Македонија
(Видео) Заев и Шекеринска ги пречекаа новите 125 професионални војници во АРМ
На свечена церемонија во Министерството за одбрана, 125 граѓани на Република Македонија денеска беа примени како професионални војници во Армијата на Република Македонија. На свеченоста претседателот на Владата, Зоран Заев, истакна дека тие се иднината, тие се безбедноста на Република Македонија.Тој посочи дека оваа генерација професионални војници треба да биде особено горда бидејќи е првата генерација војници кои ќе ѝ служат на својата земја како земја членка на НАТО-алијансата.
„Да се биде војник во земја членка на Алијансата значи да се работи во многу подобри услови, по стандардите на сојузниците на НАТО…Вие станувате дел од армија која е пример за регионот, армија која години наназад рамо до рамо со војските на земјите членки на НАТО учествува во мировните мисии на Алијансата и добива највисоки оценки“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека за само една година нашата земја го постигна она што никој не можеше да го предвиди. Пристапот кој обедини силна политичка волја, искрен дијалог и подготвеност за решенија овие денови ќе ни донесе повеќе радосни вести и позитивни одлуки. Истакна дека една од нив е најавената покана за Македонија да биде 30. земја членка на НАТО, следната недела.
„Следува време на промени и интензивен развој. Следуваат реформи во Армијата кои ќе се почувствуваат многу бргу. Вие сте носителите на тие промени, со својот млад дух и со својата професионалност и гордост како војници на Армијата на Република Македонија и на НАТО“, истакна премиерот Заев пред новите војници.
Шекеринска рече дека токму поканата за членство во НАТО следната недела ќе значи почеток на една ера на стабилност и безбедност за нашата земја. На новопримените 125 професионални војници им порача дека ја почнуваат нивната кариера во вистинско, крунско време, време на големи предизвици, модернизација и професионализација на Армијата, време во кое Македонија ќе ја унапредува одбраната и ќе го достигне стандардот на НАТО-алијансата.
„Во секој од вас 125 војници кој ќе ја носи униформата на Армијата на Република Македонија ја гледам промената која допрва треба да дојде. Вие сте тие кои треба да бидат олицетворение на резултатите и вредностите кон кои се стремиме и за кои работиме. Вашата генерација е посебна – имате привилегија, но и одговорност да бидете прва генерација на војници во Армијата кои речиси целосно ќе ја развиваат својата кариера во рамки на НАТО-сојузот“, рече министерката.
Шекеринска посочи дека граѓаните на Македонија го препознаваат придонесот на припаднците на Армијата, и затоа Армијата е институција која ужива најголема доверба помеѓу граѓаните. Додаде дека партнерите во светот имаат само зборови на пофалба и највисоки оценки за придонесот на припаднците на АРМ во мировни мисии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.