Македонија
(Видео) Коцевски: Спасовски за командир на граничниот премин Ќафасан поставил лице со издржана затворска казна за шверцување
Оливер Спасовски за командири на гранични премини поставува луѓе со издржана казна затвор за шверцување. За командири на гранични премини, наместо луѓе што ќе се борат против криминалот, се поставуваат луѓе што се искусни во правење криминал, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски.
„Пред само три месеци, на граничниот премин Ќафасан, за командир на граничен премин е поставено лицето Б.А. Ова лице веќе било на истата работна позиција пред десетина години во екот на големата полициска акција за шверцување добиток од Македонија во Албанија.
Се работи за аферата „Милка“, во која беа опфатени 31 лице, кои биле дел од организиран синџир за шверцување добиток. За оваа афера своевремено пишуваа и медиумите. Во рамките на осудените имало и полициски службеници, кои примале поткуп за да ја договорат патеката за шверцување и кои за тоа наплатувале по 3 и пол евра од килограм добиток“, рече Коцевски.
Тој додаде дека Б.А. издржал казна затвор од 3 и пол години како дел од синџирот за шверцување добиток, а дека сега повторно е командир на граничен премин.
„Лицето го извршило ова кривично дело заради позицијата што ја имало во МВР. Истото ова лице сега повторно се наоѓа на позицијата командир на граничен премин. Спасовски да каже како е можно ова лице, кое е правосилно осудено, со издржана казна затвор за шверцување, да се постави за командир на граничен премин? Дали на злосторникот му се дава можност повторно да го изврши кривичното дело? Која е пораката што ја испраќаат Спасовски и Ковачевски? Дали ова е борбата со криминалот и корупцијата? Спасовски да не чека и веднаш да го разреши лицето Б.А. од функцијата на која сам го поставил“, порача Коцевски.
Тој смета дека одговорност мора да има и од Спасовски.
„Ова не е прв скандал во МВР. 7 години е министер за внатрешни работи. 7 години безбедноста е на најниско можно ниво“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гласачите задолжително да се прашуваат дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори, Избирачките одбори да ги почитуваат законските одредби, апелира ДИК
Избирачките одбори да ги почитуваат законските одредби и задолжително да ги прашуваат гласачите дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори и тоа да го прават кон секој избирач, потенцираа од Државната изборна комисија.
Според комисијата на секој гласач тие треба да му ја објаснат процедурата на гласање.
Гласачот, како што прецизираа од ДИК, може да се појави на гласачкото место само еднаш и да го оствари своето право на глас.
„Не сакаме да ги исплашиме претседателите на изборните органи, но, доколку не се почитува правото на глас врз основа на Кривичниот законик, секој член на изборен орган кој го попречува гласањето или намерно го попречува гласањето на некој друг член ќе се казни со најмалку три години затвор“, рече Дитмире Шеху, потпретседателка на ДИК појаснувајќи дека од терен добиле информации дека дел од избирачките одбори не постапувале согласно нивните надлежности кои произлегуваат од Изборниот законик и подзаконските акти на Комисијата.
Потсети дека комисијата на вчерашна седница на јасен начин покажала кој е начинот на гласање и го презентирала упатството за начинот на гласање и за Парламентарни и за Претседателски избори.
„Од самото упатство, кое исто така, се наоѓа и во самите избирачки места се гледа начинот на кој гласачот треба да гласа, а исто така во тоа упатство е наведено и како гласачот и избирачкиот одбор треба да се однесува“, дополни Шеху.
Откако гласачот ќе се изјасни дали ќе гласа за едни или други избори, или пак и за Претседателските и за Парламентарните избори, тој оди на идентификација со биометрискиот уред, па го зема гласачкото ливче и се потпишува во избирачкиот список. Потоа го зема гласачкото ливче и нормално гласа сам зад параван, појасни.
„Затоа ги замолуваме сите избирачки одбори детално да ги почитуваат законот и сите наши подзаконски акти и да постапуваат врз основа на сите наши напатствија и наши подзаконски акти и согласно закконот“, рече таа.
Ова, како што рече, се однесува на неколку општини, неколку избирачки одбори, кај кои било реагирано.
Македонија
ДИК: До 13 часот за претседател гласале 302.158, на парламентарните 312.070 граѓани
До 13 часот пристигнати се податоци за одѕивот на гласачите за претседателските избори од 2.472 избирачки места. Од вкупно запишани 1.261.526 гласачи на овие избирачки места, гласале 302.158, односно 23,95 %.
Најголем одѕив во моментот за претседателските избори има во Крива Паланка – 46,44 %. Најмал одѕив за претседателските избори има во Липково – 3,28 %.
Во споредба со вториот куг од претседателските избори во 2019 година имаме зголемување на одѕивот од 3,49 % на овие избори, А во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2024 имаме намалување од 0,7 %.
До 13 часот пристигнати се податоци за одѕивот на гласачите за парламентарните избори од 2.348 избирачки места. Од вкупно запишани 1.207.922 гласачи на овие избирачки места, гласале 312.070, односно 25,84 %.
Најголем одѕив во моментот за парламентарните избори има во Кривогаштани – 48,65 %. Најмал одѕив за парламентарните избори има во Маврово и Ростуше – 11,91 %.
Во споредба со парламентарните избори во 2020 година имаме зголемување на одѕивот од 2,03 % на овие избори.
Одѕивот по изборни единици за парламентарните избори е следен:
Изборна единица 1 – 31,18 %
Изборна единица 2 – 23,91 %
Изборна единица 3 – 29,18 %
Изборна единица 4 – 26,40 %
Изборна единица 5 – 25,04 %
Изборна единица 6 – 16,71 %
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 313 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 105 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 9 приговори се отфрлени како неуредни, а 40 приговори се одбиени. Другите приговори се во обработка.
Овој изборен ден го набљудуваат 1.303 домашни набљудувачи, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари.
Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44, на кој заинтересираните граѓани може да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Исто така, активна е и видеолинијата на бројот 076 488 360, преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе може во текот на изборниот ден преку видеоповик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик.
Македонија
Засега мирен изборен ден и за обвинителствата, Бајрами чека кривични пријави по сомнежите за изборен поткуп во Охрид и Крива Паланка
Во согласност со информациите добиени од јавните обвинителства во целата држава, денешниот изборен ден, на кој се гласа на парламентарните и на вториот круг од изборите за претседател, до овој момент, генерално, поминува мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, рече Џељаљ Бајрами, претседател на Комсијата на Обвинителството за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите. Од почетокот на гласањето утрово до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места, а кои би имале елементи на кривично дело.
„Во текот на вчерашниот ден веќе известивме дека по поднесена пријава во ОЈО Велес, со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција, беше оформен предмет во ОЈО Велес за две лица. За едното веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција, кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време ОЈО Велес веќе презема дејства за проверка на наводите што се однесуваат на изборен поткуп. Исто така, известувања за сомненија за поткуп на гласачи беа примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства. Доколку биде поднесена пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејства на проверки“, вели обвинителот Бајрами.
Поради малиот број настани кои би можеле да имаат обележја на кривично дело, Бајрами цени дека може да се даде генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент минува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес. Електронска адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело, кое би можело да го наруши текот на изборите. И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а координации се прават и со други институции надлежни за следење на изборниот процес. Сите евентуални сомненија за кривични дела, кои би можеле да го нарушат изборниот процес, ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.