Македонија
Грковска – Папастергиу: Дигитализацијата и сајбер-безбедноста се процеси што мора да одат паралелно

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со министерот за дигитална политика на Република Грција, Димитрис Папастергиу, со кого разговараше за можноста за продлабочување на соработката во делот на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста.
Грковска, која го координира процесот на дигитална трансформација на општеството, информира дека нашата држава е во процес на подготовка на сите неопходни предуслови за воведување електронски документи за идентификација како основа за дигитална трансформација, а во интерес на обезбедување ефикасни, брзи и квалитетни услуги за граѓаните.
Со цел да се изгради систематски и долгорочен пристап кон дигитализацијата, додаде таа, формиран е Национален совет за дигитална трансформација, со кој претседава вицепремиерката Грковска, а во кој, покрај претставници од Владата и од опозицијата, вклучени се сите општествени субјекти.
Република Грција токму изминатиот месец ја промовира новата мобилна апликација, која ќе им помогне на граѓаните да вршат трансакции со јавниот сектор, без притоа да покажуваат никакви документи. Истовремено, една од главните реформи што во моментот ги презеде грчката влада е секој граѓанин на личните документи, покрај матичниот број, да има и уште еден персонален идентификациски број, кој ќе биде поврзан со посебна платформа преку која ќе се добиваат услуги.
Соговорниците беа согласни дека паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството мора да се посвети внимание и на сајбер-безбедноста бидејќи тоа е предуслов за успешна дигитализација.
Папастергиу информира дека Грција е во процес на воспоставување национален орган за сајбер-безбедност, со цел да се зајакнат капацитетите во оваа сфера.
Грковска го отвори и прашањето за потребата за оптимизација на процесите во јавниот сектор за што со министерот Папастергиу разменија мислење за грчкото искуство со дата-базата на Грција, во која се содржани овие процеси.
Обајцата се заложија Северна Македонија и Грција во наредниот период да ја продлабочат меѓусебната соработка и да ја зајакнат комуникацијата во делот на дигиталната трансформација на општеството бидејќи размената на искуства е клучна во градењето ефикасни и квалитетни политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Корумпираните судии и обвинители ги штитат тендер партнерите на СДС, ДУИ и мазут мафијата која го труела народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Обвинителите и судиите избрани во Мала Речица и Бихаќка го штитат криминалот на функционерите од СДС и ДУИ и мазут мафијата која користела канцероген мазут и го труела народот поради екстра профит. Трансакциони судии и обвинители избрани во Струмица и Зајас ги штитат политичките елити и моќниците од бизнис фелата, кои преку набавка на мазут за електрани и ТЕЦ Неготино сториле криминал тежок 167 милиони.
Тендер партнерите на СДС и ДУИ го труеле народот со канцероген мазут, а мазут мафијата изминатите пет години склучила вкупно 1776 договори за јавни набавки во вкупен износ од 137 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, мазут мафијата, додека го труела народот со канцероген мазут, екстра профитирала од криминално злоупотребените државни пари.
„Судскиот систем ги заштитува функционерите од СДС и ДУИ и не дозволува законите да функционираат еднакво за сите, а поради таквите одлуки довербата во правосудството е два проценти. Спрегата правосудство- СДС- ДУИ и мазут мафијата, мора да се прекине. Неопходни се суштински реформи во судскиот систем, владеење на правото и правдата мора да функционира. Неопходно е да се врати довербата на граѓаните во институциите“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Одговорноста за високите сметки на струјата е кај Владата на Мицкоски

„Мицкоски не може да избега од оговорноста за високите сметки за струја кои се покачени и до 30%. Високите сметки за струјата не се поради лошото читање на броилата туку поради лошото менаџирање од страна на владата. Тоа е клучниот проблем, неспособноста на власта која купува скапа струја на пазарот затоа што нема доволно домашно производство, а тоа го плаќаат граѓаните. Минатата година околу 240 000 мегават часови помалку нашиот домашен систем а се направил увоз од 36 милиони евра на грбот на народот. Затоа граѓаните плаќаат 30% поголеми сметки за струја“, велат од СДСМ и додаваат:
„Во време на светска енергетска криза, кога мегават час изнесуваше и до 550 евра граѓаните плаќаа помали сметки за струја, за разлика од денеска кога плаќаат повисоки сметки а мега ват час изнесува 120 евра. СДСМ поднесе закон за намалување на сметките на струја на граѓаните но Мицкоски и тоа го одби. Понатаму, во управниот одбор на ЕВН владин претставник е член на ДПМНЕ, Игор Гиевски. Во ЕВН ХОМЕ каде што се пресметуваат сметките е син на поранешен градоначалник на ДПМНЕ, Митревски. Сè е во рацете на ДПМНЕ, а Мицкоски не може да избега од одговорноста. Ова е нивен неуспех, нивна вина и нивна директна штета врз стандардот на граѓаните“.
Македонија
Без струја утре дел од општината Студеничани

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 15.00 часот, објектите лоцирани на депонијата Дрисла, како и корисниците лоцирани од влезот на село Батинци кон депонијата Дрисла, општина Студеничани.