Култура
Оскар Вајлд конечно „помилуван“ од Ватикан
По минатонеделната прошка која Ватикан му ја даде на Хари Потер, Светата столица неочекувано се изјасни со мек став кон еден од најконтроверзните ирски писатели Оскар Вајлд
Ликот на Хари Потер постојано беше критикуван поради нарушување на духот на христијанството и дека книгите на Џоан Роулинг за младиот волшебник ќе го изместат толкувањето на христијанската вера меѓу младите, кои се лесно заводливи. Информаторот на Светата столица, „L’Osservatore Romano“, во минатонеделниот број има пофални зборови за филмот, бидејќи во него јасно е повлечена линија меѓу доброто и злото и промовира врдности како пријателство, алтруизам и верност.
И покрај јавната осуда на Католичката црква на хомосексуалноста, во новиот број на црковниот информатор се појави портрет на „проколнатиот љубовник на лордот Алфред Даглас“. Авторот Андреа Монда го опишува Вајлд како една од фигурите на XIX век која на најлуциден начин го анализира модерното општество. Во написот насловен „Кога Оскар го сретна Пиус IX“, Монда пишува дека Вајлд не само што сакал да ја шокира конзервативната викторијанска Англија, туку и дека бил и човек кој зад маската на неморалот постојано се прашувал што е она што е погрешно, што е вистина, а што лага. „Вајлд бил човек со многу силни емоции, кој во позадината на своето пишување, фриволноста и цинизмот, криел длабоко познавање за вредностите на животот“, пишува Монда.Оскар Вајлд бил крстен во католичка црква кратко време пред да умре. „L’Osservatore Romano“ пишува дека егзистенцијалниот пат на овој автор може да се гледа како долг и тежок пат низ Ветената земја, која дава смисла на постоењето, пат кој го води во дијалог со католицизмот, религија која тој постојано ја опишуваше како парадокс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

