Култура
Со предавање за Палестина продолжува осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура
Со предавањето „Во потрага по убавината на Палестина за време на окупација“ на Раед Саадех почнува вториот дел од осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапункт“. Оваа година фестивалот се одржува на тема „Заробени во слободата – уметноста и заедницата“.
Предавањето ќе се одржи на 9 септември 2023 (сабота), во КСП „Центар – Јадро“ (улица Алберт Ајнштајн бр. 2), со почеток во 20 часот.
За да се заштити континуираното постоење на Палестинците како окупирана нација и нивната политичка иднина, како и да се зачува нивното материјално и нематеријално наследство, особено во позагрозените области, оние што се блиску до населбите, но и во оддалечените области, од витално значење е да се бараат карактеристични елементи, кои ги формулираат специфичните идентитети на овие потенцијални дестинации со културно наследство, каде што туризмот може да се согледа како алатка за издржливост и развој. Идејата за потрагата по убавината на Палестина, која е вкоренета во својата демографска, културна, еколошка и природна разновидност, е од витално значење за народот чии корени и наративи се оспорувани и искоренети од израелската окупација. Ова предавање ќе се обиде да претстави пристап кон одржлива сензибилизација на специфичните културни идентитети на овие локалитети и методологија за селата, градовите и другите заедници, со цел да се формулира стратегија на одржливост и развој.
Раед Саадех е активист и застапник на туризмот во заедницата и зачувувањето на културното наследство во Палестина. Тој е поранешен претседател на арапската (палестинска) хотелска асоцијација. Тој е коосновач и претседател на „Розана“ – здружние за конзервација на архитектонското наследство и развој на руралниот туризам, со седиште во Бирзеит. Раед Саадех е исто така сопственик и генерален директор на хотелот „Ерусалим“ во Ерусалим, хотел за наследство, за кој тој ги направи концептот и дизајнот. Првично обучен како машински инженер, дипломирал на Универзитетот „Сиракуза“ во Њујорк по што магистрирал на Универзитетот „Кејс Вестерн Резерв“ во Кливленд. Тој е коосновач и член на одборот на Палестинскиот уметнички суд, член на одборот на Фондацијата за современа уметност „Мамал“, претседател на организацијата Sunbula за фер трговија и развој на ракотворби и коосновач и поранешен претседател на Yabous Productions за изведувачки уметности. Неговите сегашни напори се фокусирани на развивање на концептот на туристички одбор на Алкудс/Ерусалим, кој е наменет да ги максимизира економските придонеси и придобивки на локалната заедница во Алкудс. Исто така, тој е и еден од главните лидери и коосновач на Мрежата за искуствени палестински туристички организации, како и коосновач и претседавач на Palestinian Heritage Trail.
Како и во последните неколку години, КРИК се одвива во неколку кластери во текот на годината бидејќи обидот да ја живееме и поттикнуваме критичката култура не може да биде еднократен – тоа е влог што трае континуирано и постојано, велат организаторите.
Преку разни теориски, уметнички и социјални практики ќе ги испитуваме и истражуваме формите на рабните, субверзивни стратегии на алтернативни простори на слободата, кои ќе стојат наспрема репресивните општествени и институционални форми, кои го контролираат нашето слободно време, сфатено како време во кое ги остваруваме нашите императивни цели, поврзано со создавањето општествени заедници што се грижат за заедничкото добро, за зелените политики аплицирани во сите сегменти на заедницата и кои сакаат да ги редефинираат актуелните капиталистички пазарни политички концепти, кои безмилосно газат врз сè што треба да го создава емпатичниот, праведен и солидарен поредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска-Головска и Ема Димовска во Скопје
Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и Ема Димовска во Скопје организира Културно-информативниот центар – Скопје.
„Room 93“ — Ивана Мојсовска Головска
Во интимниот свет на серијата колажи на Ивана Мојсовска Головска, просторот станува и засолниште и замка – псохолошки простор во кој фигурата ја преиспитува сопствената присутност. Во овие надреални сцени, блискоста и изолацијата се две лица на истата желба за поврзување. Свет што се шири до бесконечност, но во себе носи клаустрофобија.
Ивана Мојсовска Головска (р. 1993) е визуелен уметник чиј експресивен и експериментален пристап го дефинира нејзиното творештво. Дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство, каде што и денес живее и работи како независен уметник.
Нејзината практика опфаќа различни медиуми — сликарство, колажи, фотографија, инсталациja и сценографиja — преку кои таа често ја прикажува човечката емоционална комплексност во современиот свет. За неа, уметноста е начин за соочување со суровите и длабоко лични вистини на постоењето; нејзините дела ги изразуваат овие емоции преку апстрактни и експресивни форми, интензивирајќи ги чувствата на изолација и одвоеност. Во последните неколку години, Мојсовска го насочува своето внимание кон колажот — медиум што го истражува како простор на интимност, фрагментација и современа осаменост.
До сега има реализирано пет самостојни изложби, и има учествувано на повеќе од дванаесет групни изложби.
Награди:
2017 – „Четирите Мајстори на Модернизмот“, Галерија ФЛУ, Скопје
2023 – „The New Balkan Artistic Generation“, Osten Art Festival
„Which Self Ate Which Self“ — Ема Димовска
Серијата графики на Ема Димовска претставува визуелен запис на внатрешен процес во кој мислата се дели, набљудува и распаѓа. Формата не опишува, туку го анализира мигот на сопственото губење. Линијата и зборот делуваат како две свести што се одвојуваат и повторно се проголтуваат една со друга, создавајќи простор на постојано преклопување.
Делата ја откриваат тензијата меѓу субјектот што создава и субјектот што е предмет на сопствено испитување. Таму, во меѓупросторот помеѓу волјата и распадот, уметноста се појавува како доказ дека секое „јас“ е процес, а не форма.
ЕМА ДИМОВСКА (1994, Охрид). Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2019), оддел графика. Ја добила наградата за најуспешно графичко дело на изложбата „Студентска графика – Драгутин Аврамовски-Гуте“ (2016). Учествувала на неколку групни изложби во земјава и странство.
Изложбата ќе биде отворена до 08.11.2025 година.
Култура
Промоција на „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски во Градската библиотека во Скопје
В среда (29 октомври) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде промовирана збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување според Друштвото на писателите на Македонија во 2025 година. Модератор и промотор е Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
-Расказите на Жарко Кујунџиски се раскошно славење на приказната. Без разлика дали станува збор за приказни раскажани во прво лице или низ перспективата на сезнаечки наратор, овие текстови ги користат многубројните можности на расказот како форма, богато поигрувајќи си со неговите потенцијали – подвлекува Владимир Јанковски за збирката раскази „Приказничар“ која е во издание на Антолог.
Жарко Кујунџиски (1980) е писател и издавач. Дипломирал во 2003, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Автор е на 13 книги. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction“ 2013. „Spectator“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е објавен на полски и на српски јазик. „Америка“ е објавен на италијански јазик. Романот „Сфинга на гневот“ бил македонски претставник за наградата „Балканика“ во 2021 година. Добитник е на неколку книжевни награди како и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.
Настанот е дел од традиционалните активности на Библиотеката за претставување и промоција на делата наградени од ДПМ.
Култура
Изведбата на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II ќе се одржи на 28 октомври на големата сцена на МОБ
По успешната премиера на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, која предизвика одличен прием кај публиката и бурни аплаузи, Националната опера и балет ја најавува следната изведба на ова ремек-дело, што ќе се одржи на 28 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот на големата сцена на МОБ.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Кристијан Антовски, Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.

