Контакт

Investigative story

Таневски: Општина Охрид лаже, пари од буџетот ми исплатија и годинава

Објавено пред

Љупчо Таневски, сопственик на охридскиот портал „Охрид 1“, во интервју за „Макфакс“ зборува за парите што Општина Охрид му ги префрлала за медиумски услуги. Иако Општина Охрид во листата испратена до „Макфакс“ вели дека годинава не ги плаќале фирмите во сопственост на Таневски, тој тврди дека му префрлиле 430.481 денар. Таневски потврдува дека градоначалниците си ја купувале медиумската наклонетост, вели дека се однесувале по правилото – кој те плаќа, тој те има и дека не само нему туку и на сите други сопственици на медиуми им било јасно дека се работи за корупција што е озаконета. На ист принцип функционирале не само со градоначалниците туку и со директорите во јавните претпријатија и другите државни институции.

Таневски во интервјуто ги повикува сопствениците на медиуми кои зеле пари од Општина Охрид јавно да кажат за што им се префрлани парите изминатите години. Убеден е дека сопствениците треба јавно да проговорат, ако ништо повеќе, тогаш како благодарност кон Бакрачески, кој ги спасил од банкрот.

 

Какви услуги ѝ понудија „Мегастар“, „ЛТ трејд“ и „Охрид1“ на Општина Охрид за исплатите што ги добивале изминатите години?

„Ние никогаш не сме ѝ нуделе услуги на Општината и не сме иницирале соработка. ‘Охрид1’, како и сите други медиуми, испратил понуда по претходно добиено барање за цени за објавување огласи и соопштенија од локалната самоуправа. Таа цена била пониска од други портали, а по барање на тогашниот градоначалник, Никола Бакрачески, во договорите имаше член кој нè ограничуваше само на 10.000 денари месечно. Тоа значи дека никогаш нашите фактури не надминаа 10.000 денари. Што се однесува до ‘Мегастар продукција’, како што веќе кажав, се јавивме на тендер за снимање рекламни видеоспотови за Охрид, дадовме убедливо најниска понуда и го добивме тендерот. Проценетата вредност на набавката беше 2.600.000 денари, а ние дадовме понуда од 918.000 денари и ја работевме работата цели 9 месеци. Снимавме во три годишни времиња, под вода, во воздух, плативме поголема екипа која снимаше, плативме авторски права за музика и од таа работа профитот беше минимален. Не знам зошто од локалната самоуправа тие пари ги ставаат во медиумски услуги кога тоа не е така. Еве, во јули тие реклами се емитувани на еден телевизиски канал и платени се повеќе пари за емитување од тоа што плати Општината за снимање. Тоа кажува сè.

Според известувањето од Општина Охрид, оваа година вашите фирми немаат исплата од Општината. Зошто престанала децениската соработка?

„Тоа дека немаат исплата, не е точно! Оваа локална власт мене ми плати 430.481 денар, пари префрлени од сметката на Општината на сметката на „Мегастар продукција“. Ова го изјавувам со полна морална и кривична одговорност и тврдам дека информацијата што ја дале е лажна, а мојата е точна. Според износот што ми го платија и според она што го дале како одговор, „Охрид 1“ во оваа власт има земено колку што зела и ТВМ. Манипулациите ги прават со начинот на кој ги даваат одговорите, без да нагласат што е фактурирано во времето пред 2013 година и што по октомври 2017 година, а со цел и тоа што се плаќало како стар долг да се прикаже како делење пари на медиуми од страна на Никола Бакрачески. Точно е дека по оваа уплата (која се случи непосредно пред избивањето одредени скандали во здравството, кои одекнаа на национално ниво), соработката прекина исклучиво од лични причини. Тоа е лична одмазда на група луѓе од СДСМ Охрид, кои изминатата година спроведоа низа дејства со цел да го уништат мојот бизнис. Секако, во тоа се вклучени и поединци од најтесното опкружување на градоначалникот. Мотивот, покрај тоа што е политички, има и лични причини кои влечат корен во едно мое пријателство и тоа што јас и мојот медиум не напуштивме еден човек, туку продолживме да го поддржуваме објективно информирајќи за неговата професионална кариера за разлика од другите медиуми од Охрид, кои го премолчаа тој скандал во здравството. Ако се земе предвид моментот на исплатите и однесувањето на охридските медиуми, можам да помислам дека можеби тоа го правеле од финансиски интереси. Жално е што градоначалникот на Охрид (со кого често комуницирам) се претвори во инструмент на лични игри на одделни луѓе од СДСМ Охрид. Можеби човекот не може да се спротивстави, па прави тешки поделби на подобни и неподобни, нешто што мислевме дека е симбол на времето на Никола Груевски. Што се однесува до раководството на СДСМ во Охрид, тоа не е случај и чесно е да нагласам дека локалниот разгранок не ја води оваа глупава политика на поделби. Тоа, како што кажав, е тесен круг влијателни функционери, кои не можат да се помират дека уплатата на парите не влијаеше на овој мој личен избор, кој е резултат на мојот карактер и каде што приватните релации првпат во мојот живот ги ставив над мојот бизнис-интерес. Да не постапев така, денес ќе бев прв на листата по исплатени пари во 2018 година. Но, како што реков, тоа во овој случај беше работа на карактер, а не на бизнис-логика“.

Како сопственик на медиум, кој е Вашиот став за финансирање на медиумите со народни пари?

 „Медиумите се приватни бизниси и секој сопственик на бизнис се води од логиката да оствари профит, па така и медиумите во Охрид сме дел од трката по профит. Од друга страна, муштеријата е секогаш во право, па сосема логично, нормално и природно е медиумите да имаат предвид што пишуваат за одредени свои клиенти. Ако кај нас се рекламира некоја приватна фирма, логично е да сме внимателни да не излезе некоја информација што ќе ѝ наштети. Исто така, ако клиент е Општина Охрид, медиумите ќе се воздржани од критики, ако е некое јавно претпријатие, тоа повторно ќе е така. И тоа е така на сите овие медиуми со години.

Сметате ли дека има корупција и ограничување на медиумската независност со вакви исплати? 

„Иако сопствениците се со полна уста фалби за себе дека биле професионални новинари, тоа не е така бидејќи – кој те плаќа, тој те има и јасно им е на сите дека се работи за корупција која е озаконета. Како може сопственик на медиум да е новинар? Тој може да е само бизнисмен, кој има фирма за објавување вести и од вестите што ги објавува прави пари. Но, првин треба да дефинираме и какви други елементи на корумпирање има. Целиот овој спелт на околности во медиумите нè води до заклучокот дека додека медиумите добиваат пари од државата и услуги од функционерите, нема да бидат слободни.

Кој те плаќа, тој те има, јасно им е на сите дека се работи за корупција која е озаконета: Љупчо Таневски, сопственик на порталот „Охрид 1“

Здружението на новинарите на Македнија децидно укажа дека ваквите исплати се чиста корупција и купување медиумско внимание, кои директно ја загрозуваат независноста на медиумите. Се согласувате ли со тоа?

Тоа е точно, но Здружението, освен да укажува, не прави ништо конкретно. Што се однесува до ЗНМ и Насер Селмани, јас ќе кажам дека во два наврата одев на состаноци и трибини во Охрид. Еднаш во 2009 и еднаш во 2011. На тие состаноци само јас зборував и давав конкретни предлози, кои Насер ги запишуваше во тефтер. Барав регулирање на интернет-порталите, јасно разграничување на државните пари за реално потребни огласи (бидејќи реално некогаш има таква потреба) од напумпаните договори за промоција на поединци во милионски износи. Барав да се дефинира и суптилната и скриена корупција, која се состоеше во вработување членови на семејствата на сопствениците на медиуми. Насер изгледаше воодушевено од моите предлози, но ништо конкретно не презедоа по нив. Кога третпат дојде Насер во Охрид, локалниот претседател на ЗНМ, мојот колега, бизнисменот Горан Момироски, не ме покани на тој состанок и не добив шанса да давам нови предлози за сузбивање на корупцијата во медиумите, која е присутна со години. Друго прашање е како по толку милиони потрошени во медиумите, политичарите ќе се појават пред сиромашните граѓани што живеат со септички јами и ќе им ветуваат средување на состојбите во градот и подобар живот, а медиумите што добиле милиони тоа ќе им го соопштат на граѓаните.

Какви услуги Вашите фирми му понудија на јавното претпријатие „Проаква“ и зошто е прекината и таа соработка?

„Соработката меѓу ‘Проаква’ и ‘Охрид 1’ ја прекина Никола Бакрачески во април 2013 кога дојде на власт. Пред тоа, по барање на директорот што раководеше со претпријатието пред 2013, имавме плодна соработка. Колку што се сеќавам, во тие години ‘Проаква’ имаше проблеми да си ја плати струјата и се закануваше со исклучување од напојување. Тогашниот директор ме повика кај него за да соработуваме на подобрување на имиџот бидејќи во тоа време со аферите за исклучување на струјата во јавноста имале многу лош имиџ. Јас тоа и го сработив. Од ‘Проаква’ ми дадоа договори, почнавме да работиме и знам дека износите не беа воопшто мали, но не можам сега прецизно да се сетам колкави беа. Кога се смени власта и Никола Бакрачески стана градоначалник, нареди да се прекине соработката со моите фирми и никогаш повеќе не дозволи ‘Проаква’ да работи со моите продукции и со ‘Охрид1’, а долговите ми ги плаќаа на рати. Не постои фактура од моите фирми кон ‘Проаква’ од март 2013 до ден-денешен. Одговорот што го дале дека по овој период се плаќани пари на мојот портал исто така е неточен и лажен“.

Освен од Општина Охрид и „Проаква“, од кои други јавни институции добивавте пари?

Периодот од 2009 до 2012 година е време кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се тркаа кој повеќе ќе ги плати медиумите. И додека ние работевме со ‘Проаква’, дојде друга понуда од тогашниот директор на ЈЗУ Општа болница Охрид, кој побара исто така да го промовираме во јавноста. Потпишавме договори, работевме и со болницата и тоа исто така за високи износи. Го промовиравме директорот кој имаше амбиции да стане пратеник или градоначалник. По ова, се јави друг директор од јавно претпријатие во друга општина бидејќи амбициозните директори почнале да делат препораки за мојата фирма. Па и со него работевме. ВМРО-ДПМНЕ во тоа време додека СДСМ беше на власт во Охрид пред 2013 година користеше други маши да ги плаќа медиумите во Охрид, но успешно ги плаќаше. Од болници до национални паркови, па дури и Заводот и Музеј на град Охрид даваа пари во медиуми. Не ми е јасно зошто другите сопственици на медиуми молчат и бегаат од вашите прашања. Нека се коректни кон Никола Бакрачески и нека кажат дека во негово време им се плаќаа стари долгови. Сигурен сум дека на ТВМ и на ‘Охридњус’ им се плаќаа стари долгови пред 2013 и дека износите што ги фактурираа се многу мали, а мислам дека во подолги периоди и воопшто не фактурираа во времето на Бакрачески. Но, не ми е јасно зошто ја оставаат локалната самоуправа да дава лажни манипулативни и непрецизни одговори?! Мислам дека бизнисмените Ирена Арнаудова од ТВМ и Горан Момироски на „Охридњус“ треба да се чесни и да излезат да кажат што е точно, ако не за друго, од благодарност, да не се клевети Бакрачески со погрешните информации што ги дава Општината оти, еве, како што гледаме, тој им помогнал да не банкротираат“.

 

Investigative story

Ни требаат реклами, ние сме угледот на градот, „Охридски комуналец“ за потрошените 1,7 милион денари на медиуми

Објавено пред

За медиумско внимание во Охрид плаќало и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Од 2011 година, кога претпријатието почнува самостојно да функционира, до август 2018 година, „Комуналец“ за рекламирање во локалните медиуми потрошило 1.714.149 денари или околу 27,8 илјади евра, дознава „Макфакс“. Исплатите кон медиумите и од ова претпријатие, како и од другите јавни претпријатија во Охрид и од Општина Охрид, ги има и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите. „Комуналец“ плаќа и им плаќало на медиумите на ист начин како и Општина Охрид – од блокирана сметка поради долгови.

Договорите се потпишувале за гостувања во живо, за емитување соопштенија и огласи од информативен карактер, како и за поставување банери и рекламирање. Најмногу пари „Комуналец“ одвоил за „МХ радио“ – 429.785 денари, на „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ му биле исплатени 254.552 денара, 206.986 денари „Комуналец“ одвоил за услугите од ТВМ, 205.266 денари му исплатиле на Златко Маневски за организирање на веб-страницата на претпријатието, на „Охридњус“ му исплатил 148.290 денари, „Охрид 24“ добил 140.000 денари, „Охридскај“ добил 91.110 денари, на „Мегастар“ повторно за објави на порталот „Охрид 1“ му исплатил уште 90.000 денари, 85.750 денари му се исплатени на „Москито“ за објави во електронскиот весник „Охридлајв“, на „СОС Балкан медија“ за објави на „Охридскај“ му биле исплатени 40.320 денари и најмалку пари „Комуналец“ одвоил за „Вебвил“ со исплатени 22.000 денари.

Од „МХ радио“, кое добиле речиси половина милион денари од „Комуналец“, велат дека соработката со претпријатието не ја загрозувала нивната медиумска независност.

„Парите не се за фаворизирање, туку за објавување огласи и соопштенија. Претпријатијата имаат потреба од вакви објави и не гледам зошто медиумите да бидат тргнати настрана. Таа соработка не можам да кажам дека влијаела врз независноста на медиумот оти се работи за објава на соопштенија, во истата приказна сме сите, и локални и национални медиуми. Далеку сме сите до еден од независност и треба да помине еден долг период за да се направи природна селекција на чисто комерцијални медиуми, под услов да не се појавуваат повеќе медиуми целосно поддржани од Владата или од локалната самоуправа, како што имавме во изминатиот период“, вели Јулијан Здравковиќ од „МХ радио“.

Став дека претпријатието треба да се рекламира и покрај што работи со блокирана сметка има и сегашниот директор на „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

„Треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно“, -Љупчо Грданоски, директор на „Охридски комуналец“

„Долгови има, работиме со блокирана сметка. По моето доаѓање, имам направено спогодби за враќање на долговите, за старите наталожени долгови. Почната е постапката, а големи се и каматите, треба време. Имаме потреба да се рекламираме во медиуми, ова е јавна работа. Ние сме угледот на градот, треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно. Овие пари нема да влијаат на долговите затоа што тие се големи, а ова се малку пари“, изјави директорот Грданоски за „Макфакс“ не прецизирајќи колку изнесува долгот на претпријатието и колку време работат со блокирана сметка.

Кај ова претпријатие, според податоците што ни ги испрати сегашниот директор Грданоски, не се поклопува сумата на исплатени пари во медиумите со сумата на која се потпишани договорите за соработка. Исплатени се помалку пари од она што е предвидено во потпишаните договори. Претпријатието потпишало договори со медиумите кои предвидуваат да им бидат исплатени 2.123.695 денари, но реализираните исплати се на сума од 1,7 милион денари.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Охридските „Градски гробишта“ се рекламирале за 1,1 милион денари народни пари

Објавено пред

Со народни пари реклами во локалните медиуми си плаќале и директорите на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, дознава „Макфакс“. За рекламни спотови, маркетинг-услуги, објава на соопштенија и огласи и телевизиско емитување од 2011 година, кога е формирано претпријатието, до годинава „Гробишта“ потрошило 1.115.400 денари или малку повеќе од 18 илјади евра. И тоа, по примерот на Општина Охрид, како и другите јавни претпријатија, плаќало за медиумско внимание и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите.

Локалните медиуми во Охрид истовремено зеле пари и од Општина Охрид и од јавните претпријатија. Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ. Иако соработувале само една година, 2012, на овој медиум претпријатието му префрлило 185.100 денари за телевизиско емитување, што е најголема одвоена сума за еден медиум. Зад ТВМ на листата следуваат „МХ бокс“ со 144.000 денари, „Охриднет“, кој добил 128.000 денари, „ТВ О2“ за која биле одвоени 120.000 денари, Радио Морис со 108.000 денари, за „МХ радио“ и „Охрид вест“ биле одвоени по 96.000 денари, „Охридскај“ добил 65.400 денари, на „НТВ продукција“ ѝ биле исплатени 64.900 денари, „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ добил 60.000 денари и најмалку пари биле одвоени за „ТВ Морис“, која добила 48.000 денари.

Од најплатениот медиум, ТВМ, првин ни рекоа дека немале договор за соработка со „Градски гробишта“ – Охрид спротивно на официјалните податоци што во „Макфакс“ ги испрати претпријатието, од кои се гледа дека за нив се потрошени најмногу пари, а подоцна се јавија да ја повлечат изјавата и рекоа дека од финансискиот оддел им потврдиле дека имале договори во 2012 година.

Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ

„Не земавме пари од ‘Градски гробишта’, немаме договори и не сме емитувале реклами. Договори имавме со ‘Комуналец’“, кусо изјави управителката на ТВМ, Ирена Арнаудова, за „Макфакс“.

Таа рече дека има неодложни обврски поради кои не може да даде подолго објаснување, но десетина минути подоцна ја смени изјавата и најави дека детаљно ќе ни одговори на сите прашања доколку ѝ ги пратиме по имејл. Арнаудова до објавувањето на текстот не одговори на прашањата.

Некои од останатите сопственици на медиумите кои добивале пари од Општината и од јавните претпријатија веќе се изјаснија дека додека траеле договорите им биле наклонети на оние што плаќале и се раководеле од изреката „кој те плаќа тој те има“.

Договорите за соработката со медиумите во име на „Гробишта“ ги случиле директорите Драган Пандевски, кој бил на функцијата до април 2013 година, и неговиот наследник Зоран Симоновски, кој бил директор до ноември 2017 година. Праксата за купување медиумско внимание во ова претпријатие ја прекинал сегашниот директор Ванчо Костоски.

„Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот на „Градски гробишта“, Ванчо Костоски

„Не гледам потреба да се рекламирам и нема што да се рекламира кај нас. Ние имаме потреба од објавување огласи или соопштенија од типот да ги известиме граѓаните дека следува утужување ако не ги намират обврските за гробарина. Откако јас сум директор, не сме користеле огласи и соопштенија, туку праќаме опомени по пошта. Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот Костоски за „Макфакс“.

Јавното претпријатие, според директорот Костоски, сè уште е во долгови. Сегашниот долг изнесувал околу 50.000 евра.

Измената на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, која е во постапка, треба да забрани влегување јавни пари во медиумите, со што се очекува поголема медиумска независност.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Обвинителството ги комплетираше документите за случајот со ексдиректорот на МНТ

Објавено пред

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и надлежен обвинител активно постапуваат по предметот за наводната злоупотреба и ненаменско трошење на средства во Македонскиот народен театар. Целата документација што ја побарале е на увид пред надлежните од обвинителство кои ќе одлучуваат дали има основа за оформување обвинение. На прашање на „Макфакс“ дали ОЈО ќе оформи случај од приложените документи,  тие велат дека случајот е во процесот на предистражна постапка, дејствијата се тајна  и во моментов нема да споделуваат детали.

Во овој случај има индиции за повеќе незаконски постапки што ги вршел поранешниот директор Дејан Пројковски. Минатата недела  инспекторите ги анализираа документите за јавните набавки што ги вршел поранешниот директор на МНТ, Дејан Пројковски, во периодот од 2015 до 2017 година. Според документите,  постојат сериозни елементи на кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно – приватно партнерство.

Полицијата постапи по пријавата од страна на Министерството за култура, а како што дознава „Макфакс“, уметничкиот директор само за 2016 година склучил договори за јавни набавки кои се „под лупа“ со вкупна вредност од 25.165.250.000 денари, или приближно 409.191.000 евра.

Предмет на детална анализа се договорите склучувани со надворешни фирми и физички лица од кои театарската куќа речиси и немала потреба бидејќи стручен кадар и лица за истата работа има на редовниот платен список на МНТ. Од тука е интересот да се испита кој и зошто се плаќал, и каде завршувале тие пари.

Причината да се направи детален увид во работата на Пројковски бил големиот долг што го наследи актуелната директорка, Симона Угриновска.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Крвав четврток3 часа

Го извадив пиштолот и кажав стој полиција, сведочеше телохранителот на Оливер Спасовски за 27 април

Сашо Тасевски, директорот на БЈБ, телохранител на тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, доцна вечерва сведочеше во кривичниот суд...

Крвав четврток4 часа

Ги видов пратениците Мукоски и Василевски како ги вадат гредите од вратите на Собранието, сведочеше собраниски обебзбедувач

На продолжението од судењето за настаните од 27 април сведочеше собранискиот обезбедувач Владимир Стојков. Тој потврди дека кога чул врева,...

Македонија10 часа

Претепаниот скопјанец: Ме намести пријател, тие ме чекаа во заседа

Брутално претепаниот скопјанец за „Макфакс“ вели дека бил нападнат од познат лихвар во Скопје бидејќи зел на заем 200 евра,...

Топ11 час

(Видео) Кавадарчанец прободел жена со нож во стомакот кога му рекла дека е бремена

Полицијата вчера уапси кавадарчанец во Струмица под сомнение за обид за убиство како и за повеќе кражби во станови во...

Македонија12 часа

Обвинителството ќе проверува дали е запоставувано детето во станот со пелени во „Скопјанка“

Основното јавно обвинителство Скопје ќе утврдува дали родителите го запоставиле детето коешто живее со бабата во станот во „Скопјанка“, којшто...

Македонија14 часа

Мухиќ: Владата не им објасни на граѓаните кои уставни промени ќе се случат по референдумот

Независниот пратеник Ферид Мухиќ не сакаше за ,,Макфакс” да каже дали ќе излезе на претстојниот референдум за промена на името,...

Македонија15 часа

Фрчат казни за адвокати во кривичниот суд, тројца казнети со 1000 евра

Поради неприсуство на тројца адвокати, Судот го одложи денешното рочиште за предметот на специјалното јавно обвинителство со кодно име „Топлик“....

Македонија15 часа

Се разболе обвинетиот Митко Пецов – Фатиме побара да биде приведен

Одложено е рочиштето за предметот ,,Насилство”. Обвинетиот Митко Пецов се разболел и не присуствуваше на седницата, обвинителката на СЈО Фатиме...

Македонија16 часа

Претепаното момче во Аеродром има потрес на мозокот и скршеници

Лицето кое вчера беше брутално претепано во Аеродром добило скршеници во пределот на носот и вилицата, имало исеченици по глава...

Македонија16 часа

Јавното обвинителство формираше комисија за следење на противправности во врска со референдумот

Јавниот обвинител на Република Македонија формираше комисија за следење на евентуални противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот на 30...

Свет16 часа

Повторно пукање во САД, петмина повредени, меѓу кои и дете

Пет лица се повредени, меѓу кои и осум годишно девојче во пукотници во Сиракуза, во државата Њујорк, соопшти полицијата. Инцидентот...

Македонија17 часа

1000 евра казна за вештак кој не дошол на судење за предмет на СЈО

1000 евра треба да плати вештакот Павлина Стојанова, а 2000 евра Друштвото за вештачење „Форензик експертс ДОО“ оти не се појавиле...

Македонија1 ден

(Видео) Заев-Пенс: Вашингтон ја споделува визијата на Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ

Премиерот Зоран Заев денеска во Вашингтон се сретна со потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајк Пенс. Како што соопштија од...

Вести1 ден

(Видео) Најмалку три лица убиени во Мериленд, за нападот е осомничена жена

Најмалку три лица се убиени во пукањето што се случи во 9 часот наутро по локално време во сојузната американска...

Регион1 ден

Поранешниот шеф на Хипо банка преку видеоврска сведочеше на судењето против Санадер

Поранешниот шеф на Хипо банка, Гунтер Штрајдингер, преку видеоврска од затвор сведочеше на судењето против поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер,...

Македонија1 ден

(Видео) Кратовалиев: Во „Тортура“ презентирана снимка за случајот „Кампања“ што досега била криена

На денешното рочиште за „Тортура“, кое се одвиваше без присуство на јавноста како доказен материјал од специјалното јавно обвинителство, бил...

Македонија2 дена

Пелените во станот во „Скопјанка“ стоеле од јануари, кога починала 90-годишната жена

Деведесетгодишната станарка на „Скопјанка“ која користела пелени починала во јануари годинава. Поради остар мирис од насобраните пелени во станот број...

Македонија2 дена

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ преку „Фејсбук“ најавуваат дека нема да гласаат за уставни измени

Десетина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку своите фејсбук-профили најавуваат дека нема да гласаат за уставни измени. Дел од пратениците, меѓу...

Македонија2 дена

Јорданов: На Божиновски му дадов 5 илјади евра за услуги, потоа ми бараше уште повеќе

Бизнисменот Минчо Јорданов на денешното рочиште во кривичниот суд за случајот ,,Шпион” рече дека на новинарот Зоран Божиновски му дал...

Македонија2 дена

(Видео) Запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров, соседите забележале луѓе со фантомки

Утрово околу 4 часот бил запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров паркиран на тротоар на улицата Христо Смирненски зад Универзалната...

Досие