Македонија
(Видео) Димитриевски во Карпош и Центар: Притисоците нема да ме одвратат од намерата да ги промениме нештата во нашата Македонија
Максим Димитриевски, претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, денеска е во Скопје.
Во изјавата за медиумите тој потенцира дека води позитивна кампања, се среќава со голем број на граѓани и отворено разговара за неговата Програма Манифест за Македонија и секојдневните проблеми на граѓаните.
„Одѕивот е голем, интересот и за мене како претседателски кандидат и за Движењето ЗНАМ- За наша Македонија, како пполитички субјект, секојдневно се зголемува“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека и покрај тоа што водат позитивна кампања, притисоците на власта од ден на ден се зголемуваат.
„Тие притисоци се насочени првенствено кон нашите членови и активисти, дополнително кон граѓаните од ниските социјални слоеви, а и директно кон мене како претседателски кандидат. Бидејќи беа покренати поголем број на фингирани постапки иницирани од поединци коишто се блиски до власта, конкретно со случајот за кривичниот прогон“, рече тој.
„Јас и покрај сите притисоци ќе го дадам мојот максимум да ја презентирам мојата програма во целост пред граѓаните на територијата на целата држава. Веќе успеавме да посетиме поголем број на населени места и се сретнавме со луѓе кои даваат огромна поддршка. Денеска сме тука во Скопје, во општините Карпош и Центар и ќе оствариме поголем број средби со граѓаните на кои ќе им ја доставиме нашата изборна програма. Верувам дека до крајот на кампањата ќе успееме да го посетиме секој дом и да ги увериме граѓаните дека нештата можат да бидат поинакви“, потенцираше Димитриевски.
Запрашан со какви притисоци се соочува тој и членовите на Движењето, Димитриевски одговори дека се тоа непринципиелни методи, обиди за притисоци од аспект на вработени во јавна и државна администрација, а луѓе од ниските социјални слоеви добиваат нерпистојни предлози.
Тоа, рече тој, е нешто што се случувало и во минатото.
Димитриевски во однос на неговиот случај одговори со прашање: „Дали имало случај во државата досега, против било кој од досегашните претседателски кандидати, во еден неполн месец да бидат поднесени две обвиненија против него и да биде повикан два пати на обвинител и еднаш пред надлежен суд. Следното рочиште е веќе закажано на 30 април во текот на кампањата. Тоа е дополнителен притисок врз мене којшто има за цел да ме одврати од намерата во мојата борба, заедно со граѓаните да ги смениме нештата во наша Македонија и да ми одземе време во кампањата да не можам да се посвеатам на изборниот процес“.
Димитриевски во рамките на изборната претседателска кампања денеска и ќе има средби со граѓаните на општина Карпош и Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Мотивиран кадар во градинките дава резултати
Општина Центар и оваа година додели 12 награди и пофалници за најдобрите воспитувачки, негувателки, соработници и помошно-технички персонал од детските градинки.
,,Професионалниот, посветен и мотивиран кадар е од голема важност во процесот на воспитувањето, негата, квалитетното згрижување и образување на нашите најмали.
Раното детство е клучно за севкупниот развој на личноста. Затоа е од витална важност персоналот што работи во предучилишните установи да биде на ниво на задачата, а децата да се развиваат, растат и учат во средина што е стимулативна и безбедна. Само така ќе им обезбедиме успешен старт во животот.
Како Општина ќе продолжиме да ве поттикнуваме и мотивираме во таа благородна мисија“, истакна градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, честитајќи им на вработените за добиените награди.
Наградите во износ од 30.000,00 денари се доделени, согласно општинската Програма за здравствена, социјална заштита и заштита на децата, а врз основа на претходно утврдените критериуми за вреднување на работата на вработените во детските градинки во Општина Центар.
Настанот се одржа во матичниот објект на ЈУДГ „13 Ноември“, а беше организирана и детска ликовна изложба, при што за најдобрите трудови беа доделени пофалници.
Општина Центар секоја година доделува парични награди и благодарници за вработените во градинките што се истакнале во својата дејност, со цел дополнително да ги мотивираме сите оние што директно или индиректно придонесуваат во работата со деца, соопштија од оваа општина.
Македонија
Сајкоски по земањето на уверенијата од ДИК: До 28 мај очекуваме да се формира Собранието, а до средина на јуни нова влада
Денес, по покана на Државната изборна комисија, ги подигнавме мандатите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните уверенија. Со добивањето на уверенијата, до 28 мај очекуваме да се формира Собранието на Република Македонија, до средината на јуни очекуваме да ја имаме и новата влада во Република Македонија, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакам да изразам огромна благодарност до граѓаните на Македонија за поддршката што ѝ ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и за големата одговорност сакам да посочам дека ова е голема одговорност за нас како пратеничка група, како ВМРО-ДПМНЕ. Но, сакам да укажам дека ќе ја оправдаме оваа нивна дадена одговорност“, посочи тој и додаде:
„Меѓутоа, сакам исто да кажам дека во периодот што следува ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе се насочиме кон борба против криминалот и корупцијата и ќе се насочиме кон подобро образование и здравство и ќе дадеме надеж дека тука може да се живее, да се работи подобро од она што беше до сега. И многу бргу граѓаните на државата ќе го увидат тоа“.
Македонија
Повеќе од 100 отсто зголемен бројот на претставки за дискриминација во 2023 година, Комисијата се жали на ограничен буџет и малкумина вработени
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација минатата година добила двојно повеќе претставки во однос на 2022 година. Денес, Комисијата го презентира извештајот за работењето во 2023 година, кој бележи тренд на зголемување на бројот на претставките.
„Годинава, Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година. Тоа, веројатно, говори дека Комисијата добива видливост, дека граѓаните се поинформирани во однос на тоа каде треба да ја пријават дискриминацијата и дека институцијата добива уште повеќе доверба. Забележуваме тренд на повторување на истите области од дискриминацијата од претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работниот однос, образованиот процес и пристапот до образованите услуги и во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои се пријавува дискриминација“, рече претседателот на Комисијата, Игор Јадровски.
Во споредба со 2022 година, се забележува тренд на намалување на дискриминација врз национална и етничка припадност, меѓутоа пораст на оние случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
И покрај зголемениот обем на работа, Јадровски нагласи дека се соочиле со истите предизвици на кои се жалат трета година по ред, односно работат со ограничен буџет и малкумина вработени.
„Апелирам, пред сè, Собранието, кое го гласа буџетот, меѓутоа и другите надлежни институции, да имаат слух за овие предизвици. Комисијата, иако во 2023 година имаше и квантитативно и квалитативно двојно повеќе работа, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата сè уште останува со прилично лимитиран буџет. Сè уште континуирано се прекршува онаа финансиска независност на Комисијата, односно располагањето на буџетот на Комисијата, што директно е во колизија со законската поставеност на Комисијата како независно тело“, вели претседателот на Комисијата, Јадровски.
Во моментот Комисијата го подобрува пристапот до институцијата оти Јадровски вели дека сега се непристапни, а во периодот што следува најави дека ќе настојуваат да бидат поактивни, особено во областа образование, па апелираат да бидат вклучени во работните тела, кои ги подготвуваат стратешките закони.
Комисијата и натаму ќе притиска за вклученост во закони и политики што значат подобрување на принципот на еднаквоста, унапредување на еднаквоста и заштитата од дискриминација. Во следниот период очекуваат повторно да се активираат процесите за носење на законот за родова еднаквост и измените на законот за матична евиденција во делот за признавање на родот и чекаат Комисијата да биде препознаена како тело што треба да биде вклучено во работните групи.