Култура
Наградуваниот германски филм „Рока го менува светот“ на „Џифони филмски денови“
Фестивалот „Џифони Македонија“ ги поканува учениците од основно и средно образование што сакаат да учествуваат на нова сесија од „Џифони филмски денови“, што ќе се организира в сабота од 10 часот во Кинотеката. На четвртата сесија од овие филмски денови учениците ќе го гледаат филмот „Рока го менува светот“ во режија на Катја Бенрат, кој е снимен според книжевните мотиви на шведската писателка за деца Астрид Линдгрен, најпозната по романот за Пипи Долгиот Чорап.
Во него главен лик е Рока, девојче од друга планета. Таа е супериорна во техничката и социјалната комуникација во однос на своите врсници, има сила да го менува светот и со таа мисија почнува во нејзиното непосредно опкружување. Рока се бори за правда и без страв им се спротивставува на насилните врсници што ги малтретираат послабите. Рока, всушност, израснала во изолирана средина, и тоа не каква било, туку во вселенска станица. Затоа секојдневниот живот во Хамбург за неа изгледа многу чудно. И покрај тоа, Рока ги задржува својот отворен дух и духовитоста, пријателски настроена кон другите. Секогаш полна со оптимизам, Рока се бори да ја зачува својата независност и да докаже дека и децата имаат моќ да го менуваат светот…
„Рока го менува светот“ беше во конкуренција за наградата на младата публика на Европската филмска академија во 2020 година. Децата актери од филмот ги освоија националните германски филмски награди, беше најдобар филм на фестивалот за деца „Џифони“ и на фестивалот во Луксембург.
Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“, информира организаторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Аница Добра гостинка и музички документарен филм за Хаустор на „Синедејс“
Богата, празнична програма на вечерашното 24. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“.
Во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот „Бело се пере на деведесет” во режија на словенечкиот режисер Марко Набершник, во кој главната улога ја има легендарната српска актерка Аница Добра, која е и гостинка на вечерашната проекција. Филмот е македонска ко-продукција, каде учесник е продукцијата „Црна мачкa” од Скопје и продуцентот Томи Салковски.
По таа проекција, во киното ќе биде прикажан музичкиот документрен филм „Фанк-ЈУ” во режија на Бранко Дујмиќ, посветен на југословенската фанк сцена.
Во Денсинг салата со почеток од 19 часот, следи филмот кој ги освои регионалните кино сали, филмот за легендарниот хрватски музички состав „Хаустор” со наслов „Трет свет” во режија на Арсен Оремовиќ, каде гостин е режисерот на филмот.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, следи и „Тајниот агент” во режија на Мендоса Фило, филм кој беше номиниран за наградата Златна Палма на овогодишниот Кански филмски фестивал, како и кратки филмови и филмови од натпреварувачките селеции.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Љутков: Македонија мора да стане држава на приказни – културата, гастрономијата и историјата да бидат во срцето на туризмот
Македонија може да стане дестинација со силен културен идентитет, одржлив туризам и препознатлив национален бренд – ако ја стави културата во центарот на развојот, ако ја модернизира презентацијата на наследството и ако ги поврзе градовите во единствена туристичка мрежа. Ова го смета министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека државата мора да се претстави преку автентични приказни, силна гастрономија, археолошки богатства и современа креативна сцена. Тој вели дека Македонија има потенцијал да го удвои туристичкиот ефект доколку ја претвори културата во двигател на економијата, а транзитниот коридор Е75 во вистинска културно-туристичка рута.
Љутков нагласува дека нашето културно наследство е „најмоќниот ресурс што го имаме“, нешто што не може да се реплицира и што ја издвојува државата од сите околни дестинации. Според него, историјата, археологијата, занаетите, духовноста, современата уметност и гастрономијата не смеат да функционираат одвоено, туку како единствен национален производ.
Во таа насока, тој истакна дека Македонија треба конечно да почне да се претставува како земја во која историјата живее – преку дигитални водичи, модерни музејски наративи и обновени археолошки простори кои раскажуваат и му нудат на туристот доживување, а не само поглед.
Голем дел од неговите планови се однесуваат на туристичките пакети од 48 и 72 часа, кои, како што рече министерот во интервју за Медиумската информативна агенција, ќе овозможат логичен, привлечен и содржаен престој за секој посетител. Тие ќе комбинираат културни локации, гастрономски тури, винарии, уметнички програми и локални приказни – со јасна цел да го зголемат бројот на ноќевања и да креираат економска вредност во локалните заедници.
Министерот ја нагласи и улогата на гастрономијата, за која рече дека е „сетилниот доказ за нашиот идентитет“. Според него, храната не е самостоен атрактивен елемент, туку продолжение на културниот бренд, важен дел од приказната што туристот ја носи со себе. Во новиот концепт, традиционалната кујна ќе се врзува со културните точки: антички рецепти во Стоби, рударски специјалитети во Кратово, езерска гастрономија во Охрид – модел што, како што рече, дава извонредни резултати во земји како Словенија, Италија и Грузија.
Посебно внимание Љутков посвети на коридорот Е75, кој го оцени како „најмалку искористениот културно-туристички потенцијал на земјата“. Илјадници патници секој ден минуваат без да знаат дека на неколку километри се наоѓаат музеи, манастири, локалитети, винарии и уникатни домашни кујни. Тој додаде дека проектот „Stop and Discover“ треба да го промени тоа и да го претвори транзитот во економска и културна можност.
Дополнително, министерот се осврна и на ЕКСПО 2027 во Белград, за кој рече дека, иако Министерството за култура и туризам директно не ја води организацијата, настанот е голема шанса Македонија да се претстави со она што е суштински најсилно – културата и автентичноста. Тој истакна дека ЕКСПО не смее да биде само штанд со предмети или формални презентации, туку сцена на која државата ќе се покаже преку доживување, преку сетилни и емоционални содржини. „Македонија треба да се претстави преку чувството што го остава, преку приказните, преку наследството што зборува“, рече Љутков, додавајќи дека со вистински пристап секој посетител може да почувствува дека стапнал на земја која не личи на ниту една друга.
Во делот за институционалната поврзаност, министерот рече дека Македонија мора да изгради дигитална национална туристичка платформа која ќе ги обедини културните институции, општините и приватниот сектор. Таквиот систем, според него, ќе создаде чувство дека целата држава функционира како една мрежа и ќе го олесни патувањето и одлуките на посетителите.
На крај, Љутков го сподели и својот амбициозен поглед за 2028 година: Македонија да стане земја со силен туристички идентитет, модерни атракции, професионален систем и уникатни културни доживувања. Тој рече дека сака светот да ја гледа Македонија како место што ги почитува корените, но гради современа европска приказна – место кое се чувствува, се доживува и се памети.
Култура
Изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски
Во Шибеник, Хрватска во рамките на Деновите на македонската култура, во тек е изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски (2-8 декември 2025 година). Организатор на настанот е Хрватско-македонска тангента, со покровителство на Советот за национални малцинства на хрватската влада.

На отворањето присуствуваа многубројни граѓани и личност од хрватскиот (шибенскиот) естаблишмент. Посебно е поздравена ликовната рецензија која ја напиша реномираниот македонски писател Томислав Османли.

„Треба да се има на ум целото богатство на еден визионер на световите во допир кога се гледаат неговите слики во комбинирана техника, форми и колорити, раскошниот свет на Сашо Георгиевски, кој во оваа прилика ни ги подарува на препознавање своите интимно, но и универзални уметнички визии од повеќе периоди на едно богато слоевито наследство, искуство и живот“, напиша меѓу другото Османли во рецензијата.

Честитки по повод изложбата упатија Иво Јосиповиќ, Јадранка Косор, Стипе Месиќ, Златко Крамариќ, Зоран Димитровски, Милаим Фетаи, Здравко Зима, Љупчо Арсовски…


