Компании
„Европа АД“ ја доби битката со „Пионир“ пред српските судови

Стопанскиот суд во Белград ги отфрли сите обвинувања на српски „Пионир“ според кои „Европа“ АД – Скопје наводно фалсификувала нивни бонбони, соопшти македонската компанија во четвртокот.
Македонската компанија со 132-годишно искуство, чии количини од производот„Бонбон ноар“ пред неколку месеци беа запленети од властите кај северниот сосед, доби и правна потврда на тоа што од самиот почеток јавно го тврдеше – дека овие слатки се оригинални, односно дека воопшто не го повредуваат жигот на српскиот конкурент.
Следна постапка на „Европа“ АД – Скопје ќе биде поднесување тужба против „Пионир“ за изгубена добивка и за нарушен углед.
„Обвинувањата за фалсификат, запленувањето на стоката, како и поднесената пријава, беа настани во чие развивање „Европа АД“ немаше никаква улога. Нашата компанија со децении работи на српскиот пазар, каде што има долгогодишни, докажано лојални, купувачи. Тие самите знаат да го изберат вистинскиот квалитет, а со тоа што верно ги следат нашите производи истакнуваат дека и самите ја препознаваат разликата помеѓу плагијат и фалсификат“,вели Сава Димитрова, претседател на управниот одбор на „Европа“ АД – Скопје.
„Пионир“ поднесе тужба пред српските судови и во неа бараше: да се утврди дека „Европа“ АД – Скопје го повредила жигот на компанијата и да се забрани производството, испораката, извозот, понудата и ставањето во промет на „Бонбон ноар“. За секоја од овие точки познатиот македонски бренд доби правна потврда дека се неосновани и целосно отфрлени. Тоа значи дека македонското претпријатие ќе може слободно и во иднина да го продава овој продукт во Србија затоа што сега има и судска одлука дека тој не е плагијат на „Негро“ на „Пионир“.
„Ова решение и правно го потврди тоа што ние пред неколку месеци го нагласивме – дека е во прашање крајно несериозно обвинување што нема издржаност во реалноста. „Европа“ АД – Скопје секогаш ги има предвид потребите, почитта и ставовите на своите потрошувачи и знаејќи го тоа на ум, ние никогаш не би си дозволиле да направиме нешто со кое би ја нарушиле таа доверба. Сосема спротивно, понатаму посветено ќе продолжиме да ги подобруваме веќе долго популарните производи, но и да креираме нови“,- истакнува Димитрова.
„Европа“ АД – Скопје уште еднаш потсетува дека во поглед на содржината, „Бонбон ноар“ е непроменет продукт којшто се создава повеќе од половина век. Тој за првпат е внесен во каталогот на компанијата пред повеќе од три децении, односно во 1982 година. Под актуелната амбалажа, пак, бонбоната се продава од 2003 и оттогаш е присутна и на пазарот во Србија, значи безмалку цели 11 години. Македонската компанија нагласува дека „Бонбон ноар“ и „Негро“ имаат различен состав.
Слично е што обете се базирани на лакрицот како состојка, меѓутоа, процентот на масното полнење, филувањето и изгледот на самата бонбона немаат допирни точки. Лакрицот во светот на бонбоните е применет од неколку стотини производители. Амбалажата на најголем дел од нив е комбинација од црна, бела и црвена боја. Причина за тоа е токму лакрицот чијшто изглед најчесто се комуницира со овој колорит. И глобални марки како „Харибо“, „Салос“, „Јанки“ и „Клене“ за своите бонбони базирани на лакриц со години се придржуваат до истиот пристап, се појаснува во соопштението на скопксата компанија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Ел-Џи“ размислува да се повлече од пазарот на паметни телефони

„Ел-Џи електроникс“ може да го напушти производството на паметни телефони откако изгуби околу 4,5 милијарди долари во тој бизнис во изминатите пет години, пишува корејскиот бизнис портал „Кореа Хералд“ (The Korea Herald).
Извршниот директор на компанијата, Квон Бонг-сеок, испрати порака до вработените во концернот што навестува дека може да следат големи промени во сегментот на паметните телефони.
„Без оглед на какви било промени во насоката на бизнисот со паметни телефони, вработувањето ќе се одржи, така што нема потреба да се грижите“, рече тој.
„Како што се интензивира конкуренцијата на глобалниот пазар на мобилни телефони, време е Ел-Џи да донесе ладна проценка и најдобриот избор“, рече менаџерот на компанијата.
„Компанијата ги разгледува сите можни мерки, вклучувајќи продажба, повлекување и намалување на бизнисот со паметни телефони“, се вели во соопштението.
Претходно, се појавија информации дека Ел-Џи (LG) можеби се подготвува да ги намали или расклопи своите мобилни единици. Според овие шпекулации, околу 60 проценти од вработените би биле преместени и прераспоредени во други деловни единици во рамките на компанијата или во други подружници на Ел-Џи.
Кога ја презеде функцијата во јануари минатата година, извршниот директор Квон вети дека ќе направи пресврт во бизнисот со паметните телефони.
Економија
Шефот на „Фолксваген“ направи профил на „Твитер“ и го пецна Илон Маск

Извршниот директор на „Фолксваген“, Херберт Дис, отвори твитер-профил и веднаш во првата објава, му се обрати на Илон Маск, неговиот голем конкурент.
Hello @Twitter! I’m here to make an impact with @VWGroup, especially on political issues. And, of course, to get some of your market shares, @elonmusk – after all, our ID.3 and e-tron have won the first markets in Europe. Looking forward to productive discussions!
— Herbert Diess (@Herbert_Diess) January 20, 2021
„Еј, ‘Твитер’! Тука сум да ги искажам моите ставови и ставовите на Групацијата Фолксваген, особено за политички теми. Се разбира, тука сум и да земам дел од вашиот удел на пазарот, Илоне Маск. На крајот на краиштата, нашите модели ID.3 и e-tron се најпродавани во Европа. Очекувам продуктивни дискусии!“, порача Дис.
Аферата „Дизелгејт“ го потресе германскиот автомобилски гигант, но неговите електрични возила се добро позиционирани на европскиот пазар, особено во Германија. Така, „Фолксваген“ стана голем конкурент на „Тесла“, која во меѓувреме ја намали цената на својот „модел 3“ во Европа.
Економија
Зелена машина на „Брако“ ја чистеше Белата куќа пред инаугурацијата на Бајден

Еколошката машина GM500ze на македонската компанија „Грин машинс“ (Green Machines), која е во сопственост на велешки „Брако“, го чистеше дворот на Белата куќа во Вашингтон во пресрет на вчерашната инаугурација на новиот американски претседател Џо Бајден.
Станува збор за иновативна машина за одржување хигиена во урбани средини, која работи без воопшто да испушта јаглероден диоксид. GM 500ze е првата целосно електрична машина од овој тип и веќе добро е позната меѓу градовите и институциите што се стремат кон паметни и зелени решенија во процесот на одржувањето на хигиената во урбани средини.
Деновиве во американските медиуми сè беше насочено кон преземањето на функцијата на новиот претседател. Беа објавени голем број стории, кои се фокусираа и на најситните детали од подготовките за инаугурацијата. Во една таква сторија на престижниот „Политико“ се појави и зелената машина на „Брако“. Еј-би-си, пак, објави прилог во кој вели дека и вообичаено сè е блескаво чисто во Белата куќа, но овој пат, имајќи ја предвид и пандемијата на Ковид-19, било спроведено длабинско чистење какво што не се памети.
Од „Брако“ велат дека GM500ze не се нашла случајно во Белата куќа бидејќи нивните производи веќе подолго време се извезуваат на американскиот пазар. Благодарение на сертифицираниот квалитет, нечујноста и иновативната технологија што не загадува, зелените машини ги чистеле пешачките зони и на други познати локации, како Бакингемската палата во Лондон, плоштадот Свети Петар во Ватикан, улиците на Сингапур, „Дизниворлд“, Тајмс сквер во Њујорк итн.
Поради својот футуристички дизајн, овие возила го привлекуваат вниманието и на филмските режисери и се појавуваат во сцени од Man In Black 3 и Star Wars: Episode I – The Phantom Menace.
GM 500ze е претходникот на најновата иновација што ја произведе „Брако“, која пред неколку месеци беше презентирана во Европа и светот. Тоа е неверојатната машина GM 500H2 што работи на водород и испушта вода наместо издувни гасови. И ова возило ја продолжува визијата на велешката компанија, чија цел е да придонесе за минимизирање на човечкото влијание врз природата и максимално да ја зголеми ефикасната употреба на ресурсите.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот