Книги
Промоција на романот „Ние сме лудаци“ од Кокаланов
Промоција на политичко сатиричниот роман „Ние сме лудаци“ од Сашо Кокаланов објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачот ИЛИ-ИЛИ ќе се одржи во среда од 20 ч. во МКЦ – Клуб ресторан.
Овој жанр, инспириран директно од нашето политичко и општествено секојдневие е ретко застапен во нашата литература и како таков сметаме дека ќе предизвика големо внимание.
Романот ќе го промовираат писателката Оливера Ќорвезироска, новинарот Звездан Георгиевски и драмскиот писател Сашко Насев.
Сашо Кокаланов (38) е новинар, драматург и романсиер. Роден е, работи и живее во Скопје, каде што дипломирал новинарство. Пишува сатира и колумни за повеќе медиуми.
Автор е на три романи „Самецот“ (2003), „Ноќ на железничката станица во Розендал“ (2004) и „Изабела, Исмаела и јас“ (2004).
Во 2011 година неговата пиеса „Крвта не е вода“ е поставена во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Сашо Миленковски. Претставата има повеќе од триесет репризи, гостува во повеќе театри во земјава, а е селектирана и за официјалната програма на „Скопско лето“.
Во меѓувреме, Кокаланов ги пишува и пиесите „Чад“, „Му велам јас на Барико“ и „Денот кога умрев и се вратив“. За „Чад“ ја добива третата награда на конкурсот „Коле Чашуле“ на Македонскиот народен театар.
„Ние сме лудаци“ е исконструиран и нестварен роман речиси колку животот. Ако отсекогаш сте мислеле дека никој и ништо не може да создаде понеобични и почудни нешта отколку што тоа го може самиот живот, еве текст-кандидат за натпревар. Натпревар на стварноста со пост-стварноста, на вистината со пост-вистината,.. натпревар на возови со шини, на спонтаност со режија, на политика со книжевност, на сатира со еротика, на хумор со безнадеж…
Долгот кон љубителите на писмото на Сашо Кокаланов со овој роман не што е отплатен со највисока камата, туку дури е и натплатен, па сега ние му должиме нему: читање, смеење и подголтнување, задоволство во текстот на повеќе нивоа, зашто „Ние сме лудаци“ е лирика, епика и драма во едно; победа, пораз и бегство на ист фронт, под исто знаме. Ликовите се толку магнетни што целосно го привлекле дури и авторот, па Кокаланов е едноимен кога пишува драми, другоимен кога пишува поезија, но истоимен кога е детектив на дури пет случаи во романот!
„Ние сме лудаци“ е носител на листата на книжевната партија на слободоумните и талентираните. Заокружете го, остварете го, пишува Оливера Ќорвезироска.
Романот на Сашо Кокаланов „Ние сме лудаци“ е повеќеслојна фарса која се чита со горчлив вкус во устата и болка во стомакот, затоа што, и покрај несомнената духовитост, во еден момент сфаќате дека и најголемите апсурди поставени тука се всушност само дијагноза на македонската општествена патологија. Ликовите, како што доликува, се деца на министри, самонабедени поети, необразувани писатели и државни службеници, чиј напредок зависи од партиската послушност. Да, тоа се дефинитивно луди ликови, но горчливо е сознанието дека всушност сите ние сме луди што тоа го поднесуваме.
Романот го открива мултиталентот на Кокаланов, кој во оваа постмодерна негативна варијанта на „Алиса во земјата на чудата“ не се претставува само како врвен прозаист, туку како беспрекорен драмски писател, па дури и поет, вели Звездан Георгиевски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори
На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.

