Култура
Промоција на книгата „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Смилевски
Книгата „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски, еден од најистакнатите македонски автори беше промовирана во ЕУ инфо- центарот
Гоце Смилевски со оваа книга е добитник на годинешната награда за литература на Европската унија. Оваа престижна награда беше доделена на 18 ноември во Кралскиот фламански театар во Брисел и ја добија 11 млади автори избрани од националните жирија од сопствените земји. Целта на оваа награда е да се промовира креативноста и разновидното богатство на европската современа литература, да се поддржи протокот на литературните дела во Европа и притоа да се охрабри интересот за делата кои доаѓаат надвор од сопствената национална литература. Наградата е финансирана од програмата на ЕУ, култура 2007-2013 која има три главни цели да промовира прекугранична мобилност на оние кои работат во областа на културата, да охрабри транснационален проток на културни и уметнички дела како и да го поддржи меѓукултурниот дијалог. Одговорни за координацијата на иницијативата и за составување на националните жирија се конзорцимуот на европската федерација на книжарници, советот на европски писатели и федерација на европски издавачи. „Кога слушнав дека оваа награда ја доби господинот Смилевски, си реков дека мора да организираме нешто со кое ќе ја искажеме нашата почит кон ова значајно остварување, па заедно со министерката за култура го организиравме овој настан. Сакам да изразам длабока почит кон писателот кој припаѓа на младата генерација, но кој продуцирал многу дела меѓу кои и „Разговор со Спиноза“ која е преведена на многу јазици, “ изјави евро-амбасадорот Ерван Фуере. „Со промоцијата на уште едно извонредно дело на нашиот познат писател Гоце Смилевски ја потврдуваме нашата доследност во настојувањата да го презентираме она што се создава во книжевноста, да го збогатиме македонскиот културен трезор, и да продолжиме да ги градиме нашите мостови кон светот. Денешната промоција е голем настан за македонската култура и држава. Да се биде рамо да рамо со евроспките писатели и да се добие престижна награда за литература на ЕУ која ја доделува Европската комисија, во соработка со Европската федерација на издавачи е уште еден доказ за високото вреднување на македонската литература и доказ дека времето е мудра категорија која ги потврдува вистинските творци и вредности, “ изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска „Во вакви мигови честопати се сеќавам на една мисла на Флобер кој во однос на авторот и авторството има кажано дека оној кој пишува кога ќе го заврши делото, треба да исчезне зад она што е напишано. Во однос на наградата можам да кажам дека ми е големо задоволство што Македонија рамноправно е вклучена во триесете земји кои учествуваат во наградувањето, едноставно тоа е партиципирање во големото европско семејство на литературата и мислам дека на македонската литература таму и е местото. Во последните децении оваа литература дала доволно добри автори кои можат да застанат рамо до рамо со останатите автори на Европа и како такви да заминат на другите континенти преку своите дела,“ изјави Гоце Смилевски кој подготвува нов роман. Повеќе од 15 години Смилевски е присутен во македонската литература со расказите кои ги објавуваше во весници и списанија, но и со романите „Планетата на неискуството“,„Разговор со Спиноза“, кое жирито на Утрински весник го прогласи за роман на годината. Овој роман доживеа неколку изданија и повеќе преводи. На промоцијата во ЕУ Инфо центарот извадоци од книгата читаше актерката Билјана Беличанец-Алексиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).