и на домашната економија, во која ‘Еуроникел’ има огромен удел и, за жал, не е првпат да се соочуваме со вакви клевети“, велат од „Еуроникел“.
Швајцарскиот фонд ГСОЛ ги презеде сите долгови на фабриката „Фени“, која имаше активен стечај, и од март 2018 година го рестартира производството, а главната битка за преземање на „Фени“ ја водеше со бугарската компанија „Енекод“, која доби можност да ја преземе, но не ги уплати бараните средства и фабриката отиде во стечај.
Економија
Од денес повисока цена на струјата

Од денеска поскапува струјата. Почнува пресметката на блок-тарифите, кои се поделени во четири групи, и според најавите од Регулаторната комисија за енергетика, оние што трошат повеќе струја ќе плаќаат поскапи сметки.
Од РКЕ уверуваат дека 98,8 проценти од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми 7,4 проценти. Не се очекуваат ниту рестрикции на струја, иако нè очекува тешка зима, рече вчера министерот за економија Крешник Бектеши.
Блок-тарифите ќе важат само за скапата струја, а за евтината нема да има блок-тарифи и потрошувачката ќе се плаќа врз основа на разлика.
Според најавите, кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 отсто, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7 отсто, кај 3 проценти од 8,7 до 11,2 отсто, а кај оние што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 отсто.
Економија
Битиќи и Папандреу: Интеграцијата е единствен начин за да се создаде меѓузависност

Во рамките на Македонскиот енергетски форум – МЕФ 2022 се одржа панелот „Преиспитување на регионалната енергетска безбедност“, на кој учествуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и Јоргос Папандреу, долгогодишен политичар, член на грчкиот парламент и поранешен премиер на Грција.
Панелот, кој беше модериран од Али Аслан, се осврна на повеќе значајни прашања во врска со регионалната интеграција од аспект на економската и енергетската зависност и перспективите.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека е потребно многу потемелно да навлегуваме во корените на проблемите поврзани со енергетските предизвици, односно заеднички да се справуваме со причините, а не само да ги решаваме нивните ефекти. Тој потенцира дека интеграцијата е единствен пат за да се создаде регионална меѓузависност и соработка, со што единствено ќе се одрази духот на заедништвото помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.
„Во услови на економска, енергетска и воена криза, ковид-пандемија, мораме да работиме заедно и да се справиме со енергетската криза и да постигнеме геополитичка сигурност. Интеграцијата помеѓу земјите од Западен Балкан, како и земјите членки на ЕУ, е единствен начин за креирање одржлива енергетска независност“, потенцира Битиќи.
Папандреу истакна дека тој во континуитет се залага за унапредување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дека изоставувањето на овој регион од европската интеграција претставува безбедносен ризик, кој Европа не смее да си го дозволи. Папандреу апелира дека се потребни итни и неодложни заеднички напори на ЕУ и нашиот регион во обезбедувањето на енергетската сигурност и економската стабилност.
Двајцата панелисти се согласија дека актуелната соработка во енергетиката е важно геополитичко и безбедносно прашање, а двете соседни земји со примери покажаа дека се спремни да земат водство и да им покажат и на своите европски колеги за додадената вредност на заемната регионалната соработка и меѓузависност.