Македонија
Училишната комисија не ја пријавила матурантката од Охрид за полагање, велат од Државниот испитен центар
На матурантката Тијана Силјаноска од гимназијата „Свети Климент Охридски“ од Охрид и’ било оневозможено да го полага првиот задолжителен испит од државната матура бидејќи таа не била пријавена од страна на матурската комисија на училиштето, велат од Државниот испитен центар (ДИЦ).
Од тука појаснуваат дека согласно законот учениците пополнуваат пријава во училиштата каде што се запишани најдоцна до 31 декември во годината. Потоа, следи процес на внес на податоците во база од страна на училишните матурски комисии, обработка и доставување на списоци со кандидати од страна на ДИЦ до училиштата најдоцна до 15 февруари.
Училишните матурски комисии, како што се објаснува, списоците со кандидати ги проверуваат, а ако имаат направено грешки ги корегираат и потоа со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ.
„Во случајов од страна на комисија на „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска“, се наведува во соопштението.
„Макфакс“ претходно објави дека на ученичката Тијана Силјаноска не и’ било дозволено да го полага првиот екстерен испит од државната матура оти нејзиното име го немало на спиокот, а за проблемот нејзиниот татко информираше преку медиумите.
Родителот кажа дека неговата ќерка сакала да се запише на факултет по физиотерапија во Словенија, но без матурата таа е спречена, а вината ја лоцираше кај администрацијата и директорката во гимназијата кои направиле грешка.
Од училиштето потоа кажаа дека жалат за проблемот, а нивна заложба е да излезат во интерес на матурантката и родителите. Од тука објаснуваат дека списоците за верификација на податоците за државна матура биле доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до ДИЦ.
На матурантката ќе и биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија, објавија синоќа од гимназијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј: Тие се наш патоказ за иднината
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.
Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.
Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Одбележување на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј
Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск.
Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Македонија
Сончево и топло време, попладне појава на краткотраен пороен дожд и грмежи
Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно време, наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и локална појава на невреме. Во понеделник се очекува преодно стабилизирање на времето, а од вторник во попладневните часови повторно ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.