Книги
Раде Сиљан добитник на наградата за најдобра книга од странски автор на српски јазик

Меѓународната награда „Арка”, која истоимената реномирана издавачка куќа од Смедерево ја доделува за најдобра книга од странски и најдобра книга од домашен автор објавена на српски јазик во текот на годината, годинава им припадна на истакнатиот македонски поет Раде Силјан и на Лаза Лазиќ.
На Раде Силјан, наградата му е доделена за изабраните и нови песни објавени на македонски и српски јазик „Огледало векова” / „Огледало на вековите” (избор и превод Ристо Василевски), а на доајенoт на современата српска поезија и врвен српски интелектуалец Лаза Лазиќ, за спевот „Клинесто писмо”.Одлуката едногласно ја донесе меѓународната жири комисија што работеше во состав: Санде Стојчевски, истакнат македонски поет, критичар и есеист (Македонија) – претседател; акад. Елка Њаголова, претседателка на Словенската академија на литератури и уметности (Варна, Бугарија); акад. др Миќо Цвиетиќ и акад. Душан Стојковиќ (Србија) и акад. Ристо Василевски, директор на ИК „Арка” – членови.Меѓу досегашите добитници на ова мошне угледно меѓународно признание што се доделува од 2003 година се наоѓаат и такви книжевни имиња какви што се: Миодраг Павловиќ, Љубомир Левчев, Томаж Шаламун, Георге Шварц, Еуген Урикару, Николај Петев, Стефани Сенар, Јован Зивлак, Ранко Рисоевиќ, Радомир Андриќ, Адам Пуслојиќ, Стеван Тонтиќ, Душко Новаковиќ… Од македонските поети и писатели, кои што во соседна Србија уживаат мошне голем углед. лауреати се академиците Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ, поетот Санџде Стојчевски и драмскиот писател и романсиер Јордан Плевнеш.Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на свечаноста што ќе се одржи во среда, на 16 декември, во 12 часот, во Здружението на писатели на Србија (УКС), кога ќе бидат промовирани и нивните книги. За наградените книги ќе беседат членовите на жири комисијата, академиците мр Душан Стојковиќ и др Миќо Цвиетиќ, а наградите ќе ги врачи директорот на книгоиздателството „Арка”, акад. Ристо Василевски.Во својата одлука, жири комисијата меѓу другото истакнува дека: „Перманентно, од првата до најновите книги, во поетската орбита на Раде Силјан има некои битни феномени на човекот и на светот, со универзална категорија и поими, теми и мотиви, кои доследно и моќно имагинативно ги надградува, поетско-филозофски ги промислува и ги формулира”./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија

Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).