Македонија
(Видеодебата) Извршителите надвор од контрола на државата – граѓаните сами во битката со блокирани сметки
Минатата недела во јавноста се појавија документи од апсурдни наплати на извршители што направиле извршување на суми од 1 и 3 денари за кои побарале 12 илјади. Исто така, народниот правобранител во својот годишен извештај посочи дека има многу преставки на граѓани кон кои се прекршени правата од страна на извршителите, а тарифникот на извршителите, пак, утре ќе се најде пред Уставниот суд.
Не стивнуваат реакциите на граѓаните што се справуваат со големи последици од блокираните сметки и присилната наплата, а граѓанските асоцијации продолжуваат со битката и остануваат на барањата итно да се направи мораториум на Законот за извршувањето и негова целосна ревизија за да се утврдат регуларноста и последиците врз економската состојба на граѓаните.
На оваа тема овој пат во „Макфакс“ гостуваа Славко Лазовски, економист и граѓански активист, и граѓанскиот активист Фарук Омерагиќ, кој самиот поминува низ финансиска голгота предизвикана од спорниот закон. Поканата за гостување ни ја одбија претставници од Народната банка на Република Македонија и од Министерството за финансии со образложение дека Законот за извршувањето не е во нивна надлежност.
Според Лазовски, кој голем дел од професионалната кариера ја поминал во Министерството за финансии, во Законот за извршувањето има низа нерегуларности, а овој случај, каде што е направена наплата врз 1 денар, нема никаква финансиска логика, освен што на извршителот тоа му го дозволил законот.
„Иако извршителите велат дека тие само го спроведуваат законот и не смеат да одбиваат предмети, тоа не е точно. Тие секако дека може да поништат вакви апсурдни наплати и, на крајот на краиштата, нивна работа е да ги штитат интересите на граѓаните како на доверителот така и на должникот“, вели Лазовски.
Омерагиќ рече дека се обидел да најде низ историјата случај каде што е направена наплата врз основниот долг, која е 12 илјади пати поголема, и пребарувал и стотици години низ правниот систем на разни уредувања, но вакво нешто не нашол.
„Вакви драконски наплати на долгови нема ниту во феудални уредувања ниту во монархии, па ни во робовладетелства. Ова е апсурд над апсурдите, што се коси со здравиот разум. Никој не води сметка за страшните последици врз економската состојба на граѓаните кои не можат да кренат глава од извршителите“, рече Омерагиќ.
И додека некои институции се оградуваат и се сметаат за неповикани да се изјаснат во врска со Законот за извршувањето, поточно сите го посочуваат Министерството за правда, граѓаните ги плаќаат последиците и своите права им останува да ги бараат преку граѓанските асоцијации. (А.В.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Таравари уште размислува дали ќе биде министер за здравство: „Можноста не е исклучена, но не е дефинитивна“
Арбен Таравари, еден од партнерите на коалицијата „Влен“, а кој моментно е градоначалник на општина Гостивар, сѐ уште не одлучил дали ќе биде во идната влада како министер.
Тој потврди дека некои од пишувањата на некои медиуми за поделбата на владините ресори и службените места се точни. Според Таравари, конечниот договор меѓу идните владини партнери, „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе биде објавен денеска или утре, стои во напишаниот допис.
„Алијансата ќе има двајца министри, вицепремиер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменик-министри, како и двајца државни секретари, и тоа заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство. Државен секретар за здравство и уште еден на кој сега не ми текнува“, изјави Таравари.
Таравари вели дека сѐ уште не се дефинирани имињата на кадрите што ќе бидат назначени на овие позиции.
Запрашан дали ќе биде следниот министер за здравство, тој рече дека не одлучил и сѐ уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција. „Не е исклучена можноста, но не е дефинитивна“.
Таравари ги коментира и резултатите од прегласувањето и истакна дека тие воделе на 8 мај и сега, како што рече тој, се во голема предност.
„ДУИ може да ги обжали резултатите, но резултатите се такви. Тоа беше очекувано и сега бранот промени не може да се запре, па ДУИ мора да го прифати резултатот. Граѓаните сега се ослободени, гласаат малку послободно од порано и посакувам ДУИ да ја прифати оваа реалност. Сега ‘Влен’ има еден пратеник повеќе, ДУИ еден помалку“, изјави Таравари.
Македонија
Црква изградена во 1874 година настрада од минирањата на „Бехтел и Енка“, велат од партијата Левица
Во селото Ореовец (Прилепско) се наоѓа црквата „Св. Димитрија“, која е гробиштен храм изграден во 1874 година. Црквата претрпе огромни штети по вршењето на минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, велат од партијата Левица.
„Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект. Во Црквата има фрески постари од 150 години – дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку тие претставуваат и богато културно наследство за овој крај.
Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на Црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење.
Покрај штетата на Црквата, од минирањето: загрозени се извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп со вода; оштетени се куќи во селото Ореовец; се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни.
Прилепчани десетина дена прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машини и работници да продолжат со минирање и ископување. Пратеникот од редовите на Левица – Сашко Јанчев, присуствуваше на протестите и даде поддршка на блокадата.
Левица претходно го блокираше спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка” со илјадници амандмани. Сега најавуваме дека нашите активисти се спремни веќе и физички на терен да ја поддржат борбата на граѓаните“, соопшти партијата Левица.