Филм
Трејлерот од ‘Ѕвездените војни’ дочекан со бурни реакции на социјалните мрежи – видео
Трејлерот со седмото продолжение од франшизата „Ѕвездени војни“ предизвика бурни реакции на социјалните мрежи од страна на поклониците на популарната филмска фантастична сага.
Трејлерот првично беше претставен на официјалната интернет страница на филмот, а пота брзо се рашири и на другите интернет ресурси. Судејќи според коментарите, најголем впечаток кај публиката предизвикало финалето на двеминутната видео објава во којашто се појавуваат Хан Соло, веќе остарениот херој Харисон Форд, и неговиот верен сопатник Чубака (Чуи).
„(Си велев себеси) нема да плачам, нема да плачам. ‘Чуи ние сме дома’. И јас плачев“, напиша новинарот од Tonight Show Мајк Друкер на страницата на популарното телевизиско шоу.
„Момци! Ги вративте сите мои омилени ликови од детството. Хан! Чубака!, Лук! Мојот татко кој отиде по цигари во 1978-та“, напиша на Twitter Дејв Ицкофф, соработник во културната рубрика на весникот The New York Times.
„По емитувањето на новиот тизер некои луѓе беа на колена. Не се шегувам“, напиша, исто така, на Twitter новинарот на Hollywood Reporter Борис Кит, кој присуствувал на премиерата на видеото во Калифорнија.
Новиот филм од серијалот „Ѕвездени војни“, премиерно ќе биде прикажан на 18-ти декември 2015. Дејствието на седмото продолжение се одвива 30 години по настаните од шестиот дел. Во фокусот на приказната ќе бидат ликовите од оригиналната трилогија, Лук Скајворер, принцезата Леа и Хан Соло, како и нови херои.
Терминот непосредно пред католички Божик е најдобриот празничен термин, но тоа претставува отстапување од досегашните датуми за почнување на проекциите на „Ѕвездените војни“. Сите досегашните филмови во дистрибуцијата тргнуваа во мај.
Компанијата „Walt Disney“ во 2012 година за 4,05 милијарди американски долари го купи „Lucasfilm“, продуцентската куќа на франшизата „Ѕвездени војни“ и најави снимање на најмалку уште три филмови од тој серијал.
Снимањето на новиот филм кој во моментов го има насловот „Ѕвездени војни: Епизода VII“ започна пролетта 2014 година, а го режира Џеј Џеј Абрамс, најпознат како режисер на најновите „Ѕвездени патеки“ и на серијалот „Изгубени“ кој заедно со уште ден од ветераните на оваа франшиза Лоренс Касдан во ноември 2013 година, ја преземаа обврската за пишување на сценариото од Мајкл Арнд.
Снимањето се одвива во Англија, во британското филмско студио „Pinewood Studio“, што претставува враќање на „британските корени“, бидејќи шесте претходни филмови делумно беа снимани во британските студија.
Сагата „Војна на ѕвездите“ стана најпопуларниот научнофантастичен еп во филмската историја. Нејзините фанови низ светот се обединуваат во клубови, организираат игри, па дури и го исповедаат и ткн „џедаизам“. Насловот „Star Wars“ беше употребен и за програмата на американската одбрана SDI, а фразата „Империја на злото“ првпат ја употреби поранешниот американски претседател Роналд Реган за сметка на тогашниот Советски сојуз.
Првиот филм беше снимен во 1977 година („Нова Надеж“ – Star Wars: Episode IV – A New Hope), вториот датира од 1980 година („Империјата го возвраќа ударот“ – Star Wars: Episode V – The Empire Strikes Back), третиот филм беше снимен во 1983 година („Враќање на џедајот – Star Wars: Episode VI – Return of the Jedi). Епизоди трилогии-сиквели се појавија во 1999, 2002 и 2005 година.
Во 2010 година, беше најавено издание на целиот серијал во 3D формат. Првата епизода од овој „vol.“ „Ѕвездените војни“, се појави во февруари истата година. На светските кино каси филмот заработи повеќе од 100 милиони долари./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лена и Владимир“ награден на Julien Dubuque International Film Festival
13. издание на Меѓународниот филмски фестивал Julien Dubuque (JDIFF) ги објави своите победници, a „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја однесе дома главната награда за најдобар долгометражен игран филм.
На фестивалот, кој се одржа од 24-28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани преку 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
„Лена и Владимир“ е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат. Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски. Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов, Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.