Филм
Лауреатот од Берлин и Венеција, португалскиoт режисер Салавиза гостин во Битола
Годинава организаторите на Меѓународниот фестивал на филмската камера, соодветно на своето светско реноме ќе биде домаќин на уште едно во низата светски прославени имиња од кинематографијата – еден од најнаградуваните млади режисери во светот, Португалецот Жоао Салавиза, кој за своите два куси филма е добитник на престижните награди Златна палма во Кан за остварувањето „Арена“ (2009) и Златна мечка во Берлин за „Рафа“ (2012).
Присуството на Салавиза во Битола добива уше повеќе на значење доколку се знае дека токму Браќа Манаки ќе биде само вториот фестивал на кој ќе биде прикажан неговиот прв долгометражен филм „Планина, веднаш по светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, која ќе се одржи подоцна во неделата.
Со филмот „Планина“, на 19-ти септември ќе биде отворена програмата „Нов европски филм“ што се воведува годинава на фестивалот во Битола. На 20-ти септември, во 12 часот ќе биде организирана средбата „Разговор со…“ во Малата сала на Центарот за култура.
На филмот „Планина“, 31-годишниот Салавиза соработува со директорот на фотографија Васко Вијана, кој за филмот „Рафа“ во 2012 година, ја доби наградата „Мала златна камера 300“ во Битола.
„Филмовите на Вијана импресионираат со едноставната структура и живата презентација на „малите“ секојдневни проблеми во животот. Во нив Лисабон не е сјајното место што го гледаме на туристичките реклами, туку во најголем фокус е предградието на Лисабон. Во сите негови филмови главните актери се тинејџери кои имаат проблем со слободата, а Салавиза е филозофот што покажува дека понекогаш луѓето што се на слобода се помалку слободни од оние со ограничена слобода. Во соработката со Вијана, Салавиза создава и повеќе од интелигентен визуелен свет заради што ни е повеќе од чест што гостува во програмата „Нов европски филм“, вели селекторот на програмата, Дејан Трајкоски.
Веднаш по промоцијата во Битола, филмот на Салавиза ќе биде прикажан на престижниот филмски фестивал во Сан Себастијан.
Особено радува, истакнуваат организаторите, што Салавиза изрази желба да мине десетина дена пред почетокот на Фестивалот во Македонија, заедно со својата сопруга која му е воедно и асистентка по режија, и дел од нивниот меден месец да го поминат во Македонија.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ се одржува секоја година во Битола. Организиран е од Друштвото на филмските професионалци, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, како и со поддршка на Министерството за култура, Агенцијата за филм на Македонија и Општина Битола. Официјален партнер е Вип оператор.
Стожер на фестивалската програма е категоријата„Камера 300“ ─ официјалниотнатпревар на долгометражни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа категорија добиваат: Златна камера, Сребрена камера и Бронзена камера.
Составен дел од Фестивалот се и програмите: „Нов европски филм“, „Сее Камера“ и Документарната програма. На „Браќа Манаки“ се организираат и работилници, семинари, промоции и изложби. Фестивалот ја доделува и Наградата за животно дело. Со својата впечатлива програма, која од година в година станува сѐ побогата, Фестивалот е атракција како за филмаџиите така иза филмофилите од целиот свет./крај/мф/аш
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лена и Владимир“ награден на Julien Dubuque International Film Festival
13. издание на Меѓународниот филмски фестивал Julien Dubuque (JDIFF) ги објави своите победници, a „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја однесе дома главната награда за најдобар долгометражен игран филм.
На фестивалот, кој се одржа од 24-28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани преку 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
„Лена и Владимир“ е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат. Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски. Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов, Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.