Македонија
Костадинов: „Енерготек“ има 99 проценти удел во конзорциумот што добивал бизниси од владата
Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, денеска на прес-конференција обвини дека на виделина излегле шемите што актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги има со поранешниот премиер Никола Груевски.
Тој образложи дека конзорциумот „Минка – Енерготек“, во кој удел имал Христијан Мицкоски, добил согласност од владата на Груевски за користење вода и закуп на земјиште за изградба на хидроцентрали.
„Во 2015 година, кога Мицкоски бил советник кај неговиот ментор Груевски, конзорциумот во кој удел има Мицкоски токму од владата на Груевски добива државно земјиште од речиси 33 илјади квадратни метри за изградба на хидроцентрала. Хидро Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ повторно се фатени во лага. Но, очигледно, ниту антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не знае каде сè и колку точно удел има Мицкоски во компании и конзорциуми кои добиле тендер од владата на Никола Груевски“, рече Костадинов.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ првично тврдела дека Мицкоски има удел од 7 отсто во компанијата „Енерготек“ ДОО Скопје, а пред неколку денови истото тоа раководство тврдело дека Мицкоски имал удел од 7 отсто во сосема друга фирма -„Енергомонт“. Вчера, пак, рече Костадинов, раководството на ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека Хидро Мицкоски имал удел од 7 отсто во фирмата „Минка-Енерготек“.
„Денеска пред јавноста го презентираме вистинскиот процент на удел на антизападниот Мицкоски. Конзорциумот ‘Минка-Енерготек’ е составен од компанијата ‘Енерготек’ ДОО Скопје во која удел има Мицкоски и компанијата ‘Минка ДА’ ДОО Струмица. Во првичната сопственичка структура на конзорциумот, 60 отсто од уделите ѝ припаѓале на ‘Минка ДА’ ДОО Струмица, а 40 отсто на компанијата ‘Енерготек’ ДОО Скопје, во која удел има Мицкоски. Но, во втората половина на 2017 година во конзорциумот ‘Минка-Енерготек’ била направена промена на сопственичката структура, со пренос на уделите. Со таквиот пренос, ‘Енерготек’ ДОО Скопј“ на Мицкоски во конзорциумот ‘Минка-Енерготек’ има удел од 99 отсто, додека ‘Минка ДА’ ДОО Струмица има удел од само 1 (еден) отсто“, тврди СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.