Македонија
Мицкоски: На 27-ми април бев со луѓето кои протестираа
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот профил на „Фејсбук“ објави дека на 27-ми април, кога се случи насилството во Собранието, бил со народот.
„Гледам дека ја интересира власта каде сум бил на 27-ти април 2017 година. Иако и фотографиите кои ги објавија не кажуваат ништо повеќе од она што јас веќе претходно го соопштив за моето движење тој ден, само овој пат направија додадена мистерија и заокружени црвени кругови, сепак еве ќе повторам и директно одговорам. Јас на 27-ти април бев со народот, со луѓето кои протестираа осумдесетина дена претходно и кои со право беа загрижени за иднината на нашата Македонија. И доколку денес не ви беа црвените кругови кои ги заокружувате, доколку не ви беа полициските акции со кои се фалите, ќе немаше “колективна забава” во која само вие верувате, и веројатно уште посоголена, уште повидлива ќе беше неспособноста во која се давите“, напиша Мицкоски.
Тој и порача на власта дека не може толку да украде и сруши, колку што ВМРО-ДПМНЕ може да изгради. Мицкоски додаде дека кога народот ќе се собере на протести против оваа Влада, тој повторно ќе биде на нивната страна.
На „Фејсбук“ статусот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, му претходеше денешната изјава на Михаела Иванова од подмладокот на СДСМ, која покажувајќи фотографија од Христијан Мицкоски пред портите на Собранието за време на настаните, праша која била неговата улога тој ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.