Македонија
Адвокатот на газдата на „Беса транс“: Лажна исправа ниту е изработена, ниту е употребена, ниту постои, убеден сум дека пресудата не може да опстои
Асмир Алиспахиќ, адвокатот на сопственикот на „Беса транс“, во чиј автобус лани во Бугарија изгореа 45 патници, меѓу кои 12 деца, смета дека не може да опстои пресудата со која Беким Хаџиу доби една година и осум месеци затвор, глоба од 800.000 денари и четиригодишна забрана за превезување патници, која судот утрово му ја изрече за фалсификување исправа. Алиспахиќ вели дека судот не го покажал лажниот документ ниту, пак, покажал вешт наод и мислење поради што е убеден дека пресудата не може да опстои и најави жалба.
„За да се исполни битието на ова кривично дело фалсификување исправа, не само што е потребен материјален доказ, а тоа е вешт наод и мислење, напротив, треба да се исполнат и субјективните дејства што наводно ги презеле и правното лице и Беким Хаџиу. Во конкретната ситуација тоа отсуствува од причина што таа лажна исправа ниту е изработена ниту е употребена, а ниту постои. И сведоците и претставниците од Царинската управа и од Министерството за транспорт и врски потврдија дека правното лице во целост ги исполнувало условите за патување во домашни рамки, а и надвор од нашата држава. Од тука се поставува прашањето зошто воопшто се влегува и се поднесува вакво обвинение кога не може да се исполни битието на кривичното дело, на она што го потенцира и судијата, а тоа е кривично дело фалсификување исправа. Основниот елемент за ова кривично дело е постоење изработена лажна исправа употребена како вистинска. Во конкретната ситуација ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Јас сум убеден, како правник и како адвокат на Бедри Хаџиу, дека оваа пресуда не може да опстане онака како што е изречена во конкретната ситуација“, рече адвокатот Алиспахиќ по денешната пресуда.
Одбраната уште од самиот почеток, како што нагласи адвокатот Алиспахиќ, смета дека ова кривично дело не е воопшто поврзано со несреќата во Република Бугарија, туку е исклучиво кривично дело во делот на работењето на правното лице ‘Беса транс’.
„Ако направиме една компарација во делот на другите изречени судски одлуки и судски пресуди од ваков вид, иако казната е предвидена од една до пет години, како казна затвор, сметам дека во конкретната ситуација е превисоко одмерена. Не само во делот на постоењето кривично дело. Теоријата на одбраната ја знаете од самиот почеток и таа ќе биде презентирана пред повисоките судови“, најави адвокатот Алиспахиќ.
Кривичниот суд утрово за фалсификувана лиценца му изрече казна затвор од една година и осум месеци на сопственикот на „Беса транс“, а на правното лице му одреди глоба во висина од 800.000 денари и четиригодишна забрана за добивање лиценца за патен превоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС, со распределбата на ваучерите направен милионски криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Милионерот Дарко Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на Агенциојата за млади и спорт, АМС, со распределбата на ваучерите направен е милионски криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Каевски како директор на АМС, неговиот наследник Наумче Мојсовски и Даниел Димевски од МОК се гонат заради сомнежи дека како директори на Агенцијата, но и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на пари, со што го оштетиле Буџетот на државата, но и луѓето што имале законско право на тие пари, а не им биле доделени“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, во предметот на Државната комисија за спречување на корупцијата, врз основа на кој, како што известија медиумите, е поднесена пријавата и отпочната постапката се присутни сомневања дека спортските федерации, клубовите и спортистите добиваа ваучери, а одредена фирма ги реализирала под услов дел од парите да ги добие назад преку даночно ослободување.
„Сега е повеќе од јасно зошти Каевски беше најжесток гласноговорник на СДС, повеќе од очигледно е дека интересот му бил голем. По оваа афера станува јасно зошто спортот во Македонија во последните 7 години е на историско најниско ниво. Наместо за развој на спортот, парите наменети за истиот се пренасочувани во криминални шеми, додаваат од партијата.
Македонија
Битиќи и кандидатите од ИЕ2: Со повисоки плати правично го вреднуваме трудот на работниците
„На овој Ден на трудот, но и во останатите 364 дена во годината ние сме рамо до рамо со вас. Вреднувањето на работникот е главен постулат на социјалдемократските вредности за кои и се боревме овие седум години. Достоинствен живот за секој работник и работничка во нашата Македонија“, вели во видео обраќањето Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2, по повод 1-ви мај – Денот на трудот.
Во празничното обраќање Битиќи заедно со дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2 (Марко Михаиловски, Анета Здравковска, Билјана Муиќ) кажуваат дека обезбедено е трудот не само да се цени, туку и правично да биде награден.
„Заеднички ја браневме нашата заедничка социјална кауза. Како Влада дадовме приоритет на растот на платите во сите сектори подеднакво, затоа што тоа е најважно за поттикнување на правичен социо-економски развој. Успеавме просечната плата двојно да ја зголемиме од 2016 година на речиси 40.000 денари“, кажуваат кандидатите, притоа потсетувајќи дека минималната плата од 10.000 денари во 2016 година, во март 2024 година изнесува 22.500 денари, што е зголемување од 125 проценти.
„Ние се погриживме животниот стандард да остане не само недопрен, туку и подобрен во услови на инфлација“, велат кандидатите и кандидатките и нагласуваат дека овој раст не е случаен, туку дека тоа е резултат на намерна политика насочена кон подигнување и заштита на животниот стандард на работниците и работничките, политика на системски решенија.
„Нашата посветеност на социјалдемократијата обезбеди растот на платите да е изолиран од партиски интереси. Трудот никогаш повеќе нема да биде пион во политичките игри, а ние цврсто стоиме да ги заштитиме правата на сите работници и работнички без оглед на етничка, религиска или партиска определба. Честит нека е денот на трудот“, вели Битиќи заедно со дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2.
Македонија
Од денеска жичницата на Водно ќе работи два часа повеќе од досега
Од ЈСП Скопје информираат дека дека поради празникот 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред.
Од 7 до 14 часот ќе работат билетарниците: на Транспортен центар и во Ѓорче Петров.
Од денеска, Жичницата ќе работи два часа повеќе од досега, односно од 10 до 20 часот. Од 19-19.30 часот е последно возење од долу кон врвот, додека во 19.45 часот е последно возење од врвот надолу. Работното време е согласно со Одлуката за работно време на Жичницата во период мај – септември.
– По повод претстојниот државен празник „Ден на трудот“, од „Паркинзи на општина Центар“ известуваат дека паркиралиштата со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе бидат без наплата за сите граѓани.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата ќе продолжи на 02.05.2024 година (четврток) со вообичаено работно време.