Контакт

Истражувања

(Видео) Полицаецот од Охрид што го казни 800 евра командирот е цел на одмазда, местенки и мобинг

Објавено пред

Стевче Стевоски, полицаецот од Охрид кој стана познат во јавноста оти пред две години го казни својот командир со 800 евра за сообраќајни прекршоци, денес е рекордер по примени пријави. Против него се поднесени над 70 пријави по разни основи бидејќи го навлекол гневот од претпоставените и од колегите. Не им останал должен и тој. Во матичната полициска станица во Охрид поднел над 50 претставки, во кои открива и посочува докази за корупциски скандали во полицијата. По тридецениска служба во полицијата во Охрид, вели дека е време да ги отворат картите со МВР.

За „Макфакс“ објасни како казнувајќи ги своите шефови, колеги и високи функционери на МВР, кои го кршеле законот, станал цел на местенки, континуиран мобинг и закани. Вели дека поради честите казни со намалување на платата, бил оштетен 30 илјади евра затоа што работел според своите надлежности, а не според наредбите од старешините.

„Јас во своето работење се соочив со одредени полициски службеници, пред сè непосредните старешини, кои злоупотребувајќи ја својата службена должност, стекнуваа енормно висок износ парични средства, голем имот, многу пари, а сето тоа на штета на граѓаните на Охрид. Поради сето ова, јас се спротивставував, пишував претставки до внатрешната контрола при МВР, пишував пријави до Јавното обвинителство во Охрид, пишував секаде, но, за жал, државата затаи. МВР функционира на папагал-принцип, каде што непосредните старешини се над законите, над Уставот и тука не успеав да ги победам, но, сепак, борбата продолжува понатаму“, вели полицаецот Стевоски.

Кариерата му ја запечатила казната за командирот. Кусо време откако ја пишал казната, поради друг настан за кој тврди дека му е наместен, му го одземале службениот пиштол. Од тогаш ниту му го враќаат, ниту му даваат обврски.

Контролирајќи го сообраќајот, во август 2016 година, рано наутро, го фатил командирот како престигнува на полна лента со нерегистрирано возило. За разлика од колегите, кои биле спремни да замижат, Стевоски му пишал казна на командирот од 800 евра, 300 за престигнувањето на полна линија и 500 евра за нерегистрираното возило.

„И претходно имаше дисциплински постапки против мене бидејќи има докази дека сум ги пријавувал моите надредени за лихварство, изнуди, друг вид криминал, за преквалификација на кривични дела вршени за лични интереси, но најголемиот проблем се појави кога го чепнавме МВР во срцето“, вели Стевоски.

Внатрешната контрола, наместо да постапува да ги утврдиме фактите, таа против мене поведе дисциплинска постапка со образложение дека сум сторил кривично дело и поднесе кривична пријава бидејќи тоа сум го сторил од лични причини. Зар јас на некого сум му дозволил 16 години да не регистрира возило?! Зар јас на тој некој му наредив во 6:55 часот да се движи и да престигнува други возила“, тврди Стевоски.

Јавниот обвинител ја отфрлил кривичната пријава, а дисциплинската комисија го казнила со 15 отсто помала плата четири месеци по ред.

За да го привлече вниманието на внатрешната контрола во МВР, од која барал да го провери криминалот што го пријавува, Стевоски штрајкувал со глад. Но, и тоа не било доволна причина, како што вели, за да дојдат и да ги проверат неговите тврдења.

„Во мојата полициска кариера јас имам поднесено над 50 претставки. Ниту еднаш не дојдоа, со тие луѓе јас не сум се видел. Зошто тие луѓе бегаат од мене сите овие години? Заслужувам повеќе внимание, треба со МВР еднаш да ги отвориме картите. Во својот 30-годишен мандат како полицаец се обидував да работам во согласност со позитивните законски прописи во оваа држава, не се надевав на ваков крај, но тоа е Македонија“, вели Стевоски.

Наместо признание за професионалноста вели дека бил деградиран и прераспределуван на работни места на кои нема пристап до пријавите што ги поднесуваат граѓаните. Со тој чекор Стевоски смета дека високите структури во Министерството се обиделе да се заштитат за да продолжат со незаконски постапувања. Тој сведочи дека службениците што биле обвинети дека правеле кривични дела денес се унапредени на високи функции во Министерството.
Од Министерството за внатрешни работи не се расположени да разговараат за пријавите од Стевоски, како и за пријавите против него.

За сите случаи поврзани со охридскиот полицаец од МВР добивме само кус коментар: „Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди секогаш постапува кога има индиции за сторена повреда на работниот ред и дисциплината, а во согласност со своите надлежности“.

Следно: Затвориле жена во казан за варење храна, па сакале да го прикријат случајот



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) Турците ем градат кај Стара железничка ем плаќаат казна од 2 милиона денари месечно

Објавено пред

Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по  2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражување на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.

„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.

„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.

Следно: „Лимак“ го изигра Градот, гради хотел место прво да ја изгради подземната сообраќајница

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици

Објавено пред

Цигари, влажни марамчиња, мирисливи свеќи, калап за печење мафини, решо, дрвени лажици, чајник, се дел од работите што Општина Арачиново ги купувала со буџетот за репрезентација, кој најчесто е предвиден за службени ручеци, посети на странски делегации и работни состаноци.

До ноември минатата година Општина Арачиново потрошила околу 7 илјади евра во ресторани и кафеани, но повеќето од трошоците немаат допирна точка со репрезентација.

Па, така, редовно во Општината се купувале кроасани „севн дејс“, влажни марамчиња, мирисливи свеќи од лаванда, ванила, портокал, релаксирачки освежувачи за простор, кремови за раце… Општината трошела и за овошје, се купувале банани, ананас, киви. Од парите за репрезентација се издвојувало и за средства за чистење стакло, ламинат, „доместос“, влажни марамчиња, солна киселина, бришачи за стакло.

Но, не се застанало тука, па Општината решила да се поднови и во делот на домаќинството – минатата година во јануари Арачиново се подновило со решо, дрвена лажица, чајник, тацни и лажици за чај, калап за печење мафини и 5 алуминиумски овали.

Иако парите за репрезентација по правило се користат за ручеци и вечери кога доаѓаат странски делегации или претставници на државни институции, Општина Арачиново ги трошела на маслинки, пилешки шунки, руски салати, гуми за џвакање, димено месо, босански суџук, шеќер, чоколади. Еден ваков шопинг Општината ја чинел од 7 до 8 илјади денари.

Поголем дел од парите бил трошен во ресторани и кафеани, но во документите не пишува кој јадел и пиел ниту, пак, со каква цел бил одржан ручекот или вечерата, а само за дел може да се види што било нарачувано со парите. Најчесто сметките изнесуваат од 50 до 100 евра, но има и сметки од 500 евра за ручек или вечера.

Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими, два дена не беше достапна да одговори на нашите повици и да образложи дали со парите за репрезентација се купувале работи за домашна употреба или, пак, калапите за печење мафини биле за потребите на Општината.

Трошоците за репрезентација во општините не се регулирани на национално ниво, а само некои од општините имаат донесено правилници во кои се регулира како треба да се трошат парите за оваа намена.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија53 минути

Ќосето до Ѓорчев: Требаше досега да ги посетиш фамилиите на затворените за 27, а не откако најави кандидатура за претседател

Горан Ангелов – Ќосето обвинет за случувањата од крвавиот четврток, преку социјалните мрежи му се обрати на пратеникот Влатко Ѓорчев...

Македонија55 минути

Агенцијата за медиуми го испитува сопствеништвото на 1ТВ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми поведува постапка против 1 ТВ поради наводно скриено сопствеништво. На утрешната седница на дневен...

Македонија2 часа

СЈО бара да им биде продолжен куќниот притвор на Камчев и Мијалков

За сите осомничени во истрагата ,,Империја”, СЈО бара да им биде продолжен куќниот притвор бидејќи сè уште постојат причините за...

Македонија3 часа

Граѓаните на пешачки маратон во МРТ, лифтовите на поправка

Речиси една недела не работи ниту еден од четирите лифтови во зградата на Македонската радио-телевизија каде што се сместени и...

Регион4 часа

Грчките пратеници вечерва ќе гласаат за ратификација на договорот за името

Вториот ден од дебатата за преспанскиот договор, на пленарната седница во грчкиот парламент, ќе биде заокружена доцна вечерва, кога се...

Македонија4 часа

(Видео) Закани до обвинителите на СЈО: „Фатиме е наша, а на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“

Во кривичниот суд во Скопје повторно се одложи рочиштето за предметот на СЈО „Титанк 3“, во кој обвинети се Ејуп...

Македонија4 часа

Мијалков на 31 јануари ќе го испрашува свиркачот Лазаревски

Судењето за предметот „Таргет-Тврдина“, кое се однесува на незаконското следење на комуникации, е одложено за 31 јануари. Свиркачот Ѓорги Лазаревски...

Македонија5 часа

Каракамишева: Венециската комисија поради притисоците испрати писмо до Османи и Заев

Венециската комисија испратила писмо до Кабинетот за вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и до премиерот Зоран Заев во кое се...

Свет6 часа

Кинески воени авиони ,,покажувале сила” летајќи во близина на Тајван

Кинески воен авион „сухој Су-30“и транспортен авион „шансји Ј-8“ на Ослободителната војска на Кина (ПЛА) прелетале над каналот Баши меѓу...

Македонија6 часа

На 12 март одново ќе почне судењето за набавката на 300 полициски „шкоди“

На 12 март, во 10 часот, во кривичниот суд во Скопје одново ќе почне судењето за предметот „Триста“ на СЈО,...

Свет6 часа

Најмалку 5 мртви во заложничката криза во банка на Флорида

Вооружен напаѓач упаднал во банка во Флорида и се забарикадирал внатре, а потоа се јавил на бројот за итни случаи...

Свет7 часа

САД одбиваат да ги повлечат дипломатите од Венецуела

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, одби да ги повлече американските дипломати од Каракас тврдејќи дека владата што ги прекинала дипломатските...

Македонија22 часа

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не сакаат да се договорат за една изборна единица

Многуте повици од помалите партии за измени на Изборниот законик, со кои ќе се воведе една изборна единица и отворени...

Анализи22 часа

Политиката го подели СЈО на табори

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции....

Македонија23 часа

Ѓорчев: Не се грижам кој ќе биде противкандидат од СДСМ, тие го излажаа народот

Без да одговара на новинарски прашања, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев ја објави кандидатурата за претседател на државата. Тој повеќе...

Истражувања1 ден

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара...

Македонија1 ден

Врховните судии ќе расправаат дали СЈО може да отвора истраги и да презема предмети

Адвокати на обвинети во предметите на специјалното јавно обвинителство, преку неколку иницијативи, бараат од Врховен начелно правно мислење за постапките...

Македонија1 ден

Нимиц: Длабоки и опасни последици ако не успее преспанскиот договор

Специјалниот пратеник на Обединетите нации, Метју Нимиц, предупредува дека пропаѓањето на преспанскиот договор би имало опасни последици за двете страни,...

Свет1 ден

Шпанските спасувачи во трка со времето – ќе успеат ли да го извлечат двегодишното дете од бунарот

Шпанските спасувачи се во трка со времето и неизвесно е дали ќе успеат да го извлечат двегодишното дете кое пред...

Македонија1 ден

Протестот за воздухот в сабота за едни политички за други неопходен

Нова најава за протест против загадувањето на воздухот од синоќа ги подели скопјани на верници и луѓе кои повеќе не...

Досие