Македонија
Боки 13 остана речиси без желудник; Хирургот: Пациентот е во ризична состојба, опериравме повеќе од четири часа

Повеќе од четири часа траела операцијата на Бојан Јовановски-Боки 13, кој остана речиси без желудник. Тој беше опериран од тим на специјалисти, меѓу кои беше и хирургот од болницата „Св. Наум Охридски“, Стојанче Јованов. Хирургот за „Макфакс“ посочува дека операцијата била премногу комплицирана и ризична.
„Отстранет е речиси целиот желудник. Многу мал дел од желудникот е оставен. Направена е ризична операција, пациентот сега е во ризична состојба, не во животозагрозувачка. Очекуваме да немаме компликации“, вели хирургот Јованов за „Макфакс“.
Боки 13 е во шок-соба, а неговото будење по анестезијата ќе биде бавно и тешко.
„Закрепнувањето не се знае колку ќе трае. Компликациите се тешки и смртоносни, во тоа е проблемот. Затоа бараме мир по вакви ситуации. Многу тешка и комплицирана операција“, додаде тој.
Хирургот Јованов посочува дека ова е последица на несоодветното лекување што го имал Боки 13, а чиј правен тим постојано праќаше аларм дека ќе биде подложен на операција доколку не добие прекин на казната за здравствената состојба да му се третира во согласност со препораките.
„И претходно не можеше да се лекува, а сега, пак, воопшто“, вели хирургот Јованов за „Макфакс“ прашан дали по операцијата, Боки 13 може да се лекува во затворот.
Операцијата на Боки 13 се изврши утринава.
Пред еден месец на Боки 13 му беше одбиено барањето од Кривичниот суд за прекин на казната. Истакна и жалба на решението за која однапред посочи дека очекува да биде одбиена по што и таква одлука беше донесена – тој да остане во затворот. До јавноста беа испратени и низа конзилијарни мислења, а во едно од нив потпишано од десетина доктори стоеше: „Во смисла на сериозноста, карактерот и интензитетот на болеста, кај пациентот се препорачува и се дава задолжително упатство за понатамошно лекување и третман, што би значело лекување исклучиво во домашни услови, веднаш и неодложно по завршување на болничкото лекување бидејќи пациентот со ваква здравствена состојба и опишаните ризици од неа, медицински е недозволено да се лекува во пенални услови“. Овој документ го добиле и во Кривичниот суд, но и во Управата за извршување санкции при одлучувањето по однос на прекинот на казна.
Во средината на февруари Боки 13 беше вратен во затворот. Адвокатите алармираа дека е во претканцерогена состојба и дека таа ќе се влоши. Тие доставија и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, каде што се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.
Бидејќи немаше институционална реакција, а осудениот остана во затворот „Идризово“, Боки 13 побара реакција и од Амбасадата на САД. За тврдењата дека е цел на тортура, за наводите дека има криминално постапување од страна на Кривичниот суд, но и дека располага со сензитивни податоци за криминал што го правеле највисоките државни структури, ги известил Амбасадата на САД и амбасадорката Анџела Агелер. Неговиот адвокатски тим копија од писмото испрати и во јавноста, каде што наведува дека се бара од Амбасадата и од амбасадорката да го посетат Боки 13 во затворот.
На почетокот од март до јавноста беа доставени и медицински белешки со потписи и печати од разни доктори од итната медицинска помош по прегледи направени во затворот. Правниот тим на Боки 13 посочи: „11 лекари од брзата помош утврдија дека Боки 13 не може да се лекува во затворот“. Во нив, според нив, стои дека Боки 13 не може да ја добива препишаната терапија во тие услови, а таму ниту може да има хигиено-диететски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба.
На средината од март преку ново соопштение од правниот тим се алармира дека поради линчот и тортурата, здравјето на Боки 13 му е во алармантна состојба. Тие прашаа: „Кому му одговара да умре?“ Потсетија и на претходните ставови дека третманот што го има Боки 13 го носи само кон операција, која може да има и смртен исход, а за која докторите им посочиле дека не може да гарантираат за успешноста.
На средината на март првпат во јавноста се обрати мајката на Боки 13, Јасминка Јовановска. Посочи дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е цел на изживување, малтретирање и тортура. Најави дека за ваквите последици врз неговото здравје одговорност ќе бара од инволвирани лица.
„Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон чие било дете, затоа упатувам апел до јавноста за човечност и разумност во овие чувствителни моменти“, напиша таа, а на писмото се потпиша и нејзиниот сопруг Миле Јовановски.
Адвокатот Туфегџиќ испрати и ново барање до Кривичниот суд за прекин на казната на Боки 13. Адвокатот посочи дека Кривичниот суд и Управата за санкции знаеле за последиците што Боки 13 може да ги има ако не се почитуваат лекарските мислења кога донеле одлука да не дадат прекин на казната.
Боки 13 одново беше хоспитализиран во болницата „Св. Наум Охридски“ на 17 март. Од правниот тим беше известено дека ќе биде опериран бидејќи тоа веќе е неизбежно, а хирурзите што ќе го извршат оперативниот зафат се оградуваат од ризикот и одговорноста, а сето тоа поради нејзината сложеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни врнежи во Прилеп, патот Охрид-Свети Наум во целосен прекин поради одрон

Обилни врнежи од дожд попладнево го зафатија Прилеп, Охрид и југозападниот регион.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп.
Од страна на раководителот на РЦУК- Прилеп побарано е од ТППЕ Прилеп и ЈП Водовод да има дополнителна дежурна екипа доколку има потреба од дополнителни сили.
Во охридско пак, поради одрон на коловозот по невремето во целосен прекин е патниот правец Охрид-Свети Наум кај селото Љубаништа. Силното невреме во Охрид и охридскиот регион проследено со град предизвика и прекин на струјата во Љубаништа.
Македонија
Петкоски: Градоначалникот Коњановски нема да дозволи поради личните суети и политички игри на СДС да се загрозат интересите на граѓаните на Битола

Лицемерие, дрскост, импровизација и максимална деструктивност, почитувани граѓани, е она што најблаго може да се каже за СДС. За криминал и недомаќинско работење си дозволуваат да зборуваат оние што се уништија, продадоа и разграбаа, ни го уништија достоинството, дури го доведоа во прашање и најосновното – секојдневното обично преживување, вели Зоран Петкоски, советник во Советот на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тотално неспособни да се справат со економската и енергетската криза, државата ја доведоа до услови во кои секој нејзин граѓанин, води борба од ден во ден како да преживее или како да замине од овде, да обезбеди леб и основна егзистенција. Конечно сами признаа дека повеќе од шест години бесрамно лажат и ја пустошат и Битола и Македонија. Како не се срамат, не еднаш, ами два пати да го промовираат проектот за автопатот, односно дрско пред очите на сите се фалат со капитални инвестиции, кои не се ништо друго туку обезбедување личен капитал за Груби и Ковачевски – намесникот премиер, вели тој.
Според Петкоски, тоа е криминал, тоа е корупција, тоа е лично богатење, за кое набрзо ќе има и одговорност.
Ова што СДС го прави на локално ниво, во ништо не се разликува од нивната распадната централна врхушка во заложништво на ДУИ. Само овде има уште повеќе аматеризам и ситно партиско профитерство. Градоначалникот Тони Коњановски и ВМРО ДПМНЕ, секогаш ќе работат според позитивните законски прописи и ниту милиметар нема да отстапат од она што во заеднички сојуз со Вас, почитувани граѓани го зедоа како своја обврска вели Петкоски.
Градоначалникот Коњановски, нема да дозволи, како градоначалник на сите жители на општина Битола, политичките игри и личните суети, партиската дрскост на СДС, да ги загрози интересите на граѓаните и функционирањето на локалната самоуправа, уште повеќе кога тоа се прави на штета на сите граѓани и неодговорно и незаконски! Градоначалникот Коњановски, максимално ги прави и ќе продолжи да ги прави сите напори, во услови на страшна економска криза, во услови на ужасни состојби во државата, општина Битола да функционира и да реализира проекти од севкупен заеднички интерес.
Јавните претпријатија и натаму ќе продолжат континуирано да бидат вистински сервис и со заеднички усилби да ги надминуваат предизвиците, вели Петкоски.
Македонија
(Галерија) Мртви риби во езерцата во Градски парк

Поранешното место за уживање во Градски парк е оставено на милост и немилост на природата и несовесните граѓани.
Минувачите се револтирани од глетката на мртви риби на површината на езерцата.
Наместо да се ужива во убавината на водата и зеленилото, грда е глетката на валкана вода, ќеси, пластика кои пловат по езерцата.
Граѓани кои се секојдневно тука велат одамна не се исчистени езерцата и бараат од градоначалничката Данела Арсовска да се фати за работа.