Култура
Почина писателот Благоја Иванов
Денес (5.11.2022) почина писателот Благоја Иванов, кој беше роден на 4 февруари 1931 година во Скопје. Благоја Иванов е македонски раскажувач, романописец, есеист, критичар и драмски автор.
Завршил Филолошки факултет во Скопје. Бил соработник, уредник и главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје и директор на Телевизија Скопје и професор на Факултетот за драмски уметности. Бил уредник на списанието „Млада литература“ и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член на Македонскиот ПЕН центар. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Член на ДПМ од 1958 година. Добитник на наградите: „1 Мај“, на Недела на радио драмата на ЈРТ, „Рациново признание“, „Кочо Рацин“.
Автор е на книгите: Седум умирања (проза, 1956), Ноќ без починка (раскази, 1958), Црвено рондо (раскази, 1964), Патувања (лирски минијатури, 1969), Ветрови (роман, 1969), Соочувања (критики и есеи, 1971), Три средби на разминување (радио и тв драми, 1973), Од онаа страна на заборавот (раскази, 1975), Една година и цел живот (роман, 1978), Современа драма и театар во Македонија (зборник, 1983), Бланка (проза, 1985), Малата врата на надежта (раскази, 1985), Маалски игри (роман за млади, 1989), Чекање на зората (роман, 1998), Сватови (раскази, 2000), Сомнеж (роман, 2007), Раска в грло (раскази, 2011), Кораби (раскази, 2014), Актери автори (осврти), Птиците од дворот (раскази, 2015), Скопски дамари (антологија, раскази, 2020) и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.


Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.

