Филм
Филмаџии од Холивуд ќе инвестираат во проектот „Битола филмски град“
Снимање на документарен филм, снимање на игран филм во кој ќе настапи светски познатата филмска ѕвезда Мерил Стрип и изградба на филмско студио во Битола понудил Перси вон Лепински, претставник на американската компанија за производство и дистрибуција на филм „Infinity Pictures – Hollywood Media Bridges“.
Тој во четврток оствари средба со градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, а потоа и двајцата на прес конференција соопштија дека филмаџиите од Холивуд ќе инвестираат во проектот „Битола филмски град“.
„За време на дводневната посета на Битола се уверивме дека во овој град постојат најдобрите услови за реализација на нашите филмски проекти, бидејќи за тоа има конкретен план и проект“, посочи продуцентот Лепински.
Нашата компанија, додаде, произведува филмови во Романија, но сега сакаме тоа да го правиме во Македонија. Тој рече дека ќе инвестираат со нивни пари, но дека очекуваат и владина поддршка.
„Македонија е атрактивна за нас, има локации на кои може да се снима во урбана или природна средина кои се погодни за снимање на различни теми. Битола е најпогодна за нашиот бизнис и очекувам наскоро градоначалникот Талески да биде наш гостин во Холивуд каде ќе ги договориме деталите за нашата инвестиција“, изјави Лепински.
Општина Битола, согласно урбанистичкиот план во поранешната касарна, на површина од четири хектари има соодветен простор за изградба на филмско студио, а на располагање се и други 50 хектари слободни површини, потсети градоначалникот на средбата со Лепински.
„Сакаме Битола да биде филмски град, а во тоа ќе ни помогне оскаровецот Лепински кој понуди снимање на документарен филм, снимање на игран филм во кој ќе настапи светски познатата филмска ѕвезда Мерил Стрип и изградба на филмско студио. Ние сме најподготвената општина во Македонија што може веднаш да пристапи кон изградба на филмско студио, а инвеститорите забележаа дека токму овде има ресурси и други потенцијали за снимање филм. Договоривме конкретна и креативна работа, лобиравме нивната дејност од Романија да се пренесе во Македонија, односно во Битола, во градот кој има јасен концепт за вистински филмски град“, изјави градоначалникот Талески.
Талески и Лепински потврдија дека со реализацијата на овој проект директно и позитивно ќе се придонесе во развојот на хотелиерството, угостителството, туризмот и други дејности кои директно или индиректно се поврзани со филмската индустрија.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Фестивал за краток филм во Куманово
“ФИЛМАЈ” 2024 фестивалот на краток филм – Куманово ќе се одржи на 29 и 30 мај 2024 (среда и четврток), во Занаетчискиот дом – Куманово.
Двете вечери на шестото издание на фестивалот ќе бидат со почеток во 20 часот. Влезот ќе е бесплатен за посетителите.
На ФИЛМАЈ 2024 ќе бидат прикажани наградените филмови: филипинскиот ‘Жими сè најмило’ режиран од Сам Манакса, чешкиот `Морска сол` со Захер Јуреидини како директор на фотографија, ‘Синкопат’ (Шпанија) по сценарио на Пол Диглер и Рамон Лазаро, заедно со најдобриот домашен филм `Само ѓаволот се плаши од вода` режиран од Лидија Мојсовска, и `Девет сантиметри` (Русија) како најдобар краток филм.
Исто така, ќе бидат прикажани и 11 официјално селектирани филмови. Стручното жири на овогодишниот ФИЛМАЈ беше составено oд Матеј Матијевиќ (режисер и сценарист), Александар Арсовски (продуцент) и Антонио Димитриевски (актер).
Култура
Режисерка од Нов Зеланд сними филм инспирирана од „Пред дождот“ на Милчо Манчевски
И по 30 години, македонскиот филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски инспирира нови режисери насекаде во светот.
Овој пат на Нов Зеланд: режисерката Лорен Тејлор во интервју за „НЗ хералд“ открива дека нејзиното дебитантско дело „Месечината е наопаку“ е инспирирано токму од македонскиот филм.
Таа кажува дека „Пред дождот“ првпат го гледала кога ималa 17 години и работела во едно кино во Бруклин, предградие на главниот град Велингтон. Многу ѝ се допаднал и сè уште ѝ се допаѓа. Речиси 30 години подоцна, Тејлор се навраќа на филмот на Манчевски кога во истото кино ќе ја гледа премиерата на својот прв филм „Месечината е наопаку“, во кој таа е режисерка, сценаристка и актерка и кој како и „Пред дождот“ има три навидум неповрзани приказни.
„Филмот беше под влијание на многу нешта“, вели Тејлор. „Меѓу нив и филмот на Манчевски и неговиот заплет како Венов дијаграм“.
Во годината кога најнаградувано дело во историјата на македонската кинематографија и едно од најголемите достигнувања на македонската култура воопшто слави 30 години од премиерата во септември 1994, не престануваат одгласите за овој филм на Манчевски.
Имено, во промотивното видео пред годинешното доделување на „Оскарите“, холивудската актерка Глен Клоуз го избра токму „Пред дождот“, кој во 1995 беше номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм, како дело што ја инспирирало да посака да ја посети Македонија. (https://www.youtube.com/watch?v=DHu90AY4GSI )
„Постои филм што се вика ‘Пред дождот’ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара (земја) и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, вели во видеото Глен Клоуз, која има рекордни 8 номинации за „Оскар“.
Во 1994 година „Пред дожот“ освои „Златен лав“ во Венеција на најстариот филмски фестивал во светот. Покрај „Златниот лав“, „Пред дождот“ доби уште триесетина награди на светските фестивали, а беше и првиот македонски филм номиниран за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм.
„’Пред дождот’ ја стави Македонија на светската мапа. Дела како ова ме одржуваат. Потсетник за благородноста што филмот може да ја досегне“, напиша легендарниот филмски критичар Роџер Иберт за американската премиера на филмот во 1995.
„Македонија, љубов моја“, „Милчо Македонецот“, „Мајсторот од Македонија“, „Македонско ремек-дело“, се само дел од насловите за „Пред дождот“ во светските медиуми во тоа време, а јапонските весници цртаа и мапи за да покажат каде е Македонија, која стана независна земја само 3 години пред премиерата на овој филм.
„Пред дождот“ е вброен во 1.000 најдобри филма во историјата од страна на „Њујорк тајмс“, а на фестивалот во Венеција една од паралелните награди беше именувана според мотото на филмот: „Кругот не е тркалезен“. Во Фиренца се одржа меѓународна академска конференција посветена на филмот.
„Пред дождот“ е прикажан на повеќе од 100 фестивали, прикажан во редовна кино и ТВ-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со класиците Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од задолжителната наставна програма во средните училишта. За филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-ина јазици во светските медиуми.
Во Кореја „Пред дождот“ се користеше во работни тетратки за изучување на англискиот јазик, а во САД и Полска за изучување на македонскиот. Во Италија постои и вино крстено според филмот „Пред дождот“ и ресторан со истото име.
„Пред дождот“ до ден-денес уште игра во кинотечните и фестивалските програми насекаде во светот.
Култура
„Лена и Владимир“ награден на Julien Dubuque International Film Festival
13. издание на Меѓународниот филмски фестивал Julien Dubuque (JDIFF) ги објави своите победници, a „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја однесе дома главната награда за најдобар долгометражен игран филм.
На фестивалот, кој се одржа од 24-28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани преку 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
„Лена и Владимир“ е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат. Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски. Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов, Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.